Првпат објавено: Howard Zinn, "The Problem is Civil Obedience" (November 1970). Првпат објавено во Hugh Davis Graham, ed., Violence: The Crisis of American Confidence (Baltimore: Johns Hopkins Press, 1971), pp. 154-62.
Извор: History Is A Weapon
Превод: Окно
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2019
Почнувам од претпоставката дека светот е свртен на глава, дека сите работи се погрешни, дека погрешни луѓе се во затвор, дека погрешни луѓе се на власт, а погрешни луѓе немаат власт, дека богатството во оваа земја и во светот е распределено на таков начин што не бара мала реформа, туку драстична прераспределба. Почнувам од претпоставката дека за оваа тема не треба да се зборува многу, бидејќи е доволно да се размисли за состојбата на светот денес за да сфатиме дека работите се поставени на глава...
...
Ако не размислувате, ако само слушате што се зборува на ТВ и читате научни расправи, вие всушност почнувате да мислите дека работите не се толку лоши или дека само малку работи се погрешни. Меѓутоа, мора за момент да се одвоите од сѐ, а потоа да се вратите назад и да го погледнете светот – и ќе ве фати ужас.
И нашата тема е поставена на глава: граѓанска послушност. Кога велите дека темата е граѓанската непослушност, всушност зборувате дека нашиот проблем е граѓанската непослушност. Тоа не е наш проблем. Нашиот проблем е граѓанската послушност. Нашиот проблем се луѓето ширум светот кои послушно ги прифаќаат наредбите на власта и одат во војни, а милиони луѓе гинат поради оваа послушност... Ние го гледаме тоа кај Германија под нацистите. Знаеме дека проблемот во тој случај била послушноста, дека луѓето му се покорувале на Хитлер. Тоа било погрешно. Требало да го предизвикаат, требало да му се спротивстават; и ако ние бевме тогаш таму, ќе им покажевме како. Дури и за Русија, за времето на Сталин, го разбираме тоа; луѓето се послушни, сите тие народи што се како стада.
...
Ги памтите оние стари лоши времиња кога луѓето биле експлоатирани од феудализмот? Сѐ било ужасно во Средниот век – но сега ја имаме западната цивилизација, владеењето на правото. Владењето на правото ја регулира и максимизира неправдата која постоеше пред владеењето на правото. Тоа е она што го направи владеењето на правото...
Кога во сите земји во светот, владеењето на правото е милениче на власта и несреќа за народот, треба да почнеме да го препознаваме тоа. Мора да ги надминеме националните граници во нашето размислување. Никсон и Брежњев имаат многу повеќе заедничко меѓу себе отколку што ние имаме со Никсон. Џ. Едгар Хувер има многу повеќе заедничко со шефот на руската тајна полиција отколку што има со нас. Меѓународната посветеност на законот и редот е она што ги спојува сите светски водачи. Затоа секогаш сме изненадени кога се среќаваат – се смеат, се ракуваат и пушат пури, тие навистина се сакаат еден со друг, без разлика што зборуваат...
...
Она што се обидуваме да го направиме, претпоставувам, е навистина да се вратиме на принципите и целите и духот на Декларацијата за независност. Тој дух е да се пружи отпор на нелегитимната власт и на силите кои на луѓето им го одземаат правото на живот, слобода и потрага по среќа. Под тие услови, Декларацијата им дава право на луѓето да го променат или укинат таквиот облик на владеење – а нагласокот бил на укинувањето. Но, за да ги воспоставиме принципите на Декларацијата на независноста, ќе мора да излеземе надвор од рамките на законот, да престанеме да ги почитуваме законите кои од нас бараат убивање или кои го распределуваат богатството онака како што го прават или кои ги ставаат луѓето во затвор поради ситни технички повреди, додека во исто време држат надвор од затвор други луѓе што направиле енормни злосторства. Мојата надеж е дека ваквото размислување ќе завладее не само во оваа земја, туку и во другите земји, бидејќи на сите нив им е потребна. На луѓето во сите земји им е потребен духот на непослушност кон државата, која не е некоја метафизичка работа, туку работа на сила и богатство. А нам ни треба некој вид Декларација за меѓузависност меѓу луѓето од сите земји од светот кои се стремат кон истата цел.