Првпат објавено: Ј.В.Сталин, Прашањата на ленинизмот., Култура, Скопје, 1949, стр.216-223;
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: јуни 2024
Октомвриската револуција не е револуција само „во национални рамки“. Таа е, пред сè, револуција од меѓународен, светски карактер, бидејќи значи радикална пресвртница во светската историја на човештвото од стариот, капиталистички свет кон нов, социјалистички свет.
Во минатото револуциите обично завршуваа со тоа, што една група експлоататори се сменуваше на кормилото од државата со друга група експлоататори. Експлоататорите се менуваа, експлоатацијата остануваше. Така беше за време на ослободителните движења на робовите. Така беше во периодот на востанијата на кметовите. Така беше во периодот на познатите „велики“ револуции во Англија, во Франција, во Германија. Јас не зборувам за Париската комуна, која што беше прв, славен, херојски, но сепак безуспешен обид на пролетаријатот да ја сврти историјата против капитализмот.
Октомвриската револуција принципиелно се разликува од тие револуции. Таа си поставува за цел не да ја замени едната форма на експлоатација со друга форма на експлоатација, едната група експлоататори со друга група експлоататори, туку да уништи секаква експлоатација на човек од човека, да ги уништи сите и секакви експлоататорски групи, да воспостави пролетерска диктатура, да ја воведе власта на најреволуционерната класа меѓу сите потиснати класи што досега постоеле, да организира ново, бескласно социјалистичко општество.
Токму затоа победата на Октомвриската револуција значи радикална промена во историјата на човештвото, радикална промена во историската судбина на светскиот капитализам, радикална промена во ослободителното движење на светскиот пролетаријат, радикална промена во методите на борбата и формите на организација, во начинот на животот и традициите, во културата и идеологијата на експлоатираните маси од сиот свет.
Тоа е причината, поради којашто Октомвриската револуција е револуција од меѓународен, светски карактер.
Во тоа е коренот на оние длабоки симпатии, коишто спрема Октомвриската револуција ги имаат угнетените класи од сите земји, гледајќи го во неа залогот на своето ослободување.
Би можеле да забележиме ред основни прашања, по чија што линија Октомвриската револуција го врши своето влијание врз развитокот на револуционерното движење во целиот свет.
1. Октомвриската револуција е забележителна, пред се`, со тоа што таа го проби фронтот на светскиот империјализам, ја турна империјалистичката буржоазија во една од најголемите капиталистички земји и го постави на власт социјалистичкиот пролетаријат.
Наемната класа, класата на прогонетите, класата на угнетените и експлоатираните за прв пат во историјата на човештвото се издигна до положбата на владејачка класа, заразувајќи ги со својот пример пролетерите од сите земји.
Тоа значи дека Октомвриската револуција отвори нова епоха, епоха на пролетерски револуции во земјите на империјализмот.
Таа ги зеде орудијата и средствата за производство од земјопоседниците и капиталистите и ги претвори во општествена сопственост, спротивставувајќи `и ја на тој начин на буржоаската сопственост – социјалистичката сопственост. Со тоа таа ја разоткри лагата на капиталистите дека буржоаската сопственост е неприкосновена, света, вечна.
Таа ја одзеде власта од буржоазијата, ја лиши буржоазијата од политички права, го уништи буржоаскиот државен апарат и ја префрли власта во рацете на Советите, спротивставувајќи му ја на таков начин на буржоаскиот парламентаризам, како на демократија капиталистичка – социјалистичката власт на Советите, како демократија пролетерска. Лафарг беше во право кога уште во 1887 година рече дека на денот по револуцијата „сите поранешни капиталисти ќе бидат лишени од избирачко право.“ Со тоа Октомвриската револуција ја разоткри лагата на социјалдемократите дека сега е можна мирна транзиција кон социјализам преку буржоаскиот парламентаризам.
Но, Октомвриската револуција не застана и не можеше да застане тука. Откако го уништи старото, буржоаското, таа се зафати да гради ново, социјалистичко. Десет години на Октомвриската револуција се десет години на изградба на партијата, на синдикатите, на Советите, на задругите, на културните организации, на транспортот, на индустријата, на Црвената армија. Несомнените успеси на социјализмот во СССР на изградбениот фронт јасно покажаа дека пролетаријатот може успешно да управува со земјата без буржоазијата и против буржоазијата, дека тој може успешно да изгради индустрија без буржоазијата и против буржоазијата, дека тој може успешно да ја води целата национална економија без буржоазијата и против буржоазијата, дека тој може успешно да гради социјализам и покрај капиталистичката средина. Старата „теорија“ дека експлоатираните не можат без експлоататорите, како што главата и другите делови од телото не можат без желудникот, не ја имал само познатиот римски сенатор во античката историја, Менениј Агрипа. Таа „теорија“ сега е камен-темелник на политичката „филозофија“ на социјалдемократијата воопшто и на социјалдемократската политика за коалиција со империјалистичката буржоазија особено. Оваа „теорија“, која доби карактер на предрасуда, сега претставува една од најсериозните пречки на патот кон револуционизирањето на пролетаријатот во капиталистичките земји. Еден од најважните резултати на Октомвриската револуција е фактот што таа `и нанесе смртен удар на оваа лажна „теорија“.
Треба ли уште да се докажува дека овие и други слични резултати од Октомвриската револуција не можеа и не можат да останат без сериозно влијание врз револуционерното движење на работничката класа во капиталистичките земји?
Такви општо познати факти, како постепеното ширење на комунизмот во капиталистичките земји, зајакнувањето на симпатиите на пролетерите од сите земји кон работничката класа во СССР и конечно приливот на работнички делегации во земјата на Советите, несомнено, укажуваат на тоа дека семето посеано од Октомвриската револуција веќе почнало да дава плод.
2. Октомвриската револуција го потресе империјализмот не само во центрите на неговата доминација, не само во „метрополите“. Таа удри и по тилот на империјализмот, неговата периферија, поткопувајќи ја доминацијата на империјализмот во колонијалните и зависните земји.
Откако ги собори од власт земјопоседниците и капиталистите, Октомвриската револуција ги скрши оковите на национално-колонијалното угнетување и ги ослободи од него сите без исклучок угнетени народи во една огромна земја. Пролетаријатот не може да се ослободи себеси без да ги ослободи угнетените народи. Карактеристична црта на Октомвриската револуција е фактот што таа ги изврши овие национално-колонијални револуции во СССР не под знамето на национално непријателство и на меѓународни судири, туку под знамето на меѓусебната доверба и на братското зближување на работниците и селаните од различни националности во СССР, не во името на национализмот, туку во име на интернационализмот.
Токму затоа што национално-колонијалните револуции се случија кај нас под раководството на пролетаријатот и под знамето на интернационализмот, токму затоа што забранетите нации, робовските народи, за прв пат во историјата на човештвото, се издигнаа до положбата на вистински слободни и вистински рамноправни нации, заразувајќи ги со својот пример угнетените народи од целиот свет.
Тоа значи дека Октомвриската револуција отвори нова епоха, епоха на колонијални револуции, кои што во угнетените земји во светот се спроведуваат во сојуз со пролетаријатот и под водство на пролетаријатот.
Порано „беше вообичаено“ да се мисли дека светот е вечно поделен на пониски и повисоки раси, на црни и бели, од кои што првите беа цивилизациски неспособни и осудени на експлоатација, а вторите беа единствените носители на цивилизацијата, повикани да ги експлоатираат првите. Оваа легенда сега мора да се смета за разбиена и отфрлена. Еден од најважните резултати на Октомвриската револуција е фактот што таа ѝ нанесе фатален удар на оваа легенда, покажувајќи на дело дека ослободените неевропски народи, вклучени во текот на советскиот развој, се способни не помалку од европските нации да истуркаат напред вистинска прогресивна култура и навистина прогресивна цивилизација.
Порано „беше вообичаено“ да се мисли дека единствен метод за ослободување на угнетените народи е методот на буржоаскиот национализам, методот на разделување на нациите една од друга, методот на нивно разединување, методот на засилување на националното непријателство меѓу работните маси на различни народи. Оваа легенда сега мора да се смета за побиена. Еден од најважните резултати на Октомвриската револуција е фактот што таа `и нанесе фатален удар на оваа легенда, покажувајќи ја на дело можноста и целисходноста на пролетерскиот, меѓународниот метод за ослободување на угнетените народи, како единствено правилен метод, покажувајќи ја на дело можноста и целисходноста на братскиот сојуз меѓу работниците и селаните од различни народи, изграден врз принципите на доброволноста и интернационализмот. Постоењето на Сојузот на Советските Социјалистички Републики, кој е прототип на идното обединување на работниците од сите земји во една единствена светска економија, не може да не служи како директен доказ за тоа.
Не треба ни да се говори дека овие и други слични резултати на Октомвриската револуција не можеа и не можат да останат без сериозно влијание врз револуционерното движење во колонијалните земји. Такви факти, како што се порастот на револуционерното движење на угнетените народи во Кина, во Индонезија, во Индија итн., како и зголемувањето на симпатиите на овие народи кон СССР, несомнено говорат за тоа.
Заврши ерата на мирна експлоатација и угнетување на колониите и зависните земји.
Дојде ерата на ослободителните револуции во колониите и зависните земји, ерата на будењето на пролетаријатот во овие земји, ерата на неговата хегемонија во револуцијата.
3. Фрлајќи го семето на револуцијата и во центрите на империјализмот и во неговиот тил, ослабувајќи ја силата на империјализмот во „метрополите“ и разнишувајќи ја неговата доминација во колониите, Октомвриската револуција со тоа го доведе во прашање и самото постоење на светскиот капитализам во целина.
Ако спонтаниот развој на капитализмот во условите на империјализмот прерасна – поради неговата нерамномерност, поради неизбежноста од конфликти и воени судири, најпосле, поради невидениот империјалистички масакр – во процес на распаѓање и смрт на капитализмот – тогаш Октомвриската револуција и поврзаното со неа отпаѓање на една огромна земја од светскиот систем на капитализмот не можеа да не го забрзаат овој процес, поткопувајќи ги чекор по чекор самите основи на светскиот империјализам.
Не само тоа. Разнишувајќи го империјализмот, Октомвриската револуција истовремено создаде во лицето на првата пролетерска диктатура, силна и отворена база на светското револуционерно движење, која што тоа никогаш не ја имало порано и на која што сега може да се потпре. Таа го создаде тој силен и отворен центар на светското револуционерно движење, кој што тоа никогаш не го имало порано и околу кој што сега може да се сплотува, организирајќи единствен револуционерен фронт на пролетерите и угнетените народи од сите земји против империјализмот.
Тоа значи, пред сè, дека Октомвриската револуција му зададе смртна рана на светскиот капитализам, од која што тој никогаш повеќе нема да заздрави. Токму затоа капитализмот никогаш повеќе нема да си ја врати онаа „рамнотежа“ и онаа „стабилност“ која што ја имаше пред Октомвриската револуција. Капитализмот може делумно да се стабилизира, тој може да го рационализира своето производство, може да ја предаде власта над земјата на фашизмот, може привремено да ја потисне работничката класа, но тој никогаш нема да си го врати она „спокојство“ и онаа „увереност“, онаа „рамнотежа“ и онаа „стабилност“ со која што тој се фалеше порано, бидејќи кризата на светскиот капитализам достигна таква фаза на развој што пламенот на револуцијата неизбежно мора да избувне сега во центрите на империјализмот, сега во неговата периферија, уништувајќи ги обидите за крпење на капитализмот и приближувајќи го од ден на ден паѓањето на капитализмот. Точно така како во познатата басна: „ја повлече опашката од калта, но го заглави клунот во калта, го повлече клунот од калта, но ја заглави опашката во калта“.
Ова значи, второ, дека Октомвриската револуција ја издигна на одредена височина силата и значењето, храброста и борбената готовност на угнетените класи од целиот свет, принудувајќи ги владејачките класи да се пресметаат со нив како со нов и сериозен фактор. Сега работничките маси на светот веќе не можат да се сметаат за „слепа толпа“ која талка во темнината и која нема перспектива, бидејќи Октомвриската револуција им создаде светилник што им го осветлува патот и им отвора перспективи. Ако порано не постоеше еден светски јавен форум од каде би можеле да се покажат и обликуваат надежите и стремежите на угнетените класи, таков форум сега постои во лицето на првата пролетерска диктатура.
Едвај можеме да се сомневаме дека уништувањето на овој форум за долго време ќе го покрие општествено-политичкиот живот на „напредните земји“ со темнината на незаузданата црна реакција. Не може да се одрекува тоа дека дури и самиот факт што постои „болшевичка држава“ ги зауздува црните сили на реакцијата, олеснувајќи им ја борбата на угнетените класи за своето ослободување. Ова, всушност, ја објаснува животинската омраза која што ја имаат експлоататорите од сите земји кон болшевиците.
Историјата се повторува, иако на нова основа. Како што порано, во периодот на паѓањето на феудализмот, зборот „јакобинец“ кај аристократите од сите земји предизвикувал ужас и гнасење, така и сега, во периодот на паѓањето на капитализмот, зборот „болшевик“ предизвикува во буржоаските земји ужас и гнасење. И, обратно, како што порано Париз беше прибежиште и школа за револуционерните претставници на буржоазијата во нејзиниот подем, така и сега Москва е засолниште и школа за револуционерните претставници на пролетаријатот во неговиот подем. Омразата кон јакобинците не го спаси феудализмот од пропаст. Можеме ли да се сомневаме во тоа дека омразата кон болшевиците нема да го спаси капитализмот од неговиот неизбежен пораз?
Помина ерата на „стабилноста“ на капитализмот, земајќи си ја со себе си легендата за непоколебливоста на буржоаскиот поредок.
Дојде ерата на уништување на капитализмот.
4. Октомвриската револуција не е само револуција во областа на економските и општествено-политичките односи. Таа е во исто време револуција во умовите, револуција во идеологијата на работничката класа. Октомвриската револуција се роди и зајакна под знамето на марксизмот, под знамето на идејата за диктатурата на пролетаријатот, под знамето на ленинизмот, кој што е марксизам во епохата на империјализмот и пролетерските револуции. Затоа, таа значи победа на марксизмот над реформизмот, победа на ленинизмот над социјалдемократијата, победа на Третата интернационала над Втората интернационала.
Октомвриската револуција поттикна непроодна бразда меѓу марксизмот и социјалдемократијата, меѓу политиката на ленинизмот и политиката на социјалдемократијата. Порано, пред победата на диктатурата на пролетаријатот, социјалдемократијата можеше да го истакнува знамето на марксизмот без отворено да ја негира идејата за диктатура на пролетаријатот, но и без да направи ништо, апсолутно ништо, за да ја приближи оваа идеја до реализација, и разбирливо е дека таквото однесување на социјалдемократијата не претставуваше никаква опасност за капитализмот. Тогаш, во тој период, социјалдемократијата формално се спојуваше, или речиси се спојуваше, со марксизмот.
Сега, после победата на диктатурата на пролетаријатот, кога сите јасно видоа до што води марксизмот и што може да значи неговата победа, социјалдемократијата веќе не може да го истакнува знамето на марксизмот, не може повеќе да флертува со идејата за диктатура на пролетаријатот без да создава извесна опасност за капитализмот. Откако уште одамна раскина со духот на марксизмот, таа беше принудена да го раскине и знамето на марксизмот, отворено и недвосмислено застана против потомците на марксизмот, против Октомвриската револуција, против првата светска диктатура на пролетаријатот.
Сега таа мораше да се огради и навистина се огради од марксизмот, бидејќи под денешните услови не може да се носи името марксист без отворено и несебично да се поддржува првата пролетерска диктатура во светот, без да се води револуционерна борба против својата буржоазија, без да се создадат услови за победа на диктатурата на пролетаријатот во сопствената земја.
Меѓу социјалдемократијата и марксизмот се отвори провалија. Отсега единствениот носител и бедем на марксизмот е ленинизмот, комунизмот.
Но работата не се ограничи само на тоа. Откако ја разграничи социјалдемократијата од марксизмот, Октомвриската револуција отиде подалеку, отфрлајќи ја неа во таборот на отворените бранители на капитализмот против првата во светот пролетерска диктатура. Кога господата Адлеровци и Бауеровци, Велсовци и Левиевци, Лонгевци и Блумовци го клеветат „советскиот режим“, додека ја фалат парламентарната „демократија“, тогаш тие со тоа сакаат да кажат дека се борат и ќе се борат за обновување на капиталистичкиот систем во СССР, за зачувувањето на капиталистичкото ропство во „цивилизираните“ земји.
Денешната социјалдемократија е идеолошка поддршка на капитализмот. Ленин беше илјада пати во право кога рече дека денешните социјалдемократски политичари се „вистински агенти на буржоазијата во работничкото движење, работнички слуги на капиталистичката класа“, дека во „граѓанската војна на пролетаријатот против буржоазијата“ тие неизбежно ќе застанат „на страната на Версајците против комунарите“.
Невозможно е да се победи капитализмот без да се победи социјалдемократијата во работничкото движење. Затоа, ерата на смртта на капитализмот е истовремено и ера на смртта на социјалдемократијата во работничкото движење.
Големото значење на Октомвриската револуција се состои, меѓу другото, во тоа што таа значи неизбежна победа на ленинизмот над социјалдемократијата во светското работничко движење.
Ерата на доминација на Втората интернационала и на социјалдемократијата во работничкото движење се заврши.
Настапи ерата на доминација на ленинизмот и на Третата интернационала.
„Правда“ бр.255, 7 ноември 1947 год.