Напишано: 11 март 1895
Првпат објавено: Beitrage zur Geschichte der deutscher Arbeiterbewegung, No. 3, 1961.
Извор: К. Маркс – Ф. Енгелс, „Дела“, том 46, „Просвета“, Белград 1979, стр. 379-380.
Превод: Томислав Захов, од српско-хрватски и англиски јазик.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија јануари 2011
Лондон, 11 март 1895 година
41, Regent’s Park Road, N. W.
Многу почитуван господине,
Во одговор на Вашето белешка од 14-ти претходниот месец ви се заблагодарувам што бевте толку љубезни да ми го испратите Вашиот труд за Маркс; јас веќе го прочитав со големо интересирање во бројот од „Архивот“[1] која ми ја прати д-р Х. Браун, и се израдував што конечно наидов на такво разбирање на „Капиталот“ и на еден германски универзитет. Природно, се разбира, дека не се може во целост да се согласам со изразите со кои Вие ја изложувавте Марксовата анализа. Посебно ми се чини дека описите на поимот вредност кои се дадени на стр. 576 и 577 некако се премногу широки: јас прво нив би ги ограничил историски со експлицитно сведување на економската фаза во која досега било и можело да биде речено само за вредноста – на формите на општеството кај кои постои стоковна размена односно стоковно производство; првобитниот комунизам не знаел за вредност. И второ, ми се чини дека тој став може да биде поимно потесен. Сепак, тоа би водело премногу далеку, она што сте го кажале главно е точно.
Меѓутоа, на стр. 586 се освртувате непосредно на мене, па морав сам да се смејам на доброќудноста со која ми ставате нож под грло. Меѓутоа, можете да бидете спокојни, бидејќи јас нема да ве „убедувам во спротивното“. Логичните редоследи со помош на кои Маркс од разните вредности m/c = m/(c+v) произведени во поединечни капиталистички активности, доаѓа до општата еднаква профитна стапка – целосно се туѓи на свеста на секој индивидуален капиталист. Доколку тие редоследи имаат некоја историска паралела или некоја реалност која постои надвор од нашите глави, тие неа и ја наоѓаат, да речеме, во фактот што одредени делови од вишокот на вредноста произведени од капиталистот А покрај тоа профитната стапка, или над неговиот дел од целиот вишок на вредноста, се пренесени во џебот на капиталистот Б чиј аутпут на вишокот на вредноста, кој тој сам го произвел, останува како правило под вообичаената дивиденда. Но, тој процес се одвива објективно во нештата, несвесно, и ние дури сега можеме да процениме колку труд било потребно за да го разбереме тоа правилно. Ако за создавањето на просечната профитна стапка било потребно свесна соработка на поединечните капиталисти, ако поединечниот капиталист знаел дека произведува вишок вредност, ако знаел колку е тој и дека во многу случаи мора да даде дел од својот вишок на вредност, тогаш врската помеѓу вишокот на вредноста и профитот од самиот почеток би била прилично јасна и би можела да се најде сигурно веќе кај Адам Смит, ако не и уште кај Пети.
Според Марксовото сфаќање, сета досегашна историја – кога се работи за крупни настани – се одвивала несвесно т.е. тие настани и нивните понатамошни последици не зависеле од човечката волја; учесниците во историските настани или сакале да постигнат нешто друго отколку што е постигнато, или тоа што е постигнато повлекува по себе сосема различни непредвидени последици. Применето на економијата: секој поединечен капиталист трча за поголем профит. Буржоаската економија открива дека резултатот на таа трка на секој поединечен капиталист за поголем профит е општата еднаква профитна стапка, приближно еднаква сума на профит за сите. Меѓутоа ни капиталистите ни буржоаските економисти не се свесни дека вистинската цел на таа трка е рамномерна процентна распределба на вкупниот вишок на вредност на целокупниот капитал.
А како овој процес на изедначување се одвива во стварноста? Ова е многу интересно прашање за кое самиот Маркс не зборува многу. Но, целото Марксово сфаќање не е никаква доктрина, туку метод. Тоа не дава никакви готови догми, туку појдовни точки за понатамошно испитување и метод за тоа испитување. Значи, овде треба да се направи уште некоја работа која самиот Маркс не ја елаборирал во овој прв нацрт. Пред сè ние овде имаме тврдења на страниците 153-156, III, I, кои се важни и за Вашето изложување на поимот на вредноста и докажуваат дека поимот има или имал повеќе реалност отколку што Вие му припишувате. Кога стоковната размена започнала, кога производите постепено се преобразиле во стоки, тие биле разменувани приближно по нивната вредност. Единствениот критериум за нивното квантитативно споредување бил всушност трудот употребен на тие два предмети. Значи, тогаш вредноста имала непосредна реална егзистенција. Ние знаеме дека оваа непосредна реализација на вредноста во размената престанала и дека сега повеќе не се случува. И јас верувам дека вам нема да ви биде особено тешко да укажете на меѓучленовите, барем во општи црти, кои водат од непосредно реалната вредност кон вредноста на капиталистичкиот начин на производство, која е толку длабоко скриена што нашите економисти можат мирно да го негираат нејзиното постоење. Едно вистинско историско изложување на тој процес – кое навистина, бара внимателно проучување, но затоа пак ветува резултати кои богато би го наградиле тоа – би било многу драгоцено дополнување на „Капиталот“.[2]
На крајот, јас морам да ви се заблагодарам исто така за Вашето високо мислење за мене, кое ве предизвикало да го изразите своето убедување дека јас сум можел да направам нешто подобро од третиот том. Но, јас не го споделувам Вашето мислење и мислам дека сум ја исполнил својата должност изложувајќи го Маркс со Марксовите зборови, иако со тоа ризикувам да го изложам читателот на напор да размислува малку самиот тој.
Со длабока почит и верност,
Ф. Енгелс
Забелешки
[1] Се мисли на статијата на Зомбарт, „Критика на економскиот систем на Карл Маркс“, објавена во списанието "Archiv für sociale Gesetzgebung und Statistik", Vol. VII, 1894.
[2] Едно такво дополнување Енгелс напишува во мај 1895 год. Се работи за статијата „Законот на вредноста и профитната стапка“, која брзо после Енгелсовата смрт е објавена во весникот „Ноје цајт“, под насловот „Последниот труд на Фридрих Енгелс: Дополнение и додаток на третата книга на ’Капиталот’“.