Ракописот отпечатен овде - придружното писмо до Браке како и критиката на нацртот на програмата - беше во 1875, малку време пред Готскиот конгрес на обединувањето[1] , испратен до Браке за да им го соопшти на Гајб, Ауер, Бебел и Либкнехт и потем да му го врати на Маркс. Бидејќи Халскиот партиски конгрес ја стави дискусијата на Готската програма на дневен ред на партијата[2], мислам дека ќе е прикривање од мене ако овој важен - можеби најважен - документ што засега во оваа дискусија и понатаму би го криел од јавноста.
Но ракописот има и едно друго и подалекусежно значење. Овде за првпат јасно и непоколебливо е изложено Марксовото становиште кон правецот по кој тргна Ласал започнувајќи ја својата агитација, и тоа во однос кон економските принципи на Ласал и во однос на Ласаловата тактика.
Безобѕирната острина со која овде се расчленува нацртот на програмата, неумоливоста со која се изречуваат добиените резултати и се откриваат слабите места на нацртот - сето тоа денес, по петнаесет години, не може веќе никого да повреди. Специфични ласаловци постојат само уште во странство како изолирани урнатини, а Готската програма ја напуштија во Хале дури и нејзините творци како крајно незадоволителна.
И покрај тоа, јас некои остри изрази и судови за одделни лица, таму каде што тоа беше безразлично за самата работа, ги испуштив и ги заменив со точки. Маркс самиот би го сторил тоа кога ракописот би го објавил денес. Жестокиот тон на некои места од ракописот беше предизвикан од две околности. Прво, Маркс и јас бевме со германското движење сраснати потесно отколку со кое и да било друго; решителниот чекор назад што идеше на показ во оваа нацрт-програма мораше нас, значи, особено силно да нè вознемири. Второ, ние тогаш, одвај две години по Хашкиот конгрес[3] на Интернационалата, водевме најжестока борба со Бакунин и неговите анархисти, кои нас не правеа одговорни за сето она што се случуваше во работничкото движење во Германија; ние моравме, според тоа, да очекуваме дека ќе ни се подметне и тајно татковство на таа програма. Овие обѕири сега отпаѓаат, а со нив и неопходноста на односните места.
И поради законот за печатот некои реченици се набележани со точки. Таму каде што морав да одберам поблаг израз, тој е ставен во аглести загради. Инаку отпечатокот е буквален.
Лондон, 6 јануари 1891 Ф. Енгелс
Забелешки на преведувачот
[1] На конгресот во Гота (22-27 мај 1875) се обединија двете тогашни германски работнички организации: Социјалдемократската работничка партија, основана од В. Либкнехт и А. Бебел во 1869 година (т. н. ајзенаховци) и ласаловскиот Општ германски работнички сојуз под раководство на Хазенклевер, Хазелман и Тедке во Социјалистичка работничка партија на Германија.
[2] Конгресот на германската социјилдемократија во Хале на реката Зале на 16 октомври 1890 година, на предлог на В. Липкнехт, главниот автор на Готската програма, реши за следниот партиски конгрес да се изработи нацрт на нова програма. Новата програма беше усвоена во октомври 1891 година на конгресот во Ерфурт („Ерфуртска програма").
[3] Хашкиот конгрес на Првата интернационала (септември 1872) се одвиваше во знак на борба против бакунинистиге. Мнозинството од конгресот застана на страната на Генералниот coвет на чело со Маркс. Бакунин беше исклучен од Интернационалата.