Ласло Секељ

Лениновото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот


Напишано: 1987
Извор: "Filozofija i društvo: zbornik radova"
Издавач: "Centar za filozofiju i društvenu teoriju", Beograd, 1987.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2006


Во рамките на марксизмот на Втората интернационала и на социјалдемократското партиско групирање во првите години од овој век врз себе внимание сврти Владимир Илич Ленин со своето сфаќање на улогата и структурата на работничката партија. За разлика од вообичаеното социјалдемократско сфаќање според кое партијата како масовна политичка организација го привлекува членството кое само пасивно ја поддржува партиската идеологија, овој руски социјалдемократ имаше на ум создавање на партија на професионални револуционери, на таква кадровска партија што е строго хиерархизирана и централизирана по примерот на пруско-германската армија. Исто така, за разлика од вообичаеното социјалдемократско сфаќање на партијата како демократско претставување на интересите, Ленин партијата ја сфаќаше како ентитет за себе, кој го создава тој интерес и на тој начин станува носител на објективниот историски ум. По 1917 и успешното освојување на политичката власт од страна на болшевичкото крило на руската социјалдемократија, Ленин продолжи со систематската ревизија на социјалдемократската идеологија и на теорискиот корпус на марксизмот на Втората интернационала. Имено, од вообичаеното социјалдемократско сфаќање произлегуваше, имплицитно или експлицитно, прифаќањето на модерната претставничка држава и на нејзините институции: плурализмот, парламентот, претставувањето и демократската процедура втемелена врз правната и политичката еднаквост на сите граѓани. Меѓутоа, Лениновата фракција и подоцна партија во модерната претставничка држава виде само чисто прагматско средство, а не интринстичка вредност. Темелот на таа - за судбината на марксизмот и работничкото движење - клучна промена ја прави Лениновото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот.

Државата и револуцијата

Од Лениновиот опус се издвојува брошурата „Државата и револуцијата“ како единствено систематско и теоретско дело што зборува за целите и средствата за остварување на болшевизмот. Од посебно значење е што делото настанува непосредно пред Октомвриската револуција и што може да се толкува како нејзин програмски вовед.

Во тоа програмско дело Ленин изречно не ги спомнува болшевиците, туку се служи со општото и неодреденото „ние“ или „ние работниците“ како оние што го соборуваат граѓанско-капиталистичкиот поредок, воспоставуваат држава од нов тип, која тогаш овозможува нов облик на производство врз основа на, во капитализмот веќе достигнатите, високоразвиени материјални производни сили:

„Ќе го организираме крупното производство ние самите, работниците, тргнувајќи од она што веќе го изгради капитализмот, потпирајќи се на своето работничко искуство, создавајќи своја најстрога, железна дисциплина, која ќе ја поддржува државната власт на вооружените работници, ќе ги сведeме државните службеници на прости извршители на нашите налози, одговорни, менливи, скромно платени 'надзорници и книговодители' (со техничари од сите видови и степени, се разбира) - ете тоа е нашата пролетерска задача, ете од што може и мора да се почне во пролетерската револуција. Таквиот почеток, врз основа на крупното производство, сам по себе ќе води кон постепено 'одумирање' на секое чиновништво, кон постепено создавање на таков поредок, поредок без наводници, поредок кој нема да личи на наемното ропство - таков поредок каде сè поедноставните и поедноставните функции на надзор и полагање на сметка ќе ги извршуваат сите, по ред, кога тие ќе станат навика и најпосле ќе отпаднат како посебни функции на посебен слој на луѓе.“

Како пример за таа нова општествена организација Ленин го зема државно-капиталистичкиот монопол:

„Над 'простите' трудбеници, кои се претрупани со работа, овде стои истата буржоаска бирократија. Но, механизмот на општествено стопанисување овде веќе е готов. Да се соборат капиталистите, да се скрши отпорот на експлоататорите со железната тупаница на вооружените работници, да се разбие бирократската машина на современата држава - и пред нас е од 'паразитите' ослободениот, технички високо опремениот механизам, кој целосно можат да го пуштат во работа самите обединети работници, најмувајќи техничари, надзорници, книговодители, плаќајќи го трудот на сите нив, како и воопшто на сите 'државни' чиновници, со работничка надница. Тоа се смета за непосредно остварлива непосредна задача и за 'наша најблиска цел.'“[1]

Но, кои се тие „ние“? Во „Државата и револуцијата“ болшевиците експлицитно не се спомнуваат. Сепак, одговорот на ова клучно прашање е имплицитно даден во втората глава: прво се зборува за потребата од централизирана државна власт на диктатура на пролетаријатот за „гаснење на отпорот на експлоататорите и за раководење со огромната маса од населението: селанство, ситна буржоазија, полупролетери при 'уредувањето' на социјалистичката економија.“ Непосредно потоа, Ленин го именува субјектот на диктатурата на пролетаријатот: „Воспитувајќи ја работничката партија, марксизмот ја воспитува авангардата на пролетаријатот, која е способна да ја преземе власта и да го води целиот народ кон социјализмот, да му дава правец и да го организира општественото уредување, да биде учител, раководител, водач на сите трудбеници и експлоатирани во изградбата на нивниот општествен живот без буржоазијата и против буржоазијата.“[2] Таа позиција е типична за севкупното Лениново делување и пред и по ова програмско дело. Како и ортодоксниот марксизам на Втората интернационала така и Ленин го поистоветува сопственото (болшевичкото) освојување на државната власт со освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот, што тогаш и' дава работнички карактер на државата, со ексклузивна власт на една од работничките партии.[3] Всушност, тоа е идеологија која доведува до тоа што повеќе расте моќта на болшевиците толку прогресивно да опаѓа моќта на советите.

Диктатурата на пролетаријатот и социјализмот

За Ленин, како и за марксизмот на Втората интернационала, државата е основниот лост на социјализмот/комунизмот: „Пролетаријатот мора (стекнувајќи доволно силни политички и воени 'ударни тупаници') да ја собори буржоазијата, да и' ја одземе државната власт за тоа орудие да го стави во движење за своите класни цели.“[4] Во „Државата и револуцијата“ тој нагласува дека луѓето онакви какви што се, сите луѓе, а не само авангардата, како што мисли подоцна - се способни веднаш и сега преку самодејствувачки и самоуправен пат да ги организираат сите структури на општеството. Затоа во ова дело многу понагласено од подоцна Ленин зборува за државата која „одумира“. Во тој контекст ова дело, насочено против Кауцки и западната социјалдемократија, им префрла дека ја занемарија или ја напуштија основната мисла на марксистичкото учење за државата: „потребата за разбирање на државата“, односно на „државната машинерија“. Меѓутоа, дури ниту во ова дело Ленин нема на ум конституирање на политичката заедница врз недржавни основи. Станува збор исклучиво за замена на еден тип на држава (буржоаска) - со работничка држава и замена на персоналот на затекнатиот државен апарат. Тоа е можно единствено преку насилна револуција.[5]

Исклучива функција на пролетерската држава е насилството над класата на експлоататори. Поради тоа таа е последен можен облик на држава, а нејзина темелна функција е „одумирањето“. Таа е привремено орудие на диктатура над буржоазијата за уништување на експлоататорите и класите воопшто; затоа тоа е преоден облик и неполитичка држава.[6] Меѓутоа, одумирањето на државата на вооружените работници е долготраен процес; таа ќе одумре дури на крајот од патот, кога ќе биде постигната целта на развојот на човечкото општество: во комунизмот. Дотогаш, Ленин го гледа општеството без поделба на две автономни сфери - општество и држава; постои не само единство на власта, туку и единство, преку новиот централизам, на државата на вооружените работници. Се разбива стариот државен апарат и се заменува со нов, „небирократски“, а тоа е овозможено со скратувањето на работното време и со подигнувањето на масите при услови кои на сите им овозможуваат вршење на државните функции.[7]

Поимот на државата, во ова и во подоцнежните дела, Ленин го употребува во смисла на средство погодно за остварување на целите на која било класа. Таквото сфаќање на државата го наоѓаме кај Енгелс и кај сите варијанти на марксизмот на Втората интернационала. Специфичното кај Ленин е што, за разлика од тие автори и од Маркс, истакнува дека секоја држава според својата суштина е диктатура на една општествена класа, а тоа во 1917 значи или диктатура на буржоазијата или диктатура на пролетаријатот:

„Формите на буржоаските држави се многу различни, но суштината им е иста: сите тие држави се на овој или на оној начин диктатури на буржоазијата. Преминот од капитализам кон комунизам, се разбира, ќе се одликува со огромно изобилство и разноликост на облиците, но суштината при тоа неизбежно ќе биде иста: диктатура на пролетаријатот.“ (Ова, според Ленин, е суштината на Марксовото учење за државата).[8]

„Државата и револуцијата“ го носи поднасловот: „Учењето на марксизмот за државата и задачите на пролетаријатот во револуцијата“. Како и Кауцки пред него, така и Ленин своето сопствено гледиште го претставува само како ортодоксно толкување на Енгелсовото и Марксовото учење за државата и револуцијата. Како и Кауцки во „Ерфуртската програма“ (1892), така и Ленин сопственото гледиште скромно го претставува како примена на учењето на Маркс и Енгелс врз конкретните (руски) прилики. Така, првиот и основниот елемент на сопственото учење за диктатурата Ленин го претставува како толкување на Енгелс и директно се повикува на неговиот „Вовед“ од 1891 кон „Граѓанската војна во Франција“. Меѓутоа, додека Енгелс подвлекува дека демократската република е погодно средство за процесот на остварување на социјалистичките цели, зашто е република и демократија,[9] дотогаш Ленин тврди дека и таа е диктатура (на буржоазијата).

Од сфаќањето на државата како класна диктатура Ленин го изведува вториот елемент на диктатурата на пролетаријатот. Прво, повикувајќи се на „Анти-Диринг“, ја наведува идејата за одумирање на демократијата: „Демократијата исто така е држава и, според тоа, и демократијата ќе исчезне штом ќе исчезне државата.“[10] Потоа се тврди дека политичката демократија на модерната репрезентативна држава е од формален карактер и дека таа, бидејќи е држава, исто така е диктатура. Но, во „Државата и револуцијата“ не се бара укинување на секоја демократија - туку нејзино проширување; од политичката таа би се проширила на производната сфера - но со една важна ограда: во неа би биле вклучени само работниците.[11]

Сосема независно од соодветноста на Лениновото толкување на Маркс и Енгелс, се поставува прашањето на примената на нивниот двокласен модел врз Русија. Имено, тогаш во Русија пролетаријатот и буржоазијата заедно претставуваа само една третина од населението.[12] Затоа е легитимно да се приговори поради испуштањето на огромното мнозинство од населението (селаните) од тој „повисок тип“ на демократија. Исто така, ниту според Лениновата моделска претстава на тоа општество на „најразвиена демократија“ нема да се изврши пресврт во начинот на работење, во егзистенцијалниот модус на суштествувањето: „Целото општество ќе биде еден уред и една фабрика со еднаквост на трудот и еднаквост на платата“ во наем на државата, која под своја контрола ќе ги опфаќа сите;[13] „овој сенароден картел“ ќе значи и укинување на автономијата на општеството во однос на државата. Поради тие причини, И. Фечер и Р. Такер со право укажуваат на тој Ленинов модел, всушност на она што Маркс го означуваше како „груб комунизам“ и поради кого своевремено истапи како критичар на комунизмот,[14] зашто за Маркс суштината на комунизмот е тоталниот пресврт во начинот на суштествувањето, чиј неопходен услов е соборување на граѓанскиот начин на производство и негово поставување на целосно различни темели на асоцијација на здружените производители.

Како што гледаме, Ленин човечката заедница, односно комунизмот го одредува од перспективата на освојување на политичката власт од страна на авангардата, а не од перспективата на надминување на државата и на граѓанскиот начин на производство. Со испуштањето на пресвртот во начинот на работење, Ленин ниту моделски не го трансцедентира расцепот на општеството и државата, туку, на ист начин како и ортодоксниот марксизам на Втората интернационала, го надоместува со проект на општеството кое е интернализирање на општествените норми наметнати од страна на политичката сфера. Како и Енгелс и Кауцки, Ленин сметаше дека тие норми, со тој процес на интернализирање, го губат својот принуден карактер (стануваат навики) и со тоа истовремено се укинува функцијата на управување како посебна општествена функција. Ова последното е различно од ортодоксниот марксизам, а таа разлика произлегува од различното сфаќање на демократската, парламентарна репрезентативна држава како погодно средство на посредниците при остварувањето на социјализмот.

Идејата за социјализмот како одложен комунизам, трет конститутивен елемент на сфаќањето на диктатурата на пролетаријатот, веќе се наоѓа во „Државата и револуцијата“. Во тоа дело, тоа се прави моделски преку поистоветување на социјализмот со она што е блиско со Марксовото сфаќање на државата на диктатурата на пролетаријатот - иако Ленин експлицитно се повикува на „пониската фаза на комунизмот“ од „Критиката на Готската програма“. На таа подлога - дека, концепциски, моделот на социјализмот е исто што и пониската фаза на комунизмот - ќе се создаде цела една идеологија на оправдување на постојната состојба на општеството, прво во Советска Русија, а подоцна во Советскиот Сојуз и поради тоа воопшто не е само доктринарно прашање: дали Ленин соодветно го протолкува дотичното место од Марксовиот опус. Суштината на пониската фаза на комунизмот кај Маркс е што таа е комунизам; кај Ленин не само што не доаѓа до пресврт во начинот на егзистирање, туку, како што видовме, социјализмот се поистоветува со државно-капиталистичкиот монопол во сферата на производство и со државата која го брани буржоаското право во општеството без капиталисти.[15]

Толкувањето на Марксовото сфаќање на Париската комуна од 1871 (не на емпириската Комуна, туку на моделот) го прави четвртиот конститутивен елемент на Лениновото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот. Таа моделска Париска комуна за Ленин е модел на држава на пролетаријатот и истовремено на социјалистичката држава како држава од нов тип. Ленин има на ум универзален модел во смисла на светско важење: се разбива старата (буржоаска) државна машина и се изградува нова, пролетерска, со која се проширува демократијата и се отвора процесот на уништување на бирократизмот.[16] Истовремено се одигрува преобразба на буржоаската (овде сепак и' се признава ограничена вредност) демократија во пролетерска и со тоа преобразба на „државата (особената сила за угнетување на одредена класа) во нешто што всушност и не е држава“. Функцијата на таа „не-држава“ произлегува од потребата за угнетување на буржоазијата - зашто таа пружа отпор на револуцијата - но за исполнувањето на таа функција не е потребен никаков посебен државен апарат: „Угнетувањето на угнетувачите се врши со општата сила на мнозинството на народот, на работниците и селаните.“ Во таа смисла, комуната е револуционерна власт, универзален модел на премин од капитализам во социјализам и „враќање кон примитивниот демократизам“. Меѓутоа, таа нова политичка заедница, според Ленин, никако не може да биде нешто друго од - централистичка држава. Така комуналната држава, како социјалистичка држава од нов тип - зашто државната машина се состои исклучиво од вооружените работници - се појавува, на крајот, „како свесен, демократски, пролетерски централизам“, наспроти „буржоаскиот, војничкиот, чиновничкиот“.[17]

Тој „нов централизам“ се појавува како позитивно одредување на диктатурата на пролетаријатот. И за тој елемент на концептот на диктатурата на пролетаријатот, за комуналната антиципација на социјалистичката држава, Ленин бара легитимација кај Маркс и го изразува како обична рецепција на Маркс. Но, тој тоа го прави спојувајќи два инаку противречни Марксови сфаќања на односот на комунизмот и државата: оној од „Манифестот“ и оној од „Граѓанската војна во Франција“. Според Ленин, „Маркс од целата историја на социјализмот и политичките борби го изведе заклучокот дека државата ќе мора да исчезне и дека преодниот облик на тоа исчезнување (од држава кон не-држава) ќе биде пролетаријатот организиран како владејачка класа.“ Истовремено се тврди дека диктатурата на пролетаријатот е „една од најважните идеи на марксизмот по прашањето на државата“ и истовремено со неа се поистоветува пролетерската држава.[18]

Во тој контекст се појавува и Лениновото отфрлање на модерната претставничка држава - што е суштината на спорот помеѓу болшевизмот и социјалдемократијата - иако и двете тие варијанти на марксизмот гледаат во државата основен лост на социјализмот, а во социјализмот одложен комунизам. Имено, Ленин, како сеопшт светски модел, бара разорување на парламентаризмот и на политичката демократија - која ја изедначува со „бирократизмот“.[19] Истовремено, го изедначува тоа „да се биде марксист“ со тоа „да се биде приврзаник на диктатурата на пролетаријатот“, при што под диктатура на пролетаријатот не подразбира ниту надминување на ограниченостите на политичката и правната еднаквост врз основа на граѓанскиот начин на производство, како што тоа го прават Маркс и Енгелс во текстовите на кои се повикува, ниту уредување на политичката заедница преку советите како органи на непосредната демократија во областа на економијата (односно на материјалното производство) и на политичкото уредување на заедницата.[20] На тој начин доаѓаме до суштинското одредување на диктатурата на пролетаријатот: негација на демократијата, на нејзината суштина - еднаквоста (egalité), како резултат на политичката еманципација. Тоа Ленин го прави преку тврдењето дека демократијата произлезе од принципот на политичка и правна еднаквост, всушност демократија само за малцинството, за поседничките класи, а ропство за сите други општествени класи и слоеви:

„Слободата на капиталистичкото општество секогаш останува приближно онаква каква што беше слободата во грчките републики: слобода за сопствениците на робовите.“

Се негираат основните конститутивни елементи на политичката демократија: 1) слободата на политичкото здружување (партискиот и интересниот плурализам); 2) слободата на работењето на професионалните, интересните и струковите организации (вклучувајќи ги и синдикатите); 3) политичките права (слободата на печатот, еднаквото и општото избирачко право); 4) човековите права во целина онака како што ги разбира политичката филозофија на либерализмот и Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот [од Француската револуција] - повикувајќи се на ограничувањето што произлегува од нееднаквоста во сферата на материјалното производство: „Тие ограничувања, земени заедно, ја исклучуваат и ја туркаат сиромаштијата надвор од политиката, од активното учество во демократијата.“ Од тоа произлегува Лениновиот главен антидемократски (во смисла на политичката демократија) аргумент: „Тоа е демократија за ништовно малцинство, демократија за богатите.“ При тоа Ленин ја нема на ум либералната демократија во Англија на 18 век, туку остварената модерна демократска држава. Сепак, диктатурата на пролетаријатот има нешто заедничко со принципот на дискриминација на либералната демократија на нејзините почетоци (кога како политички субјекти се признаваа исклучиво поседниците). И во „Државата и револуцијата“ таа и нормативно е демократија за малцинството, т.е. исто таков поредок на дискриминација само со променет објект. Наместо надминување на претпоставените и на вистинските ограничувања на либералната и подоцна на егалитарната политичка демократија, на пример како кај Бернштајн, со нејзино проширување од сферата на политиката во сферата на материјалното производство, диктатурата на пролетаријатот би значела ист тип на односи и принцип на структурирање, т.е. дискриминација, само што би се променила класата која би била исклучена од политичката заедница:

„Диктатурата на пролетаријатот, т.е. организирањето на авангардата на угнетените во владејачка класа (курзив - Л. С.) за угнетување на угнетувачите, не може да даде само просто проширување на демократијата. Заедно со огромно проширување на демократизмот, кој првпат станува демократизам за народот, а не демократизам за богатите, диктатурата на пролетаријатот донесува низа ограничувања во однос на слободата на угнетувачите, експлоататорите, капиталистите.“[21]

Суштината на демократијата е еднаквоста. Поради тоа демократијата не може да се проширува преку елиминирање на одредени општествени класи, слоеви, етнички и религиозни групи, како што тоа Ленин го тврди, туку напротив, како што и самото име кажува, преку проширување на владеењето на народот. Исто така, ако од демократијата се исклучуваат угнетувачите, експлоататорите итн., тогаш останува крајно нејасно за кој поредок станува збор, имено, од каде експлоататори во поредокот во кој политичката власт и економската моќ се во рацете на работничката класа? Потоа останува крајно нејасно на кој начин таа нова демократија е институционализирана и операционализирана во општествените институции. Истото важи и за „организирањето на авангардата на угнетените во владејачка класа“, со што Ленин го парафразира местото од „Манифестот“ за освојувањето на демократијата како организирање на пролетаријатот, но ништо не донесува во јаснотија. Зашто Маркс (и Енгелс) имаа на ум освојување на политичката власт од страна на работничката класа, а не од страна на работничката партија, уште помалку од страна на авангардата на пролетаријатот, а најмалку имаа на ум пирамидална структура на општествената моќ на чиј врв е таа авангарда - за што Ленин зборува кога го опишува субјектот на диктатурата („ние“).[22] Што се однесува до стварноста на Советска Русија непосредно и по Октомвриската револуција, таа „авангарда“ јасно се пројави како партиска олигархија; но тоа не значи дека Ленин беше свесен за тоа при пишувањето на оваа програмска брошура. Исто така, треба јасно да се подвлече фактот дека Ленин еднострано го толкуваше како Маркс така и Енгелс во однос на одредувањето на нечија марксистичка припадност. („Марксист е само оној што го проширува признавањето на класната борба до признавање на диктатурата на пролетаријатот“).[23] Тоа воопшто не е прашање на точно или погрешно толкување, туку најпрактично прашање за судбината на европскиот и светскиот социјализам, зашто Ленин својот модел на освојување на политичката власт и на општеството на преодниот период го дефинира како стриктен сеопшт модел на општествениот развој  и единствен можен начин за воспоставување на политичката заедница, односно на социјалистичката држава како држава од нов вид. Истото се однесува и на Лениновото сфаќање на пониската фаза на комунизмот, како социјализам во смисла на поредок во кој не е извршена промена во суштината на трудот и на егзистенцијалниот модус на суштествувањето. Да се изедначат почетоците на комунизмот со државен капитализам во економијата и партиско владеење во политиката и тоа во недемократски политички систем, никако не може да биде еден момент во развојот на човечката заедница. Таквиот социјализам („пониска фаза на комунизмот“) не е надминување на граѓанското општество и држава, туку, како груб комунизам, е паѓање под нивото на тоа општество. 

Сакам да укажам и на една друга димензија на ставовите од „Државата и револуцијата“ кога се во прашање клучните поими на социјалната и политичката теорија - државата и демократијата. Ленин при позитивното одредување на диктатурата на пролетаријатот се служи со две нејасни и неаналитички категории: „не-држава која е средство за угнетување на угнетувачите“ - што, се разбира, никогаш не можеше да биде операционализирано, а треба да се забележи и тоа дека политичката заедница е „не-држава“ во облик на конфедерација на комуни, а не, како кај Ленин, во облик на централизирана држава. Втората категорија од истиот ред е „враќањето кон примитивниот демократизам“. Да ја оставиме настрана крајната нејаснотија на поимот. Ленин ја имаше на ум непосредната демократија на локално ниво, значи советите во фабриките и локалните совети како органи на политичката власт. При исклучување на буржоазијата и средните слоеви, значи на најмалку една третина до една половина од населението, тоа би значело само еден коректив на еден недемократски, ригорозно централистички поредок во кој е извршена двострука централизација, економска и политичка, во истите раце. За волја на вистината, Ленин пред очи имаше една динамика на еманципација:

„Капиталистичката култура го создаде крупното производство, фабриките, железниците, поштата, телефонот и останатото, а врз таа основа огромното мнозинство од функциите на старата 'државна власт' така е поедноставено и може да биде сведено на најпростите операции на регистрирање, запишување, проверување, така што тие функции ќе станат достапни на сите писмени луѓе, ќе биде можно да се вршат за обична 'работничка надница', што ќе овозможи (и мора да овозможи) на тие функции да им се одземе и сенката на нешто повластено, командно.“[24]

Елементарен социолошки факт е тоа дека колку производството е „покрупно“ толку е покомплицирана функцијата на управување. Целосниот неуспех на Лениновата концепција на елиминирање на државата го објаснува и фактот дека модерната држава е создадена токму врз принципот на компетенција, па непосредната демократија како единствен облик на воспоставување на заедницата е единствено можна преку намалување на комплексноста на модерното општество, значи, според аналогијата со Лениновото „враќање кон примитивниот демократизам“ - преку враќање (односно преку ентропија) кон примитивното производство и кон примитивното општество. Меѓутоа, она што Ленин можеше да го направи, а не го направи, беше залагањето за поопштествување, а не за подржавување на средствата за производство и за воведување на самоуправување и партиципација во работниот процес. За тоа нема ниту збор во „Државата и револуцијата“, не само поради тоа што тука како социјалистичка сопственост се прикажува државно-капиталистичкиот монопол по примерот на државниот монопол на воената индустрија во текот на војната, туку и поради тоа што Ленин веќе во овој програмски спис смета дека едноставно само со освојувањето на државната власт од страна на работничката партија државата ја променила својата суштина и стана работничка држава. Но, не само државата туку и општеството - зашто не прави дистинкција помеѓу државата и општеството. Таа дистинкција и не може да се направи од позицијата на која стои, зашто Ленин ја поистоветува работничката држава како држава од нов вид - со заедницата.

Диктатурата на пролетаријатот и проблемот на демократијата

Кога руските болшевици дојдоа на власт, во октомври/ноември 1917, авторот на „Државата и револуцијата“ имаше ретка прилика практично да ги спроведе своите идеи. Меѓутоа, првиот човек на Болшевичката партија се најде во ситуација да решава цела низа практични проблеми на преживување на таа група професионални револуционери на власт. Оттаму, мнозинството од неговите трудови има крајно програмски карактер и сосема е оправдано да се сметаат за практично-политички, а не теориско-политички списи. Но, она што е важно, во тие трудови - без оглед на нивниот епистемолошки карактер - нема суштинско отстапување во однос на позицијата во „Државата и револуцијата“.

Според Ленин, демократијата според својата суштинска конституција може да биде или буржоаска или пролетерска. Демократијата е секогаш и универзално класна, не постои демократија ниту како политички облик ниту како начин на донесување на одлуките надвор од тој класен детерминизам. Демократијата е облик на политичко владеење и, според Ленин, поради тоа е држава, а државата може да биде или диктатура на пролетаријатот или диктатура на буржоазијата. Оттаму, демократијата мора универзално да биде укината во самиот процес на создавање на претпоставки за комунистичка преобразба на општеството. А таа општествена состојба која самата подготвува за „преодниот период помеѓу капитализмот и комунизмот“ е државата на диктатурата на пролетаријатот како одредена општествена состојба. При тоа, Ленин сметаше дека „диктатурата не значи задолжително уништување на демократијата за онаа класа која ја врши таа диктатура над другите класи, но таа задолжително значи уништување (или многу суштинско ограничување, што исто така е еден од облиците на уништувањето) на демократијата за онаа класа врз која или против која се врши диктатурата.“[25] Таа диктатура ќе трае сè додека постојат општествени класи; со нивното исчезнување, таа ќе одумре.[26] Ленин сега ја отфрла демократијата без какви било резерви или навестувања во насока на идејата за воопштување или проширување на ограниченоста на еден одреден (либерален) концепт на демократијата.[27] Отфрлањето на сите елементи на политичката демократија сега станува составен дел од сите варијанти на болшевизмот и основен предмет на спорот со различните варијанти на западниот марксизам. Ленин сега го поставува класниот критериум како предуслов за партиципацијата во политичката заедница, а тоа влезе и во првиот советски устав.

Во историјата на идеите, особено на социјалистичките, на Ленин му припаѓа посебно место во однос на сфаќањето на диктатурата на пролетаријатот како трајна општествена состојба[28] неомеѓена од какви било закони и обѕири, како состојба на државен терор:

„Диктатурата е власт која непосредно се потпира на насилството, која не е врзана со никакви закони. Револуционерната диктатура на пролетаријатот е власт која е извојувана и која се одржува со насилство над буржоазијата, власт која не е врзана со никакви закони.“[29]

Истото сфаќање Ленин го повторува и во 1919, како одговор на критичките забелешки на социјалистичката левица:

„Научниот поим на диктатурата не означува ништо друго освен неограничена, со никакви закони, со апсолутно никакви правила непопречувана власт, која непосредно се потпира на насилството. Ништо друго освен тоа не означува поимот на диктатурата.“[30]

Таквото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот како средство за остварување на вистинската човечка заедница, како средство за комунистичката преобразба на општеството, е differentia specifica во однос на сите други ориентации на марксистичкиот социјализам.[31] Таа позиција, според Лениновото мислење, резултира од историското искуство:

„Историјата нè учи дека ниту една угнетена класа никогаш не стана владејачка и не можеше да стане владејачка ако не поминала низ период на диктатура, т.е. освојување на политичката власт и насилно задушување на очајничкиот, неизбежен отпор кое не се воздржува од никакви злодела, кои секогаш ги пружале експлоататорите.“[32]

Меѓутоа, за ова гледиште ниту во Лениновиот сопствен опус, а уште помалку во историографијата не постои правилна аналитичка аргументација. Против Лениновото сфаќање зборуваат информациите како што се робовладетелското и феудалното општество; таков вид на диктатура на робовладетелите и феудалците ниту постоеше ниту според претпоставките на тие општества можеше да постои. Исто така не е познат историски пример, барем до 1917, на таков вид на диктатура на буржоазијата.

За Ленин и за болшевизмот во целина, диктатурата на пролетаријатот е држава од нов вид[33] и таа е остварена со Октомвриската револуција.[34] Марксистичката легитимност на државата на диктатурата на пролетаријатот Ленин ја наоѓа во Марксовата „Граѓанска војна во Франција“ и во Енгелсовиот предговор, а фактичката легитимност во нејзината функција на задушување на отпорот на буржоазијата.[35] Но, Ленин, впрочем како и Троцки и подоцна Сталин, освен за задушување на отпорот на буржоазијата, функцијата на диктатурата на пролетаријатот како држава од нов вид ја гледа и во задушувањето на сите политички институции на модерната претставничка држава (автономијата на општеството во однос на државата, граѓанските права, легализираниот плурализам, политичките слободи и сл.). При тоа, а тоа е факт од суштинска важност, не се разликува процесот на елиминирање на приватната сопственост, неопходен услов за поопштествување на средствата за производство и за комунистичката преобразба на општеството - од елиминирањето и укинувањето на правата на човекот и граѓанинот.[36] Диктатурата на пролетаријатот како граѓанска војна е единствен можен начин на надминување на граѓанско-капиталистичкото општество и на сите облици на граѓански држави.[37] Станува збор за сеопшт светски модел кој болшевиците преку 21 услов за прием во Комунистичката интернационала се обидоа да му го наметнат на целото светско работничко движење. За Ленин и за болшевиците секое доведување во прашање на овој модел, чие важење има светско-историски обем, a priori значи „премин на страната на либералната работничка политика, т.е. на страната на буржоазијата.“[38] Така, за болшевизмот, како светско-историска нужност се појавува постоењето исклучиво на два вида држави (и, имплицитно, на општества, зашто во неговиот опус никогаш не се појавува дистинкцијата помеѓу општеството и државата) - инаку идентични според начинот на структурирање на политичката заедница: ИЛИ ДИКТАТУРА НА ПРОЛЕТАРИЈАТОТ ИЛИ ДИКТАТУРА НА БУРЖОАЗИЈАТА; „Какви било соништа за нешто трето се реакционерно бладање на ситниот буржуј.“[39] Тоа е контекстот на Лениновото отфрлање на самата можност за демократија и на секташкото идентифицирање на сите можни облици на политички и општествени системи со „диктатурата на буржоазијата“.[40]

На таков начин сфатената диктатура на пролетаријатот, според Ленин, „е неопходен услов за општествена револуција, т.е. за освојување од страна на пролетаријатот на таква политичка власт која ќе му дозволи да го задуши секој отпор на експлоататорите.“[41] Тоа сведување на општествената револуција на политичка и сведувањето на општествената револуција на освојување на државната власт не се појавува случајно во контекстот на Лениновото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот. Имено, повторно се појавува клучното прашање: кој е субјектот на диктатурата? Во социјалистичката критика на ленинизмот е укажано на фактот дека субјект на диктатурата на пролетаријатот во Советска Русија е партијата, а не класата. Со оглед на тоа што Болшевичката партија по својата структура беше строго хиерархизирана и централизирана организација, тогаш таа диктатура може да значи само диктатура на партиските водачи, а по забраната на фракциите во партијата [во 1921] - на Политбирото и на Водачот. Во одговорот на критичарите Ленин тврдеше дека е смешно да се зборува во рамките на алтернативата диктатура на партијата или класата, на диктатурата на водачите или диктатурата на масите, зашто „секој знае дека масите се делат на класи“ и дека е можен судирот на масата само со тесни категории кои заземаат специјална положба во општеството. Во продолжение Ленин ја изложува суштината на своето сфаќање на работничката партија и на нејзиниот однос кон работникот:

„Со класите обично и во мнозинството случаи, барем во модерните цивилизирани земји, раководат политичките партии, а со политичките партии по правило управуваат повеќе или помалку стабилни групи на најавторитарни, највлијателни, најискусни лица кои се избираат на најодговорните места, кои се викаат водачи.“

Според Лениновите зборови, во Русија „диктатурата ја остварува пролетаријатот организиран во совети со кои раководи Комунистичката партија на болшевиците“. Со оваа партија раководи потесен колегиум, кој понатаму уште повеќе се стеснува:

„Според тоа произлегува вистинска 'олигархија'! Ниту една државна установа во нашата република не решава ниту едно важно политичко или организациско прашање без директива на ЦК на партијата.“[42]

Ленин сметаше дека таквото отворено признавање на вистинскиот карактер на диктатурата на пролетаријатот како диктатура на една партија ќе значи банализација на критиката. Од каде тогаш фактичката втемеленост за основата на диктатурата на пролетаријатот - идентификувањето на освојувањето на државната власт од страна на Болшевичката партија со освојувањето на политичката власт во државата од страна на работничката класа и со автоматското претворање на производните односи во односи на производители со посредство на поопштествени средства за производство?[43]

Лениновото позитивно одредување на диктатурата на пролетаријатот не ја дава таа фактичка втемеленост. Диктатурата на пролетаријатот се појавува како специфична хиерархија на воспитувачи. На нејзиното дно се селанството и ситната буржоазија, апсолутното мнозинство од населението на Русија, кои ги воспитува пролетаријатот, кого го воспитува авангардата - а авангардата ги извршува директивите на „уште потесниот колегиум“. Таа „позитивна“ страна на диктатурата на пролетаријатот го прави функционалното единство со „негативната“, уништувачка („задушувачка“); оттука истата жестина и истите методи. Затоа творечкиот елемент на диктатурата на пролетаријатот е - железна рака насочена против „ситнобуржоаската стихија“, а тоа, според Ленин, е свесната пролетерска дисциплина поврзана со Тејлоровиот систем на организација на трудот.[44] Нејзиниот метод е беспоговорното потчинување во работниот процес на наредбите на немилосрдно цврстата власт на советските раководители како индивидуални диктатори со неограничени овластувања. Како основна позитивна задача на диктатурата на пролетаријатот Ленин го гледа уништувањето на милионите ситни стокови производители, создавањето на безусловна дисциплина во работниот процес преку потчинување на диктаторите и ipso facto и во севкупниот општествен живот на индивидуалните диктатори и на партијата на пролетаријатот, односно на нејзиното раководство. Ленин со право тврдеше дека тоа е единствениот начин за остварување на диктатурата на пролетаријатот во смисла на неговото сфаќање.[45] Меѓутоа, тој никогаш не успеа ниту теоретски ниту практично да го поврзи тоа апсолутно потчинување на единствената волја по примерот на најотуѓеното капиталистичко производство со човечката заедница и со процесот на комунистичка преобразба на општеството.[46] Истовремено, Ленин тврдеше дека социјализмот во Русија може да се оствари веднаш од „постојниот човечки материјал“, каков што капитализмот го остави во наследство; единствен услов е политичкото соборување на буржоазијата.[47]

Ленин беше убеден дека на тој начин го апсолвира приговорот за диктатура на Болшевичката партија како диктатура на водачите на една малцинска партија. И во разни други прилики тој нагласуваше дека станува збор за диктатура на „најнапредната класа“, односно на емпириската работничка класа и на селанството (работното, ситното, средното - во зависност од приликите) преку интериоризација на водството на дисциплинираната авангарда.[48] Тој процес на интериоризација функционира преку државниот механизам на диктатурата на пролетаријатот, а не преку самостојно или паралелно структурирање на работниот и преку тоа и животниот процес од страна на самите работници, селани и граѓани. Затоа Ленин ги маргинализира облиците на партиципација на работниците во управувањето со претпријатијата,[49] настанати и извојувани пред Октомвриската револуција.[50]

Во врска со тоа прашање наидуваме на толку пати констатираното несовпаѓање на болшевичките прокламации и операционализацијата на тие нормативни политички искази. Така, во ноември 1917 донесениот указ на советската влада за работничка контрола ја воведува институцијата „за планско регулирање на народната економија“ и непосредно на работниците, односно на нивните претставници, им ја дава надлежноста за „контрола над чувањето, производството, купувањето и продажбата на сите производи.“[51] По национализацијата станува јасно дека априлската парола „Фабриките - на работниците“, во болшевичкото толкување не значи предавање на фабриките на управување на работниците, туку подржавување на средствата за производство како основа на државниот социјализам. Произлезен од Указот за работничка контрола, Серускиот совет на работничката контрола се состана по прв и единствен пат - за донесување одлука за престанок на својата самостојна работа и слевање во министерството за економија, а органите на работничката контрола на ниво на претпријатие (фабричко-заводните комитети) се претворени во помошни органи на управата, која и самата е изданок на централното министерство.[52] Тој процес има паралелен тек во Лениновите списи. За воведувањето на социјализмот Ленин гледа два материјални предуслови: првиот, зголемување на продуктивноста на трудот. Соодветно средство за таа цел Ленин гледаше во репродуцирањето и усовршувањето на најавторитарната варијанта на организација на капиталистичкото претпријатие, вклучувајќи го и единоначалието, диктаторските овластувања на раководителот на претпријатието („безусловно потчинување на масите на единствената волја на раководителот на работниот процес“), заедно со кривично гонење на работничкото интересно организирање. Како втор и решавачки услов, Ленин го наведува „организирањето на најстроги и сенародни контроли и евиденции над производството и распределбата на производите...; тоа е основно прашање на социјалистичката револуција другиот ден по соборувањето на буржоазијата.“ Иако тоа е главен структурален момент на изградбата на социјализмот (според Ленин), кога ги операционализира тие поими, тогаш се гледа дека под работничка контрола Ленин всушност мисли на државна контрола на производството и потрошувачката, вклучувајќи го и негирањето на каква било приватност во снабдувањето со облека и храна. Работничкото управување, според Ленин, основен структурален проблем на економската изградба на социјализмот, се операционализира како државно организирање на крупното производство наместо ситното стоковно производство и како државна распределба на производите.[53]

Две години по Октомвриската револуција, Ленин го подвлекува универзално-светското важење на тој модел. Тој сметаше дека работничкото управување со производството веќе е остварено во Русија - како учество на работниците во управувањето со државата.[54] Тоа логично произлегува од неговото сфаќање дека работничката држава е супститут на работничкото самоуправување, односно дека работниците го остварија управувањето со државата со самиот факт дека Болшевичката партија ја освои политичката власт. Според Ленин, Болшевичката партија е авангарда на пролетаријатот, а диктатурата на пролетаријатот не ја остваруваат работничката класа и работното селанство, туку „авангардата која ја апсорбира во себе револуционерната енергија на класата“. Работничкото управување и работничките интересни организации (синдикатот, фабричко-заводните комитети) само се дел од механизмот, лост во функција на партиско-државниот апарат:

„И таквиот механизам е самата основа на диктатурата на пролетаријатот, самата суштина на преминот од капитализам кон комунизам... Невозможно е да се оствари таа диктатура без неколку 'трансмисии' од авангардата кон масата на напредната класа, од неа кон масата трудбеници.“[55]

Од тоа произлегува Лениновото барање на 10-от конгрес на РКП(б) [во 1921] за претворање на синдикатот, интересна организација на работниците, во трансмисија на партиската држава. Поради истата причина жестоко се спротивстави на барањето за организирање на управувањето со народната економија преку едно недржавно тело, Серускиот конгрес на производителите обединети во производни синдикални сојузи. Тие идеи ги застапуваше работничката опозиција, фракција на Болшевичката партија која поради нив е и елиминирана, а која инаку беше последната брана на настапувачкиот тоталитаризам во Советска Русија, зашто се залагаше за поопштествување, а не за подржавување на средствата за производство. Ленин беше противник на тие идеи, зашто, во склад со неговата концепција на диктатурата, државата мораше да ги контролира сите подрачја на општествениот живот и никаква автономија не можеше да биде дозволена, а најмалку автономија на работниците, макар и само во еден момент од нивната општествена егзистенција.

Резимирајќи го системот на диктатурата на пролетаријатот, од долу кон горе: тоа е една пирамида. На нејзината основа се милионите селани и другите ситни стокови производители, кои, според оваа претстава, се луѓе без свест и нив ги води пролетаријатот - кој има таман толку свест за да сфаќа дека мора да биде воден. Него го води Болшевичката партија како авангарда, но која е и самата водена од страна на партиското раководство. Дваесет и петте членови на Централниот комитет го прават самиот врв на пирамидата, но сосема не и самиот врв - кого го прават Политичкото и Организациското биро. Гледано од горе кон долу, Лениновата концепција на диктатурата на пролетаријатот изгледа вака: од врвот тргнува мрежа од трансмисии; совети и општествени организации - строго централизирани и хиерархизирани. Надвор од пирамидата и од советското општество се наоѓаат сите оние што не се приврзаници на диктатурата на пролетаријатот. За нив нема ниту леб ниту политички права. Таа пирамида, т.е. таквото уредување на општеството и државата, Ленин го сметаше за модел со сеопшто важење.[56] Коминтерната, според Лениновото сфаќање, требаше да одигра клучна улога во тој процес. Во Извршниот комитет на Коминтерната Ленин виде револуционерен центар од истиот тип како што беше Политбирото на РКП(б) и со истата функција на светски план што ја имаше Политбирото на РКП(б) во пирамидата на диктатурата на пролетаријатот во Русија.[57]

*

*          *

Лениновото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот, особено негирањето на можноста за самоослободување на пролетаријатот и на политичката демократија - претставува теориски и практичен корен на „реално постоечкиот социјализам“. Без диктатура на пролетаријатот нема „реален социјализам“. Општествата од тој вид можат да функционираат и без терор и чистки, можат да дозволат извесна автономија на општествената сфера и на поединецот, тие можат дури, изгледа, да ја совладаат кризата на индустријализацијата - но без едно не можат: монополска политичка власт на партискиот врв и, поради тоа, политички систем без политичка демократија и активно учество на масите во општествената моќ и во политичкиот систем. Како што покажува овој труд, легитимно е нивното повикување на Лениновото сфаќање на диктатурата на пролетаријатот како на аргумент за идеолошка легитимност на тој поредок.


Фусноти

[1] V. I. Lenjin "Država i revolucija: učenje marksizma o državi i zadaće proletarijata u revoluciji", Beograd, 1947, 46 str. Во понатамошниот текст оваа книга ќе се појавува под кратенката ДиР.

[2] Исто, 46-47 str. (Подвлекол Л. С.)

[3] Пред „Државата и револуцијата“, во јули 1917, во статијата „Политичката ситуација“: „Цел на вооруженото востание може да биде само преминувањето на власта во рацете на пролетаријатот, кого го поддржува сиромашното селанство, за остварување на програмата на нашата партија.“ ("Dela", Beograd, 1975, 26 tom, 224 str.).

По Октомвриската револуција и воспоставувањето на еднопартиска диктатура: „Работниците ја држат во свои раце државната власт...“ ("O dečjem 'levičarstvu' i malograđanštini", "Izabrana dela", Beograd, 1960, 12 tom, 238 str.); „Две години управувавме со државата... А таа држава, тоа се работниците, најнепосредниот дел од работништвото, авангардата, тоа сме ние.“ ("Izabrana dela", 14 tom, 485-486 str.).

Филозофот на ленинизмот, Џерџ Лукач, го наведува ова место во вредносно позитивна смисла да го означи како темелна карактеристика на Лениновата теорија и политика, „активно-историска улога на пролетерската партија“ (Georg Lukàcs "Etika i politika", Zagreb, 1972, 200 str.).

[4] ДиР, 27, 45-46 str.; "Izbori za Ustavotvornu skupštinu (1919)", "Izabrana dela" (кратенка ИД), 13 tom, 333 str.; G. Lukàcs "Lenjin" во "Etika i politika", 186-187 str.

[5] ДиР, 8, 20-23, 27, 45-46, 96, 107 str.

[6] Исто, 24, 55-57 str.

[7] Исто, 75, 80-82, 86-87, 94, 102-104 str.

[8] Исто, 7, 23, 33 str.

[9] K. Marks - F. Engels "Dela", 33 tom, 167-169 str.

[10] ДиР, 7, 13, 92 str. Во таа смисла Ленин зборува за идентичност на процесот на одумирање на државата и одумирањето на демократијата (74 str.).

[11] ДиР, 89-91 str.

[12] Според статистичарот Немчинов, класниот состав на населението на Русија во 1913 беше:

Работничка класа 14,7%
од тоа Земјоделски работници 3,5%
Селанство и занаетчии (без кулаци) 66,7%
Буржоазија и земјопоседници 11,4%
Интелигенција 2,2%

Цитирано според Milan Mesić "Oktobar i radničko samoupravljanje", Zagreb, 1982, 19-20 str.

[13] ДиР, 92 str.

[14] Iring Fetscher "The Young and the Old Marx" во N. Lobkowitz (ed.) "Marx and the Western World", Notre Dame, 1968, pp. 29-30; Robert Tucker "Philosophy and Myth in Karl Marx", London, 1961, p. 154.

[15] ДиР, 85, 88-89, 107 str.

[16] Исто, 35, 36, 107 str.

[17] Исто, 51, 65-67, 102-103 str.

[18] Исто, 21, 23 str.

[19] Исто, 99-100 str.

[20] Исто, 23, 35, 31, 51-52, 99-101, 107-109 str. Ленин се повикува на Марксовата „Граѓанска војна во Франција“ и на Енгелсовиот предговор од 1891.

[21] Исто, 78-79 str.

[22] Во врска со тоа треба да се истакне целосно различната конотација, денотација и функција на поимот „комунистите како авангарда на пролетаријатот“.

[23] ДиР, 25 str.

[24] Исто, 41 str.

[25] V. I. Lenjin "Proleterska revolucija i renegat Kaucki" (оваа книга ќе се појавува под кратенката „Ренегатот Кауцки“, РК), ИД, 12 tom, 281, 361, 364, 375 str. "Nova Vanderveldova knjiga o državi", 445 str.; Referat o radu na selu (1919), ИД, 13 tom, 110 str.

[26] "Ekonomika i politika u epohu diktature proletarijata" (кратенка „Економика“), ИД, 13 tom, 458 str.

[27] РК, 403 str. Меѓутоа, во септември 1916 Ленин се залагаше за почитување и проширување на демократијата и доведување до крај на буржоаската демократија ("Odgovor P. Kijevskom (J. Pjatikovu)", "Dela", 24 tom, 77, 79 str.).

[28] "Nacrt programa RKP(b), ИД, 13 tom, 62 str. Но, класите остануваат („Економика“, 282 str.; "Dečja bolest 'levičarstva' u komunizmu", ИД, 13 tom, 433 str.; "Treći kongres KI (1921)", ИД, 14 tom, 323 str.).

[29] РК, 362 str.

[30] "Prilog istoriji pitanja o diktaturi", 51 str. Во брошурата "Naredni zadaci sovjetske vlasti" (1918), ИД, 2 tom, 211 str. Ленин се жали на „мекоста“ на диктатурата и на „слабоста“ на народните судови во следниот контекст: „Доколку основната задача на власта станува управувањето, а не насилното задушување, дотолку типична манифестација на задушувањето и принудувањето ќе биде судењето, а не стрелањето на лице место.“

[31] Тоа го подвлекува и самиот Ленин (РК, 362-364 str.).

[32] "Prvi kongres KI", 11-12, 16 str.

[33] „Диктатурата на пролетаријатот, пролетерската држава, машината за угнетување на буржоазијата од страна на пролетаријатот не е 'облик на владеење', туку држава од нов вид.“ (РК, 268 str.).

[34] "Sedmi kongres RKP(b)", 6-8 marta 1918, ИД, 13 tom, 161 str.

[35] РК, 365 str. "Referat o radu na selu", 111 str.

[36] „Прашањето на диктатурата на пролетаријатот е прашање на односот на пролетерската држава кон буржоаската држава, на пролетерската демократија кон буржоаската демократија (РК, 358 str.). Тоа, според Ленин, му дава легитимност на елиминирањето на слободата и демократијата (Исто, 380, 381 str.).

[37] "Naredni zadaci sovjetske vlasti", 209-210 str. Ленин Кауцкиевото повикување на Марксовиот говор во Амстердам, за можностите за мирен премин во социјализам кога станува збор за Америка, Англија и Холандија (1872), го нарекува аргумент на „софист и измамник“, зашто тогаш сè уште немаше монополистички капитализам и постојана војска (РК, 280-281 str.).

Според Ленин, исто така, особеностите на диктатурата на пролетаријатот во Русија се однесуваат само на она што е неважно (РК, 379 str.).

[38] РК, 361, 364 str. „Економика“, 283 str. "Govor na kongresu KI", 17 str.

[39] "Naredni zadaci sovjetske vlasti", 209 str. "Referat o radu na selu", 113 str.

[40] „... токму во најдемократските републики во суштина владеат теророт и диктатурата на буржоазијата, кои отворено се јавуваат секојпат кога на експлоататорите почне да им се причинува дека власта на капиталот е разнишана“ ("Govor na kongresu KI", 12 str, подвлекол Л. С.).

„Најдемократската буржоаска република не е ништо друго освен машина за задушување на работничката класа од страна на буржоазијата, на работните маси од страна на грстот капиталисти.“ Тоа, според Ленин, е став на Маркс и Енгелс. Исто, 15 str.

[41] V. I. Lenjin "Dela", 25 tom, 358 str.; 26 tom, 229 str.; 27 tom, 96 str.

[42] "Dečja bolest...", 427-428 str.

[43] Исто, 424, 433-434 str. "Država radnika i seljaka i partijska nedelja", ИД, 13 tom, 261 str.; "Referat o radu na selu", 109 str.

[44] "Naredni zadaci sovjetske vlasti", 212, 216, 218, 223 str. Секој што се противи на тоа, според Ленин, е приврзок на буржоазијата.

[45] "Dečja bolest...", 430-431, 490 str.

[46] Исто така, во свесното потчинување на трудбеникот, и како работник и како граѓанин, Ленин виде можност за премин кон човечка заедница ("Naredni zadaci sovjetske vlasti", 215 str.).

[47] "Dečja bolest...", 436 str.; "Izbori za Ustavotvornu skupštinu", 342-344 str.

[48] "Naredni zadaci sovjetske vlasti", 211 str.

[49] "„Евиденција и контрола на севкупното производство и потрошувачка“ е изразот кој го наоѓаме во Лениновите списи од 1917 до 1919: "Projekat uredbe o radničkoj kontroli", ИД, 12 tom, 7 str.; "Deklaracija radnog i eksploatisanog naroda", Ib, 44 str.; „Економика“, 276 str.; "Naredni zadaci sovjetske vlasti", 194, 203, 207, 222, 236-237 str.; "Dve godine sovjetske vlasti", ИД, 13 tom, 291 str.

Меѓутоа, кога се појави првиот план за поопштествување на средствата за производство, т.н. „работничка опозиција“, Ленин го отфрли заедно со идејата за премин на работничко управување со економијата без посредство на Болшевичката партија.

[50] Органите на работничка контрола се создавани спонтано во март 1917. Привремената влада им даде право на соодлучување. На Шестиот конгрес на Партијата, во август 1917, болшевиците се изјаснуваат за „воспоставување на вистинска работничка контрола која по пат на постапно остварени мерки треба да се развие во целосно регулирање на производството“. Во прогласот на Петроградскиот воено-револуционерен комитет, непосредно по болшевичкото заземање на власта, се тврди дека со победата на востанието (на Октомвриската револуција), помеѓу останатото, е осигурана и работничката контрола над производството (Milan Mesić, cit. delo, 81-83 str.).

[51] "Projekat uredbe o radničkoj kontroli", 7 str.; "Deklaracija radnog i eksploatisanog naroda", 44 str.

[52] Податоците се земени од М. Mesić, cit. delo, 88, 104 str.

[53] "Naredni zadaci sovjetske vlasti", 201-202, 205, 214, 236-237 str.; „Економика“, 276 str.

[54] "Dve godine sovjetske vlasti", ИД, 13 tom, 291, 294 str.

[55] "O sindikatima", "Dela", 33 tom, 174 str.

[56] "Dve godine sovjetske vlasti", 291 str.

[57] "Dečja bolest...", 476-477 str.


Тематска архива

марксистичка интернет архива