Моник и Ролан Вејл

Дури и ако укинувањето на капитализмот не би било доволно...


Првпат објавено: Jean Ziegler, Le livre noir du capitalisme, Pantin, France: Le temps des cerises, 1998, 427 pp.
Превод: Томислав Захов (од француски)
Онлајн верзија: јули 2024


„Капитализмот носи војна во себе
како што облакот носи бура.“
Жан Жорес

Прво еден афоризам: „Ама ајде! Секогаш имало војни и секогаш ќе има“. А потоа неговото докажување: „Видете што се случи во социјалистичките земји.“

Вистина е дека отсекогаш имало војни, војни меѓу племиња или етнички групи, меѓу кнежевства и меѓу држави. Моќниците со сила ја наметнувале својата доминација врз населението за да ги освојат нивните земји, да им го одземат богатството и да ги поробат мажите и жените. Војната е само едно од средствата за доминација на моќните над слабите.

Со капитализмот војната добива други димензии, друго значење. Престанува да се одвива на локално ниво за да биде глобална, планетарна... А утре? Космичка? Таа добива постојан карактер. Ова започнува со економска војна, идеолошка војна, придружена со мерки за ембарга, како и со други предуслови, конфликти со „низок интензитет“ и сериозни локални конфликти способни за генерализирање низ целиот свет. Откако ќе се „заврши“, војната продолжува како што видовме и гледаме со Заливската војна, победничките Соединетите Американски Држави му наметнуваат на ирачкото население блокада која е посмртоносна и од самата војна. Војната постојано влијае на светот до таа мера што, како температурата за болеста, војната сега се мери во степени: топла или студена војна, нова студена војна меѓу земјите од Северот и земјите од Југот, кои ја заменија старата студена војна меѓу Истокот и Западот.

На крајот, војната (како локализираните војни) не штеди никого: жртвите се бројат во милиони, и воено и цивилно население, вклучително и деца (видете го извештајот на УНИЦЕФ). Употребата на сè пософистицирано оружје за масовно уништување не ги таргетира само воените сили, а исто така и блокадата, стариот метод на опсада што Соединетите Држави веќе го заговараа во минатиот век во однос на Куба кога сакаа да ја заменат својата доминација со онаа на Шпанците. Дневната заповед испратена во 1898 година од државниот секретар за војна Бекенбриџ до генералот Мајлс кој командува со американските експедициски сили во Куба вреди повторно да се цитира, бидејќи ги открива методите што се користат за воспоставување доминација над народите: „Мораме да ја исчистиме земјата, дури и ако мораме да прибегнеме кон средствата што Бога ги користел во Содома и Гомора. Мораме да уништиме сѐ што е во дометот на нашите топови. Мора да ја наметнеме блокадата чии последици со гладта и чумата ќе го намалат бројот на цивили и ќе ја десеткуваат армијата.“

Мора да одиме уште подалеку. Војната ги задоволува потребите на капитализмот. Просперитетна трговија со оружје генерира огромни профити, незаконски, криминални профити, којашто Фидел Кастро, во врска со трката во вооружувањето, ја осуди во својот говор на седмиот самит на неврзаните: „Овој геноцид од пропуст што човештвото го извршува секој ден осудувајќи илјадници луѓе со самиот факт што распределува толку многу ресурси со цел да развие други начини за нивно убивање.“

За многу приврзаници на капитализмот за кои „војната е подобра од невработеноста“, таа претставува идеално средство за намалување на невработеноста: жртвува бескорисни работници и, штом ќе се врати мирот, таа претставува извор на нови профити во реконструкцијата.

Но, војната е исто така, а можеби и пред сè, во внатрешната природа на капитализмот до степен до кој таа е палијативен инструмент за решавање на конфликтната конкуренција во тоа кој ќе ги контролира пазарите, каде што постојаното намалување на куповната моќ што го генерира законот за профит ги намалува особено достапните пазари за извоз на стоки.

Зарем тоа не е сè што значи формулата на Жорес? Дури и ако нејзиниот автор, првата жртва на војната 1914-18, не можеше да го знае одвратното масакрирање, а уште помалку можеше да ги замисли неселективните бомбардирања на цивилното население, изгорените градови и села (Орадур и Лидис), депортациите и логорите за истребување и употребата на нуклеарно оружје врз населението на два града во Јапонија иако беше спремна да капитулира. Но, несомнено се работи за толкување на реченицата на Жорес за да се извлече од неа она што тој не го кажал, дека би било доволно да се укине капитализмот за да се стави крај на односите на експлоатација и доминација и да се обезбеди среќа, слобода и мир на поединците и на народите. Можеме само да кажеме дека војната е својствена за капитализмот, што не значи дека тој има монопол врз неа. Ова едноставно значи дека во капитализмот војната не може да се искорени, иако може да се искорени откако капитализмот ќе биде соборен.

Во овие времиња на очај, за да ги придобиеме поединците и народите кои се откажуваат од верувањето во вечноста на капитализмот, им ја претставуваме како неостварлива утопија изградбата на еден свет кој е ослободен од односите на експлоатација на луѓето и доминација над народите, а за ова ништо не е полесно отколку да се заборави идејата за социјализмот врз основа на дебаклот на едно искуство и врз основа на неговите девијации и неговите грешки, од кои некои беа трагични.

Секако, често повторуваната формула „Социјализмот е мир“ првично произлезе од премногу едноставно a contrario размислување: бидејќи капитализмот генерира војна, укинувањето на капитализмот ја елиминира војната со елиминирање на нејзината причина. Посуштински, доследно беше да се смета дека ако амбицијата на социјализмот е да стави крај на односите на експлоатација и доминација, тогаш, војната, екстремно средство за доминација над други народи и над сопствениот народ, е феномен кој му е туѓ на социјализмот.[1]

Всушност, напојувањето на идеалите на сите последователни школи на социјализмот со братство меѓу народите нужно ja носеше со себе и последицата на пацифизмот, и токму оваа кохерентност требаше да инспирира еден од првите чинови на Социјалистичката револуција на власт кога Ленин го потпиша познатиот „Мировен декрет“ и неговиот повик за интервенција на народот против тајната дипломатија. Без сомнение, потоа, оваа свечена објава често се губеше од вид, но причините сепак мора да се разјаснат, бидејќи е недозволиво да се прекинат сите амбиции под изговор на некоја разочарана амбиција.

Самиот капитализам не може да се ослободи од ова. Прво мораме да ја истакнеме перверзната улога на воената ситуација со која Советскиот Сојуз беше постојано соочен: интервенцијата на поранешните противници од војната 1914-18, обединувајќи се против младата советска држава, која се сметаше за опасен пример (нели имаше Спартакистичка револуција, па бунтувањата во француската армија); потоа поддршката за Хитлер и фашистичките режими кои се сметаа за бедем против комунизмот; потоа, по поразот на фашистичките режими, и тоа во голема мера благодарение на жртвите на СССР, Студената војна со субверзивни активности против СССР и неговите сојузници, заканата од употреба на атомско оружје над коешто САД до „септември 1949 година го имаа монополот“; на крајот, лудата спирала на трката во вооружување.

Затоа е невозможно да не се стави во овој контекст сè што во советската политика се оддалечи од духот на „Мировниот декрет“, заменувајќи ја пацифистичката инвестиција во Народното движење со опцијата на воени решенија и преговори меѓу државите, со цел да се прикрие нивното одбранбено напојување, колку и да било лошо.

Секако, на историчарите ќе им биде тешко да пресудат, дури и за неспорната улога што ја имаше Советскиот Сојуз во корист на светскиот мир и кој во голема мера ја мотивираше солидарноста од која имаше корист, што се должи на кохерентноста на социјалистичките идеали или во име на неговата безбедност.

Ова не нè спречува да ги препознаеме сите позитивни аспекти на проценката, особено улогата што ја одигра СССР во развојот на новите принципи на меѓународното право, вградени во Повелбата на Обединетите нации, меѓу нив: правото на народите на себеопределување, немешање во нивните работи и решавање на конфликтите преку преговори, правила на светските односи. Капиталистичките држави, почнувајќи од САД, само неволно ги прифатија овие правила, толку неволно што продолжија да ги кршат и да работат на нивно елиминирање за да се вратат на стариот добар закон од минатото, кој исклучиво се засноваше на односи на моќ.

Трагедијата е во тоа што СССР дозволи да биде повлечен во оваа област со тоа што го направи мирот зависен од заткулисните преговори и компромисите меѓу суперсилите. Кон ова ќе ги додадеме и штетните последици од идеологијата на „тврдината“ која, како и безбедносната идеологија која произведе на внатрешен план феномени на преувеличување, требаше да генерира одбранбена психоза во чија одговорност не можеме така лесно да ја игнорираме улогата што состојбата на опсада и непрестајните провокации на капитализмот можеби ја одиграле.

Интересен е парадоксот во врска со промената што се случи со Хрушчов, кога логиката на апелот од Стокхолм го отстапи местото на стратегијата на чевелот на говорницата на ОН, потоа на црвениот телефон и на логиката на трката во вооружување и идеологијата на „тврдината“ што ја генерираше, до различните договори за ограничување на стратешкото оружје (SALT), до фаталната замка на илузијата дека судбината на светот лежи во коегзистирање на двете суперсили.

Останува фактот дека историјата покажа дека може да има вооружени конфликти меѓу социјалистичките земји каде објаснувањето со контекстот на капиталистичката средина не е нужно убедливо. Веќе не бевме далеку од вооружен конфликт меѓу СССР и Кина и моравме да ги пребродиме болните сознанија за време на кинеската агресија против Виетнам. Откривме, со скршено срце, дека може да има војни меѓу социјалистичките земји. Затоа беше неопходно да се ревидира сè, и да се научи да не се идеализира: и социјализмот може да носи војна во себе. Дали ова беше негирање на основната антитеза?

Едноставно научивме дека социјализмот ipso facto не ја елиминира војната, исто како што (болно) научивме дека не ја искорени ipso facto деликвенцијата, корупцијата, кариеризмот.

Тогаш? Дали Жорес се обиде да нè измами?

Дали затоа што имаше Чернобил, затоа што сè уште имаше несреќи при работа, алкохолизам, крадци во социјалистичките земји, тоа го ослободува капитализмот од неговата внатрешна вина со масовната природа на девијантности што тој ги лачи?

Една од главните грешки на идеолозите на социјалистичките земји, а поконкретно на државниците, несомнено ќе биде тоа што ја изоставиле транзициската природа на системот што го раководеле, што ја изгубиле од вид класичната разлика помеѓу фаза на општество управувано од конфликтна конкуренција во дистрибуцијата на она што е достапно и фаза што произлегува од неа.

Социјализмот не става крај на незадоволството на сите човечки потреби преку ноќ, и од ова мора да заклучиме дека сè додека постои конфликтна конкуренција за распределбата на она што е достапно, ќе постои и натпревар за владеење и затоа на доминација.

Зошто тогаш да не се вратиме на едноставната идеја дека војната е крајното средство за доминација?

Токму со ова можеме да кажеме дека „homo homini lupus“, но само со ова, и затоа таа војна не е елиминирана ipso facto со укинувањето на капитализмот, туку ќе биде елиминирана кога оваа аболиција ќе овозможи на човекот да се откаже од волкот за да се развие како човек.

Затоа, најосновниот хуманизам бара од нас да го отфрлиме одвратниот афоризам за неизбежноста на војната. Ако луцидноста бара од нас да сфатиме дека укинувањето на капитализмот не е доволно за нејзино елиминирање, сè додека неговото наследство и последиците не се избришани, вистината исто така бара од нас да признаеме дека на капитализмот, и само на капитализмот, поради неговата експлоатациска природа, војната му е суштествена.

Таа му е својствена, всушност, бидејќи капитализмот се заснова на конкуренција во присвојувањето на човечките ресурси, бидејќи неговата природа и неговата причина за постоење е да ги конфискува овие ресурси од човештвото, и поради тоа да доминира над него. Доколку е потребно тоа ќе го стори со новите форми на доминација што денес ги знаеме. Генерализираниот напад врз народите и против нивното мешање во меѓународните работи настојува да ги принуди да го предадат својот суверенитет на меѓународните или наднационалните институции (ММФ-ЕУ-НАФТА) додека чекаат заострената конкуренција на пазарите да доведе до вооружена војна што никогаш не е многу далеку од економска војна.

Да, војната е својствена за капитализмот, затоа што неговиот оригинален непопустлив дефект е тоа што во самиот него има натпреварувања за доминација и контрола на пазарот, контрола на просторите и на луѓето кои се третираат како добиток, во процес заострен со непрестајното намалување на капацитетите за потрошувачка.


Фусноти

[1] Многу советски и „марксистички“ автори се обидоа да ја покажат неможноста од „антагонистички конфликти“ (вклучувајќи и војни) меѓу социјалистичките држави. Сепак, првата примена на воена сила во односите меѓу државите управувани од комунистичките партии се случи пред околу шеесет години кога полкот на Црвената армија ја нападна Танну-Тува. Досега имало две директни војни меѓу социјалистичките држави. СССР е најчестиот учесник и најмногу конфликти беа поврзани со зависните односи на помалите земји со социјалистичката суперсила. (Кина против СССР, СССР против Југославија, СССР против Унгарија, СССР против Чехословакиа, СССР против Полска, Виетнам против Демократска Кампучија, Кина против Виетнам.) Види Anton Bebler, Conflicts between Socialist States, Journal of Peace Research, Volume 24, Issue 1, March 1987.