Напишано: ноември-декември 1886
Првпат објавено: "Juristen-Sozialismus", "Die Neue Zeit", Heft 2, 1887.
Извор: К. Маркс - Ф. Енгелс, Дела, том 32, „Просвета“, Белград, 1978, стр. 400-417.
Превод: Томислав Захов, од српско-хрватски и германски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2009
Погледот на светот во Средниот век бил во суштина теолошки. Единството на европскиот свет, кое според внатрешноста, во суштина, не ни постоело, воспоставено е според надвор против заедничкиот непријател, Сарацените, благодарение на христијанството. Во католицизмот било постигнато единство на западноевропскиот свет, свет кој претставувал група на народи, кои се развивале во постојани меѓусебни односи. Ова теолошко единство не било само идејно. Тоа навистина постоело не само во личноста на папата, во неговото монархистичко средиште, туку пред сè во феудално и хиерархиски организираната црква, која во секоја земја, како сопственик на една третина од земјиштето, имала огромна моќ во феудалната организација. Црквата, со нејзиниот феудален земјопосед, била реална врска меѓу разни земји, феудалната организација на црквата давала религиозен ореол на световното феудално уредување. Покрај тоа, свештенството било единствена образована класа. Било, значи, само по себе разбирливо дека догмата на црквата била појдовна точка и основа на секое мислење. Правната наука, природните науки, филозофијата, сè било оценувано според тоа дали нивната содржина е во согласност со учењето на црквата или не е.
Меѓутоа во крилото на феудализмот се развивала и моќта на граѓанството. Против големите земјопоседници настапила една нова класа. Жителите на градовите, пред сè и исклучиво, биле производители на стоки и трговци на стоки, додека феудалниот начин на производство во суштина почивал на самопотрошната внатрешност на ограничениот круг од произведени производи – делумно со потрошувачката на производителите, делумно со потрошувачката на феудалните приматели на данокот. Католичкиот поглед на свет, кој бил прилагоден на феудализмот, повеќе не можел да биде доволен за оваа нова класа и нејзините услови на производство и размена. Сепак и таа уште долго време остана во оковите на семоќната теологија. Сите реформаторски движења и за нив поврзани борби, кои од 13 до 17 век се водени под религиозна парола, по својата теоретска страна не се ништо друго освен повторени обиди на граѓанството, градските плебејци и на нив приклучените селани, кои почнале да се бунат за стариот, теолошки поглед на свет да се приспособи на изменетите економски услови и животната положба на новата класа. Меѓутоа, тоа не одело. Знамето на религијата последен пат се завеало во Англија во 17 век, а едвај педесет години подоцна во Франција неприкриено настапи нов поглед на свет, поглед кој требало да постане класичен капиталистички, правнички поглед на светот.
Тој бил посветовување на теолошкиот. Наместо догми, наместо божественото право дошло човечкото право, наместо црквата – државата. Економските и општествените односи, за кои, затоа што црквата ги санкционирала, се сметало дека ги создале црквата и догмите, се сметале сега за засновани на правото и создадени од државата. Затоа што размената на стоки, во општествени размери и во нејзината полна развиеност, особено по пат на давање аванси и кредити, произведува сложени меѓусебни договорни односи и затоа што таа со тоа сака општоважечки правила, кои може да ги даде само заедницата – правни норми, кои ги утврдува државата – луѓето на себе си претставувале дека овие правни норми не произлегуваат од економски причинители, туку преку формално утврдување по пат на државата. И затоа што конкуренцијата е основната форма на општење помеѓу слободните производители на стоки, затоа што таа е најголемата изедначувачка, еднаквоста пред законот станала главна борбена парола на капиталистите. Фактот дека борбата на овие класи во восклик против феудалните господа и апсолутната монархија, која тогаш ги поддржувала, морала, како секоја класна борба, како политичка борба, борбата за посед на државата да се води околу правните барања, таа работа придонела да се зацврсти правничкиот поглед на свет.
Меѓутоа, капиталистичката класа го создавала и својот негативен двојник, пролетаријатот, а со него и новата класна борба, борба која избила уште пред буржоазијата за себе потполно да ја освои политичката власт. И, како што своевремено буржоазијата во борба против благородништвото за себе по традиција, уште извесно време, влечела теолошки поглед на свет, така работничката класа во почетокот од противникот го презела правничкиот начин на разбирање и во него барала оружје против буржоазијата. Првите работнички партиски творби, како негови теоретски претставници, останувале потполно на правничка „правна основа“, само што тие за себе исконструирале една друга правна основа од онаа на буржоазијата. Од една страна, барањето за еднаквост е проширено во толку што правната еднаквост требала да биде дополнета со општествена; од друга страна, од поставките на Адам Смит дека трудот е извор на целото богатство, меѓутоа дека производот на трудот на работникот мора да се дели со земјопоседникот и капиталистот, извлечен е заклучок дека оваа поделба е неправедна и дека мора или да се отфрли или модифицира во корист на работникот. Меѓутоа, чувствувањето дека ова поставување на прашања само на правничка „правна основа“ никако не овозможува отстранување на лошата состојба, која ја создал буржоаско-капиталистичкиот, а особено модерниот крупноиндустриски начин на производство, довело до веќе најзначајните глави меѓу раните социјалисти – Сен-Симон, Фурие и Овен – додека потполно да ја напуштат правно-политичката област и секоја политичка борба да ја прогласат како бесплодна.
Обата погледа биле еднакво недоволни за да ги изразат на соодветен начин и потполно да ги опфатат еманципаторските стремења на работничката класа, стремења, кои се создадени со нивните економски положби. Барањето за еднаквост, како и барањето за полн приход од трудот влегле во нерешливи противречности штом требало во поединости правнички да ги формулираат, а помалку или повеќе ги оставиле работите недопрени во сржта, преобликувањето на начинот на производство. Отфрлањето на политичката борба од страна на големите утописти било, истовремено, и отфрлање на класната борба, значи, на единствениот можен начин на делување на класите во чии интереси тие настапувале. Обата погледа ја апстрахирале историската позадина на која тие ѝ го должат своето постоење; обата апелирале на чувствата; едниот на правното чувство, другиот на чувството за човечност. Обата ги обвиткувале своите барања во форма на скромни желби за кои не се кажува ништо затоа што би требало да се спроведат токму сега, а не илјада години порано или подоцна.
Работничката класа, која со преобразувањето на феудалниот начин на производство во капиталистички била лишена од секаква сопственост над средствата за производство и која механизмот на капиталистички начин на производство ја поставува во оваа наследна состојба на безвласништво, не може својата животна положба исцрпно да ја изрази во правничката илузија на буржоазијата. Таа оваа животна положба може потполно да ја спознае само ако се создаде поглед без правнички обоени очила, такви какви што тие навистина се. А, во тоа помогна Маркс со своето материјалистичко сфаќање на историјата, укажувајќи на тоа дека сите правни, политички, филозофски, религиозни итн. претстави на луѓето, во крајна инстанца, се изведени од нивните економски услови на животот, од нивниот начин на производство и нивниот начин на размена на производи. Со ова е даден погледот на животот на работничката класа, кој одговара на нејзината положба во борба и во живот; безвласништвото на работниците можеше да одговара само на недостатокот на илузиите во нивните глави. И овој пролетерски поглед на свет сега го освојува светот.
Се разбира, сè уште трае борбата на овие два погледи на свет; не само помеѓу пролетаријатот и буржоазијата, туку и помеѓу работниците, кои слободно мислат и оние со кои владее старата традиција. Во целина, старото сфаќање го бранат овде обични политичари со вообичаени аргументи. Меѓутоа, има и таканаречени научни правници, кои од правото прават своја сопствена професија.[2]
Досега овие господа се сметаа за премногу отмени за да би се впуштале во теориската страна на работничкото движење. Мораме, значи, да сметаме навистина за голема чест што, конечно еднаш, еден вистински професор по право, господин д-р Антон Менгер, се спуштил така ниско за да од „правно-филозофски“ поглед „догматски поблиску ја осветли“ историјата на социјализмот.[3]
Всушност, социјалистите досега биле на погрешен пат. Тие го пренебрегнале токму она што било најважно.
„Дури кога социјалистичките идеи... ќе се исчистат од бескрајните национално-економски и филантропски расправи и ги претвори во трезни правни поими“ (стр. III), дури кога ќе се отстрани целиот „национално-економски превез“ (стр. 37) може да биде преземена „правничка обработка на социјализмот... најважната задача на филозофијата на правото на нашите времиња“ [стр. III].
Но во „социјалистичките идеи“ се работи токму за национално-економските односи, пред сè за односите помеѓу наемниот труд и капиталот, а тука национално-економските расправи, како што изгледа, сепак се навистина нешто повеќе одошто само „превези“ кои треба да се исчистат. Економијата е исто така некоја таканаречена наука и покрај тоа нешто помалку научна одошто филозофијата на правото, затоа што таа се занимава со фактите, а не, како оваа последната, со едноставни претстави. Меѓутоа, тоа за правникот по струката е сосема сеедно. Економските истражувања за него се исто што и филантропски декламации. Fiat justitia, pereat mundus.[4]
Понатаму, „национално-економските превези“ кај Маркс – а ова на нашиот правник најтешко му паѓа на стомак – не се само економски истражувања. Тие се во суштината историски. Тие укажуваат на текот на општествениот развиток, од феудалниот начин на производство во Средниот век до денешниот развиен капиталистички, пропаста на поранешните класи и класните спротивставености и создавањето нови класи со нови спротивставени интереси, спротивставености кои, помеѓу останатото, се покажуваат и во новите правни барања. За тоа, изгледа, нешто поим има и нашиот правник, каде на стр. 37 открива дека денешната
„филозофијата на правото... во суштина не е ништо друго освен одраз на историски наследената правна состојба“, која би можела да се означи како „граѓанска филозофија на правото“ и која „во социјализмот се ставила на страната на филозофијата на правото на безвласничката класа на народот“.
Меѓутоа, ако тоа е така, што е причината за тоа? Од каде доаѓаат „граѓаните“ и „безвласничката класа на народот“, од кои секој за себе има посебна филозофија на правото која одговара на неговата класна положба? Од правото, или од економскиот развој? А ни кажува ли Маркс нешто друго, туку дека правните погледи на поедини големи класи на општеството се одредени од нивната класна положба во даден момент? Како Менгер доаѓа меѓу марксистите?
Сепак, тоа е само превид, недоброволно признавање на моќта на новата теорија, која му се испуштила на строгиот правник и која ние, затоа, само ја регистрираме. Наспроти тоа, таму каде што нашиот човек на правото стои на своето сопствено правно тло, таму тој ја презира економската историја. Римското Царство во пропаѓање е негов омилен пример.
„Никогаш уште средствата за производство не биле така централизирани“, ни кажува тој, „како во времето кога половина од африканската провинција се наоѓала во сопственост на шест лица... никогаш страдањето на работните класи не биле поголеми одошто во времето кога скоро секој продуктивен работник бил роб. Ни тогаш не недостигало – особено кај црковните отци – снажна критика на постоечката состојба во општеството, критика која може да се спореди со најдобрите социјалистички написи на денешницата, па сепак, после падот на западно-римското царство не дошол можеби социјализам, туку – средновековен правен поредок“ (стр. 108). А зошто ова се случило? Затоа што „пред очите на нацијата не лебдела јасна, од сите занеси ослободена слика на идната состојба.“
Господин Менгер мисли дека во времето на пропаста на Римското Царство постоеле економски предуслови за модерен социјализам, дека недостасувала само неговата правна формулација. Заради тоа наместо социјализам дошол феудализам, а материјалистичкото сфаќање на историјата е доведено ab absurdum!
Тоа што правниците на Римското Царство во пропаѓање така убаво го собрале во еден систем, тоа не било феудално, туку римско право, право на едно општество на производители на стоки. Бидејќи според претпоставките на господин Менгер движечка сила на историјата е правничката претстава, тој овде пред римските правници поставил огромно барање: требало тие наместо правен систем на постоечкото римско општество да го дадат токму спротивното, то ест „јасна, од сите занеси ослободена слика“ на едно фантастична општествена состојба. Ете, тоа е Менгеровата филозофија на правото применета на римското право! Меѓутоа, поточно ужасно е Менгеровото тврдење дека економските услови никогаш уште не биле така поволни за социјализам како во времето на римските цареви. Социјалистите, кои Менгер сака да ги побие, сметаат дека развитокот на самото производство е гаранција за успех на социјализмот. Од една страна, благодарение на развитокот на големото машинско производство во индустријата и земјоделството производството станува сè повеќе општествено, а продуктивноста на трудот огромна; ова доведува до укинување на класните разлики и до пренесување на производството на стоки од приватни претпријатија во производство непосредно за општеството и од страна на општеството. Од друга страна, модерниот начин на производство произведува класа, која е сè повеќе квалификувана и сè позаинтересирана за тоа да го оствари овој развиток – произведува слободен, работен пролетаријат.
А сега, да ја споредиме состојбата на царски Рим, каде за големо машинско производство не станувало ни збор ни во индустрија ни во земјоделство. Вистина, ние наоѓаме концентрација на земјопоседите, меѓутоа човек мора да биде правник за да го смета тоа по значајност еднакво со развитокот на општествено извршениот труд во големите претпријатија. Ако ние му дадеме на господин Менгер три примери на земјопоседи: земјопосед на еден ирски лендлорд, кој поседува 50.000 акри, која ја обработуваат 5.000 наематели во мали парцели просечно по 10 акри; земјопосед на еден шкотски лендлорд, кој 50.000 акри претворил во ловиште, и пример со една џиновска фарма во Америка од 10.000 акри на која се одгледува пченица на големоиндустриски начин, тој ќе изјави дека во двата први случаи концентрацијата на средствата за производство е пет пати поголема одошто во последниот.
Развитокот на римското земјоделство во времето на царството, водел, на една страна, до ширење пасишта на непрегледни пространства и до опаѓање на населението во селата, а на друга страна до цепење на имотите во мали закупи кои се давани на колонисти, оттука до џуџести домаќинства на зависни ситни селани, претходници на подоцнежните кметови, оттука до еден начин на производство во кој веќе, во зародиш, бил задржан начин на производство на Средниот век. И, почитуван господине Менгер, веќе затоа, помеѓу останатото, после Римското Царство следел „средновековниот правен поредок“. Постоело, вистина, повремено во поедини провинции и големи земјоделски имоти, меѓутоа тоа не било машинско производство со слободни работници, туку тоа било плантажно производство со робови, со варвари од најразлични националности, кои меѓусебно често не можеле да се разберат. Наспроти овие постоеле слободни пролетери, меѓутоа не работни, туку лумпенпролетери. Денес на трудот на пролетерите во сè поголема мера почива општеството, тие стануваат сè понеопходни за неговото постоење; римските лумпенпролетери биле паразити, тие не само што не го користеле општеството, туку дури му биле штетни и затоа и биле без некоја сериозна моќ.
Меѓутоа, на господин Менгер му се чини дека начинот на производство и народот никогаш не биле така зрели за социјализам како во времето на царевите! Ете, каква е предноста кога човек се држи што е можно подалеку од економските „превези“.
Црковните отци ќе му ги поклониме, бидејќи тој премолчува во што нивните „критики на постоечката состојба во општеството“ „можат да се споредат со најдобрите социјалистички написи на денешницата.“ На црковните отци им се заблагодаруваме за многуте интересни соопштенија од времето на римското општество во пропаѓање, меѓутоа во критика на истиот тие, по правило, не се впуштале, тие се задоволувале со тоа што едноставно го проколнуваат и тоа со изрази со таква сила што, во споредба со нив, најсилниот говор на модерните социјалисти, па дури и вревата на анархистите изгледаат нежни. Мисли ли господин Менгер на оваа „надмоќност“?
Со истиот презир кон историските факти, на кои штотуку ставивме забелешка, Менгер на стр. 2 кажува дека привилегираните класи го добиваат својот приход без лична противуслуга на општеството. Нему му е, значи, потполно непознато дека владејачките класи мора да вршат многу одредени општествени функции во времето на подем во својот развиток и дека поточно заради тоа стануваат владеачки. Додека социјалистите ја признаваат привремената историска оправданост на овие класи, Менгер овде нивното присвојување на вишокот производи го прогласува за кражба. Тогаш може само да го чуди тоа што овие класи секој ден сè повеќе губат моќ да го заштитат своето право на овој приход, како што тој наоѓа на стр. 122, 123. Тоа што оваа моќ се состои во вршење општествени функции и што со исчезнување на овие функции во понатамошниот развиток и таа исчезнува, правото е загатка за овој голем мислител.
Доста за тоа. Господинот професор смета сега за важно да го обработи социјализмот во духот на филозофијата на правото, тоа значи да го сведи на неколку кратки правни формули, на социјалистички „основни права“, на ново издание на човековите права за 19 век. Таквите основни права, додуша, имаат само
„мала практична делотворност“, меѓутоа „на научна основа не се без корист“ како „пароли“ (стр. 5, 6).
Значи, веќе сме паднале така ниско што сега имаме работа уште само со паролите. Прво се отстрани историската зависност и содржина на снажно движење за да се направи место на формалната „филозофија на правото“, а тогаш таа филозофија на правото се сведува на пароли кои, по сопствено признание, практично не вредат ни половина луле тутун! Тоа навистина е вреден труд.
Господин професор сега открива дека целиот социјализам правно може да се сведи на три такви пароли, на три основни права. Тоа се:
1. право на полн приход од труд,
2. право на егзистенција,
3. право на труд.
Правото на труд е само провидно барање, „прва недоделкана формула во која се резимираат револуционерните барања на пролетаријатот“ (Маркс)[5] и, значи, не припаѓа овде. Наспроти тоа, заборавено е барањето за еднаквост, кој владееше со целиот француски револуционерен социјализам, од Бабеф до Кабе и Прудон, но кое господин Менгер тешко ќе може да го формулира правнички, наспроти тоа, или токму за тоа, што е најправничкото од сите споменати барања. Како квинтесенца остануваат само мршавите поставки 1 и 2 кои се покрај тоа и меѓусебно противречни, што Менгер конечно открива на стр. 27, но што во никој случај не го спречува да тврди дека во тоа мора да се движи секој социјалистички систем (стр. 6). Меѓутоа, јасно е дека присилното пластење најразлични социјалистички доктрини од најразлични земји и степени на развиток во овие две „пароли“ мора да фалсификува цел приказ. Особеноста на секоја поединечна доктрина, што всушност го сочинува нејзиното историско значење, овде не се отфрла само како нешто споредно, туку, затоа што се отстапува од пароли и нивните противречности, се отфрла како нешто што е просто-напросто погрешно.
Во оваа статија се обработува само правото под бр. 1, право на полн приход од труд.
Правото на работниците на полн приход од трудот, то ест на секој поединечен работник на неговиот посебен приход од трудот, тоа право, во овој одреден облик, е само Прудоново учење. Потполно различен од него е барањето средствата за производство и производите да им припаднат на сите оние кои работат. Ова барање е комунистичко и тоа, како што Менгер открива на стр. 48, го надминува барањето под бр. 1, што Менгер го доведува во не мала неприлика. Затоа тој комунистите час мора да ги рангира под бр. 2, час основното право бр. 1 толку да го развлекува и врти додека не добие можност да ги нафрли комунистите таму. Ова се случува на стр. 7. Овде се претпоставува дека после укинувањето на стоковното производство тоа сепак и понатаму ќе постои. На господин Менгер му се чини сосема природно и во едно социјалистичко општество да се произведуваат разменски вредности, значи, стока за продавање, и дека и понатаму постои цена на трудот, дека, значи, и тогаш како и претходно работната сила се продава како стока. Единственото прашање за кое овде, според него, се работи е дали цената на трудот, која е историски наследена, со некое повишување се одржува и во социјалистичкото општество, или пак треба да дојде до „едно потполно ново одредување цена на трудот“. Последното, според негово мислење, уште повеќе би го потресело општеството отколку воведувањето социјалистички општествен поредок! Оваа збрка на поими е разбирлива, бидејќи нашиот научник на стр. 94 зборува за некоја социјалистичка теорија на вредноста, тој значи, по познат пример, вообразува дека Марксовата теорија на вредноста треба да даде мерило за расподелбата во идното општество. На стр. 56 дури се кажува дека полниот приход од трудот воопшто не е нешто одредено, бидејќи тој може да се пресмета според најмалку три различни мерила, и, конечно, на стр. 161, 162 сознаваме дека е тој „природен принцип на расподелба“ и дека би бил можен само во општество со заедничка сопственост, меѓутоа со индивидуално користење, значи во општество, кое денес, како конечна цел, не поставува ниеден единствен социјалист! Извонредно основно право! И извонреден филозоф на правото на работничката класа!
Менгер со ова себеси си ја олеснил работата „критички“ да ја прикаже историјата на социјализмот. Ќе ви наведам три содржински зборови, па иако тие не одат од уста до уста,[6] тие сепак се доволни за матурскиот испит, кој овде се приредува со социјалистите. Значи, ти Сен-Симон, ти Прудон, ти Маркс и како сè не се нарекувате: се заколнувате ли на бр. 1, или на бр. 2, или на бр. 3? Овде во мојата Прокрустова постела, а сè што од неа е подолго ќе го отсечам како национално-економски или филантропски превез!
Овде се работи само за тоа кај кого од овие тројца најпрво може да се најдат овие три природни права кои Менгер ги октроира на социјализмот; оној кој прв поставил една од овие формули – тој е голем човек. Дека при тоа не може да се помине без смешни промашувања разбирливо е наспроти апаратот кој делува научно. Така тој верува дека кај сенсимонистите oisifs значи поседничка, а travailleurs работничка класа (стр. 67) и тоа во насловот на сенсимонистичката статија: "Les oisifs et les travailleurs. - Fermages, loyers, intérêts, salaires"[7] (Безделничари и работници. – Закупнина, рента, камата, наемнина), каде што немањето профит веќе може да го научи на нешто подобро. На истата страница Менгер дури цитира едно карактеристично место од весникот „Globe“, орган на сенсимонизмот, во кое научниците и уметниците на индустријата, то ест фабрикантите, наспроти oisifs се слават како добротворци на човештвото, и каде се бара само укинување на данокот кој им се дава на oisifs, тоа значи рентиери, на оние кои собираат закупнина, рента, камата. Профитот од ова набројување одново е исклучен. Фабрикантот во сенсимонистичкиот систем зазема истакнато место како моќен и добро платен сподвижник на општеството, и господин Менгер добро би направил оваа положба поблиску да ја простудира пред да ја обработи во духот на филозофијата на право.
На стр. 73 слушаме дека Прудон во Contradictions économiques,[8] „вистина прилично нејасно“ ветуваше „едно ново решение на општествените проблеми“ со задржување на стоковното производство и конкуренцијата. Она што е за господинот професор уште во 1866 прилично нејасно, тоа Маркс го согледа веќе 1847, укажувајќи на тоа како нешто старо и веќе тогаш тој на Прудон можеше да прорекне банкрот, кој овој го доживеа во 1849.[9]
Но доста за тоа. Сето ова за што досега зборувавме споредно е за господин Менгер, а и за неговата публика. Тој да беше напишал само историја на право бр. 1, неговата статија би поминала без трага. Оваа историја, меѓутоа, е само изговор за оваа статија, негова цел е да се компромитира Маркс. И таа статија се чита само затоа што во неа се работи за Маркс. Него веќе одамна не е така лесно да се критикува, откако разбирањето на неговиот систем продре во широките кругови и критичарот повеќе не може да спекулира со незнаењето на публиката. Преостана уште само едно: за да се понижи Маркс, неговите заслуги треба да им се припишат на други социјалисти, социјалисти за кои никој ништо не знае, кои веќе си отишле од сцената, кои веќе не се значајни ни од политички, ни од научен аспект. Марксовите критичари се надеваат дека на овој начин ќе расчистат со основачот на пролетерскиот поглед на светот и со самиот тој поглед. Господин Менгер со тоа се зафатил. Човек не е тука-така професор. Сака и да постигне нешто.
Работата изгледа многу едноставна.
Сегашниот општествен поредок им дава на земјопоседниците и капиталистите „право“ на еден – најголем – дел од работничкиот производ. Основното право бр. 1 кажува дека ова право е неправично и дека на работникот му припаѓа целиот приход од трудот. Со тоа е решена целата содржина на социјализмот, во колку не дојде во прашање основното право бр. 2. Оној, значи, кој прв рекол дека е неправо денешното право на имателите на земјиште и други средства за производство на еден дел од приходот од трудот, тој е голем човек, тој е основач на „научниот“ социјализам! А тоа биле Годвин, Хол и Томпсон. Отфрлајќи ги сите бескрајни национално-економски превези, Менгер кај Маркс, како правнички остаток, го наоѓа само ова тврдење. Следствено на тоа, Маркс ги препишал старите Англичани, особено Томпсон и својот извор грижливо го премолчил. Доказот е наведен.
Ние нема ни да се обидеме да им објасниме на овие ограничени правници дека Маркс никаде не поставува барање за „право на полн приход од трудот“, дека тој во своите теориски дела воопшто не поставува правно барање од каков било вид. Дури и на нашиот правник му заблеснува некое далечно сомнение кога на Маркс му префрлаат дека никаде „не дава заснован приказ на правото на полн приход од трудот“ (стр. 98).
Во Марксовите теориски истражувања правничкото право, кое отсекогаш ги одразува само економските услови на одредено општество, секогаш доаѓа во обѕир само како нешто секундарно; во прв план, наспроти тоа, доаѓа историска оправданост на одредени состојби, начини на присвојување, општествени класи на одредени епохи, чие изучување го интересира во прв ред секој оној кој во историјата гледа поврзан, иако често и противречен тек на развиток, а не како што прави 18 век, само збрка на лудост и бруталност. Маркс ја сфаќа историската неминовност, значи оправданоста за постоење на античките робовладетели, средновековните феудални господари итн. како лост на човечкиот развиток за еден ограничен историски период; тој со тоа признава и привремена историска оправданост на експлоатацијата, присвојувањето производи на трудот од страна на други; но тој, истовремено, и докажува дека овие историски оправданости повеќе не само што ги нема, туку дека продолжувањето на експлоатацијата во каков било облик, развитокот на општеството секој ден сè повеќе го кочи и го вплеткува во сè посилна колизија, наместо да го зајакнува. А Менгеровиот обид ова епохално историско истражување да го набие во својата тесна, правна Прокрустова постела, само ја докажува неговата сопствена тотална неспособност да ги сфати оние нешта, кои ги надминуваат најтесните правнички хоризонти. Неговото основно право бр. 1 во оваа формулација за Маркс апсолутно не постои.
Но сега доаѓа она вистинското!
Господин Менгер кај Томпсон открил термин „вишок на вредноста“, surplus value. Значи, нема сомнение, Томпсон го открил вишокот на вредноста, Маркс е само беден плагијатор:
„Во овие Томпсонови сфаќања веднаш ќе препознаеме тек на мислата, па дури и начин на изразување, кој подоцна одново го наоѓаме кај толку социјалисти, а особено кај Маркс и Родбертус“ (стр. 53).
Томпсон е, значи, неспорно „најистакнатиот основач на научниот социјализам“ (стр. 49). А во што се состои тој научен социјализам?
Сфаќањето „дека земјишната рента и добивката од капиталот се одбивања, кои сопствениците на земјиште и сопствениците на капитал ги земаат од полниот приход на трудот, не е во никој случај својствено на социјализмот, бидејќи многу претставници на граѓанската национална економија, на пример Адам Смит, поаѓаат од истото мислење. Томпсон и неговите следбеници се оригинални само во толку што земјишната рента и добивката од капиталот ги сметаат како бесправни одбивања, кои се во спротивност со правото на работниците на полн приход од трудот“ (стр. 53, 54).
Научниот социјализам, значи, не се состои во тоа да открива некои економски факти, тоа, според Менгер, економистите го направиле веќе пред него, наместо едноставно во тоа да ги прогласи за бесправни. Тоа е сфаќањето на господин Менгер во врска со тоа. Да ја сфатеа социјалистите работата така лесно, тие веќе одамна би можеле да си ги соберат парталите и господин Менгер би бил поштеден од своите правно-филозофски срамотилаци. Меѓутоа, така е тоа, кога некое едно светско-историско движење се сведува на правнички пароли, кои може да се нагмечат во џеб од елече.
Но што е со вишокот на вредноста, кој е украден од Томпсон? Со тоа работите стојат вака:
Томпсон во своето дело Inquiry into the Principles of Distribution of Wealth итн. глава 1, дел 15 истражува
„кој сразмерен дел од нивниот производ на трудот треба („ought“, буквално „се должни“, значи „треба по право“) работниците да платат за артикал, наречен капитал, на неговите сопственици, наречени капиталисти“? Капиталистите кажуваат дека „без овој капитал, без машинеријата, сировините итн. самиот труд би бил непродуктивен и дека заради тоа сосема праведно е работникот за негово користење нешто да плаќа.“ И Томпсон продолжува: „Работникот без сомнение за користење на истиот мора нешто да плати, ако е така несреќен да не го поседува лично; прашање е колку од производот на неговиот труд би требало (ought) да биде одбиено за ова користење“ (стр. 128 Пареово издание од 1850).
Ова веќе воопшто не личи на „право на полн приход од трудот.“ Напротив, Томпсон смета дека е сосема во ред работникот да отстапи еден дел од својот приход од трудот за користење на позајмениот капитал. Се прашува само – колку? И тука постојат „две мерила, работничко и капиталистичко.“ А што е работничко мерило?
„Плаќањето сума, која го надополнува трошењето на капиталот, неговата вредност кога потполно се конзумира, и, од тоа, уште едно такво додадено надополнување на неговиот сопственик и управувачот (superintendent), која би ги одржала овие во истиот комфор каков што имаат навистина работните (more actively employed) продуктивни работници!“
Тоа е, според Томпсон, барање на работниците и кој овде веднаш не „го препознае контемплативниот ток, па дури и начинот на изразување на Маркс,“ тој без милости паѓа на испитот од филозофија на правото кај господин Менгер.
Но вишокот на вредноста – што е со вишокот на вредноста? Стрпливост, драги читатели, веднаш доаѓаме на тоа.
„Мерило на капиталистот би била додадената вредност, која ја произведува ист квантитет на труд заради користење машинерија или друг капитал; така што целиот овој вишок на вредноста би го уживал капиталистот, заради неговата надмоќна интелигенција и вештина, благодарение на кои тој го собрал својот капитал и им го препуштил на работниците на употреба“ (Томпсон, стр. 128).
Ова место, буквално земено, е сосема неразбирливо. Без средства за производство невозможно е какво било производство. Средствата за производство се овде, меѓутоа, претставени во форма на капитал, то ест во сопственост на капиталистот. Значи, ако работникот произведува без „користење машинерија или друг капитал“, тогаш тој се обидува да го направи невозможното, поточно, не произведува ништо. Но ако произведува со употреба на капиталот, тогаш целиот негов производ би бил она што овде се нарекува вишок на вредноста. Да погледнеме, значи, понатаму. А тука Томпсон, на стр. 130, му дозволува на тој ист капиталист да каже:
„Пред пронаоѓањето на машинеријата, пред да се почне да се градат работилници и фабрики, каков тогаш бил износот на производи, кои се создавале непотпомогнати од работната сила? Колку да бил тој, треба и понатаму тој да се користи... но оние кои направиле згради и машинерија, или оние кои ги добиле по пат на слободна размена, тие треба да го добијат целиот вишок на вредноста на произведената стока како награда“ итн.
Томпсоновиот капиталист овде само ја изговорува секојдневната илузија на фабрикантите, дека работниот час на работниците, кои произведуваат со помош на машинерија итн. произведува некоја поголема вредност одошто работен час на прост рачен труд на работник пред пронаоѓањето на машинеријата. Ова вообразување го поддржува извонредниот „вишок на вредноста“, кој капиталистот го граби, кога во некоја област која дотогаш припаѓала на рачниот труд влета во работа со некоја новопронајдена машина, која ја монополизирал тој и можеби уште неколку други капиталисти. Цената на рачниот производ овде ја одредува пазарната цена на целокупниот производ на оваа индустриска гранка; машинскиот производ чини можеби само четврти дел од трудот, тој, значи, на фабрикантот му носи „вишок вредност“ од 300 проценти на неговата цена на чинење.
Се разбира дека општата употреба на машините набргу става крај на овој вид „вишок вредност“; но тогаш капиталистот увидува дека, во оној размер во кој машинскиот производ ја одредува пазарната цена, и оваа цена сè повеќе и повеќе се сведува на вистинската вредност на машинскиот производ, исто така паѓа цената на рачниот производ и со тоа таа бидува намалена под нејзината поранешна вредност, дека, значи, машинскиот труд во споредба со рачниот труд сè уште произведува извесен „вишок вредност“. Ова сосема обично самозалажување го става овде Томпсон во устата на фабрикантот. Но колку малку и самиот верува во тоа, изречно кажува непосредно пред тоа, на стр. 127:
„Суровините, зградите, наемнината не можат ништо да придонесат на сопствената вредност; додадената вредност доаѓа само од трудот.“
Ги молиме нашите читатели да ни простат што овде, исклучиво во корист на господинот Менгер, уште посебно нагласуваме дека и оваа Томпсонова „додадена вредност“ во никој случај не е Марксовиот вишок на вредност, туку цела вредност, која се додава на суровината преку трудот, значи, сумата на вредноста на работната сила и вишокот на вредноста во Марксова смисла.
Дури сега, после овој неизбежен „национално-економски превез“, можеме потполно да ја оцениме храброста на господин Менгер, со која тој на стр. 53 кажува:
„Според Томпсоновото сфаќање... капиталистите го сметаат... вишокот на вредноста (surplus value, additional value), кој треба да им припадне на сопствениците на земјиште и капитал, за онаа разлика помеѓу животните потреби на работникот и вистинскиот приход на неговиот труд, кој станал продуктивен благодарение на машините и другите примени на капиталот.“
Тоа треба да биде германскиот „слободен“ приказ на местата на стр. 128 од Томпсоновото дело, кое горе ги наведовме. Меѓутоа, кај Томпсоновите капиталисти се говори единствено за разликата помеѓу производите од исто количество на труд (the same quantity of labour), во зависност од тоа дали се работи со користење капитал или без користење капитал, за разликата помеѓу производи од исто количество на рачен труд и машински труд. „Животните потреби на работниците“ господин Менгер ваму може само да ги прошверцува на тој начин што директно го фалсификува Томпсон.
Значи, да констатираме: „Вишокот на вредноста“ на Томпсоновите капиталисти не е Томпсонов „вишок на вредноста“ или негова „додадена вредност“, уште помалку еден од овие два „вишоци на вредности“ е на господин Менгер; а најмалку е еден од овие три Марксовиот „вишок на вредноста“.
Меѓутоа, на господин Менгер тоа ни најмалку не му смета. Тој на стр. 53 продолжува:
„Земјишната рента и добивката од капиталот заради тоа не се ништо друго освен одбивања, кои сопственикот на земјиште и капитал е во состојба да ги одземе од полниот приход на трудот на штета на работникот врз основа на законот на воспоставена позиција на моќ“ – реченица, која по својата цела содржина е содржена веќе кај Адам Смит – и тогаш триумфално извикнува: „Во овие Томпсонови сфаќања веднаш ќе препознаеме тек на мислата, па дури и начин на изразување, кој подоцна одново го наоѓаме кај толку социјалисти, а особено кај Маркс и Родбертус.“
Со други зборови, господин Менгер кај Томпсон открил термин surplus value (исто така additional value), вишок на вредноста, при што само со помош на директно искривување може да се сокрие дека surplus value или additional value кај Томпсон се појавува во два меѓусебно тотално различни значења, а кои се пак, тотално различни од смислата во која Маркс го употребува терминот вишок на вредноста.
Тоа е целата содржина на неговото огромно откритие! Каков јаден резултат во споредба со помпезноста на најавата во предговорот:
„Јас во овој труд ќе наведам доказ дека Маркс и Родбертус своите најважни социјалистички теории ги позајмиле од постарите англиски и француски теоретичари, а дека не ги навеле изворите на своите сфаќања.“
Колку тажно изгледа споредувањето, кое претходи на оваа реченица:
„Кога некој триесет години после појавата на делото на Адам Смит за националното богатство одново би го ‘открил’ учењето за поделбата на трудот или кога денес некој автор би сакал да ја претстави Дарвиновата теорија на развиток како своја духовна сопственост, ние би го сметале за игнорант или за шарлатан. Само во областа на општествените науки, кои се поточно уште скоро потполно лишени од некоја историска традиција, може да се замислат успешни обиди од овој вид.“
Ни овде нема да го земеме во обѕир тоа што Менгер сè уште верува дека Адам Смит ја „открил“ поделбата на трудот, додека, меѓутоа, веќе Пети оваа точка потполно ја развил осумдесет години пред Смит. Но, она што го рекол Менгер за Дарвин сега во извесна мерка се пресвртело. Јонскиот филозоф Анаксимандер веќе во шестиот век пред нашата ера го изнел сфаќањето дека човекот се развил од риба, а како што е познато, тоа е и сфаќањето на денешната еволуциона природна наука. Кога сега некој би сакал да настапи и да објаснува дека овде веќе се препознава мисловниот тек, па дури и начинот на Дарвиновото изразување и дека Дарвин не е ништо друго освен плагијатор на Анаксимандер, но дека грижливо го сокрил својот извор, тогаш тој во врска со Дарвин и Анаксимандер би постапил точно така како што навистина постапува господин Менгер во врска со Маркс и Томпсон. Господинот професор има право: „Само во областа на општествените науки“ смее да се смета на она незнаење, кое прави да „може да се замислат успешни обиди од овој вид“.
Но бидејќи тој толку полага на терминот „вишок на вредноста“, без обѕир на тоа кој поим со тоа е поврзан, ќе им ја откриеме на големите познавачи на социјалистичката и економската литература тајната дека зборот surplus produce [вишок производ] се појавува не само веќе кај Рикардо (во поглавјето за наемнината),[10] туку дека покрај изразот mieux-value [вишок на вредноста], кој го употребил Сисмонди, во Франција од памтивек во употреба во обичниот работен живот е изразот plus-value за секое зголемување на вредноста, кое сопствениците на стока ништо не ги чини. Според тоа, би можело да биде под знак прашалник дали Менгер ќе го открие откритието на вишокот на вредноста, благодарение на Томпсон или, далеку повеќе, благодарение на Томпсоновите капиталисти, ќе биде значајно макар и во филозофијата на правото.
Но господин Менгер уште ни од далеку не е готов со Маркс. Нека се слушне:
„Карактеристично е што Маркс и Енгелс ова фундаментално дело на англискиот социјализам“ (то ест Томпсон) „веќе четириесет години погрешно го цитираат“ (стр. 50).
Не е доста што Маркс веќе четириесет години ја премолчува оваа тајна на Егерија, тој мора уште и погрешно да ја цитира! И тоа не само еднаш, туку веќе четириесет години! И не само Маркс, туку и Енгелс! Каква грамада од смислени искривувања! Беден Лујо Брентано, ти кој веќе дваесет години трагаш за еден единствен Марксов погрешен цитат и кој во оваа хајка ги извалка не само своите прсти туку си го унесреќил и твојот лековерен пријател во Кембриџ Сидли-Тејлор[11] – обеси се, Лујо, што ти ова не го пронајде! А во што се состои ова ужасно, четириесет години спроведувано и покрај тоа „карактеристично“ фалсификување, кое благодарение на понатамошното злобно, исто така Енгелсово четириесетгодишно, соучество прима карактер на злобен заговор?
„...погрешно цитираат на тој начин што првото издание од тоа го ставаат во годината 1827!“
А книгата се појавила веќе во 1824!
„Карактеристично“, навистина – за господин Менгер. Но тоа не е ни од далеку единствен – внимавај, Лујо! – не е единствен погрешен цитат на Маркс и Енгелс, кои, изгледа, со погрешно цитирање се занимаваат како занает – можеби и како патувачки занаетчии. Во делото Misère de la philosophie, кое е објавено во 1847, Маркс го заменил Hodgskin со Hopkins, а четириесет години после тоа (четириесет години овие злобници ништо не работат), Енгелс ја прави истата грешка во предговорот на германскиот превод на Misère.[12] Заради ова негово префинето чувство за грешки при печатењето и пишувањето навистина е загуба за човештвото што господинот професор не станал коректор во некоја печатница. Но сепак не, ние мораме да го повлечеме овој комплимент. Господин Менгер не би вредел ни како коректор, бидејќи и тој препишува погрешно, значи цитира погрешно. Нему тоа се случува не само со англиски, туку и со германски наслови. Така тој, на пример, укажува на „Енгелсовиот превод на овој труд“, то ест на Misère. Според насловната страница на тој труд, Енгелс не го направил овој превод. Марксовото место со Хопкинс, Енгелс во споменатиот предговор го цитира буквално, тој значи бил должен да цитира и по грешка, ако не сакал да го цитира погрешно на Маркс. Но овие луѓе на господин Менгер не можат никако да угодат.
Но доста со ситничарствата по кои нашиот филозоф на правото рие со такво задоволство. „Карактеристично“ е за овој човек и за целата негова сорта што тој, кој целата оваа литература ја запознал главно од Марксовите дела – не цитира ни еден единствен англиски автор, кој веќе не го цитирал Маркс, освен можеби Хол и во светот познатите луѓе како што е Годвин, Шели таткото – дека тој се чувствува обврзен да наведе дека познавал две или три книги повеќе од Маркс „пред четириесет години“, во 1847 година. Оној кој – имајќи ги насловите само од оние дела кои ги навел Маркс и од сегашните помошни извори и поволности на Британскиот музеј – во оваа гранка не знаел да направи ни едно друго откритие освен она дека Томпсоновото дело Distribution се појавило во 1824, а не 1827, тој навистина не би требало да се фали со библиографска ерудиција.
Она што вреди за многу други социјални реформатори на нашето време, вреди и за господин Менгер: големи зборови и ништожни – ако воопшто никакви – дела. Ветен е доказ дека Маркс е плагијатор, а докажано е дека еден термин, „вишок на вредноста“, бил употребен веќе пред Маркс, иако во друга смисла!
Така е тоа и со правничкиот социјализам на господинот Менгер. Во предговорот господин Менгер објаснува дека тој во:
„правничката обработка на социјализмот“ гледа „најважна задача за филозофијата на правото на нашето време.“ „Неговото правилно решение битно ќе придонесе за тоа да се спроведат неопходни измени на нашиот правен поредок по пат на една мирна реформа. Дури кога социјалистичките идеи ќе се претворат во разумни правни поими, практичните државници ќе бидат во состојба да осознаат колку сегашниот правен поредок може да се промени во интерес на страдалните народни маси.“
Тој со оваа преобразба преминува на прикажување на социјализмот како правен систем.
А на што се сведува оваа правничка обработка на социјализмот? Во „Заклучните забелешки“ стои:
„Не постои навистина никакво сомнение, дека изградбата на еден правен систем со кој потполно владеат овие фундаментални правни идеи“ (основно право бр. 1 и 2) „припаѓа во далечна иднина“ (стр. 163).
Она што во предговорот се појавува како најважна задача „на нашето време“, на крајот се преместува во некоја „далечна иднина“.
„Нужните промени“ (на сегашниот правен поредок) „ќе настапат по пат на еден долг историски развиток, слично на тоа како што нашиот сегашен општествен поредок со тек на векови така го разложи и уништи феудалниот систем, додека конечно не му било потребен само еден удар, па да го отстрани потполно“ (стр. 164).
Многу убаво кажано, но каде тогаш е филозофијата на правото, ако „историскиот развиток“ на општеството предизвикува нужни промени? Во предговорот правниците се оние кои го одредуваат патот на општествениот развиток; сега кога дошло време правникот да се фати за збор, тој губи храброст и пелтечи нешто за историскиот развиток, кој сè прави сам од себе.
„Но дали нашиот општествен развиток тежнее кон остварување на правото на полн приход од трудот или остварување на правото на труд?“
Господин Менгер изјавува дека тој тоа не го знае. Така кукавички тој сега ги напушта своите социјалистички „основни права“. Но ако со овие основни права ништо не може да се направи, ако тие не го одредуваат и остваруваат општествениот развиток, туку со него бидуваат одредувани и остварувани, зошто тогаш овој труд целиот социјализам да се сведи на основни права? Зошто труд за социјализмот да се лиши од своите економски и историски „превези“, кога ние, после сè, мораме да сознаеме дека овие „превези“ претставуваат негова вистинска содржина? Зошто нам дури на крајот ни се соопшти дека целото истражување нема баш никаква цел, бидејќи целта на социјалистичкото движење не може да се осознае со преобразување на социјалистичките идеи во трезни правни поими, туку само со проучување на општествениот развиток и причините, кои го движат тој развиток?
Мудроста на господин Менгер конечно се сведува на тоа дека тој изјавува дека не може да се рече кој правец ќе го заземе општествениот развиток, но дека е сигурен во едно, дека „недостатоците на нашиот сегашен општествен поредок не треба вештачки да се засилуваат“ (стр. 166) и, заради овозможување на понатамошно одржување на овие „недостатоци“, тој препорачува – слободна трговија и избегнување на понатамошното задолжување на државата и општините!
Овие совети се единствените опипливи резултати од Менгеровата филозофија на право, која се појавила со толку многу викотница и со толку фалења! Штета што со нас господин професор не ја споделува тајната како модерната држава и комуните да излезат на крај без „контрахирања на државните и комуналните долгови“. Ако веќе ја знае таа тајна, не би требало да ја задржува за себе. Тоа уште побрзо би му го отворил патот „горе“ во министерска фотелја, побрзо одошто тоа може да го направат неговите успеси во областа на „филозофијата на правото“.
Без обѕир на тоа на каков прием ова ќе наиде на „меродавно место“, ние веруваме дека во секој случај смееме да тврдиме дека социјалистите на денешницата и иднината на господин Менгер ќе му ги подарат сите негови основни права или дека ќе се одречат од секаков обид да му го оспорат овој негов „полн приход од трудот“.
Со тоа, се разбира, не е кажано дека социјалистите ќе се одречат од тоа да постават одредени правни барања. Една активна социјалистичка партија не може да се замисли без тоа, како впрочем ни секоја политичка партија. Правата, кои произлегуваат од заедничките интереси на некоја класа можат да се остварат само така што оваа класа да ја освои политичката власт и на своите права им обезбеди општо важење во форма на закон. Секоја борбена класа, значи, мора во програмата да ги формулира своите права во облик на правни барања. Но тие права на секоја класа се менуваат во текот на општествените и политичките пресврти, тие се поинакви во секоја земја, зависно од нејзините особености и степенот на нејзиниот општествен развиток. Заради тоа и правните барања на поодделните партии, и покрај сета согласност околу крајната цел, не се потполно исти во секое време и кај секој народ. Тие се променлив елемент и од време на време се ревидираат, како што тоа може да се забележи кај социјалистичките партии на различни земји. При таквите ревизии вистинските односи се она што се зема во обѕир; наспроти тоа, сè уште на ниедна постоечка социјалистичка партија не ѝ паднало на ум од својата програма да прави некоја нова филозофија на право и тоа ни во иднина не би смеело да ѝ падне на ум. Барем, она што господин Менгер го постигнал во таа област, може да делува само застрашувачки.
Тоа е единствениот корисен аспект од неговиот мал труд.
Забелешки на преведувачот на српско-хрватското издание
[1] Статијата „Правнички социјализам“ Енгелс планирал да ја напише во октомври 1886 година како одговор на книгата на австрискиот граѓански социолог и јурист Антон Менгер „Право на полн доход од трудот историски претставено“. Менгер тука се обидува да докаже дека Маркс својата економска теорија ја позајмил од англиските утопистички социјалисти на Рикардовата школа, особено од Томпсон. Бидејќи Енгелс не можел да не обрати внимание на овие клевети, како и на Менгеровите фалсификувања на суштината на Марксовото учење, тој најнапред сакал да му одговори на Менгер лично во печатот. Но, бидејќи увидел дека неговото лично истапување против Менгер би можело во извесна мера да биде искористено како реклама за овој човек, безначаен дури и за капиталистичката наука, сметал дека е подобро да се пресмета со овој во некој статија на редакцијата »Neue Zeit« или во рецензијата на Менгеровата книга, која би ја напишал Карл Кауцки, редактор на ова списание. Енгелс поради тоа го поттикнувал Кауцки да напише статија против Менгер. Првобитно Енгелс сакал сам да го напише главниот дел од статијата, но поради болест морал да го прекине веќе започнатиот труд; Кауцки ја довршил статијата, земајќи ги во обѕир Енгелсовите упатства и ја објавил без потпис во весникот »Neue Zeit«, тетратка 2, 1887. Дури во индексот за овa списание, излезено во 1905 година, наведени се Енгелс и Кауцки како автори на оваа статија. Како Енгелсова статија таа е објавена во 1904 на француски јазик во бројот 132 од списанието »Mouvement socialist«. Бидејќи не е пронајден ракописот на оваа статија, не е можно да се утврди кој дел од статијата го напишал Енгелс, а кој Кауцки, а овде таа статија е пренесена во целост.
[2] Спореди ја во врска со ова, статијата на Фридрих Енгелс за Лудвиг Фојербах во »Neue Zeit« IV, стр. 206: „Кај професионалните политичари, кај теоретичарите на државното право и правниците по приватното право се губи сосема врската со економските работи. Бидејќи во секој поединечен случај економските работи мора да примат облик на правни мотиви за да би добиле законска санкција и бидејќи притоа, се разбира, мора да се води сметка за целиот постоечки правен систем, правниот облик треба да биде сè, а економската содржина ништо. Државното и приватното право се разгледуваат како две самостојни области, кои историски независно се развиваат, кои може и кои треба сами за себе систематски да се прикажат со посредство на доследно искоренување на сите внатрешни противречности.“ [забелешка на авторите]
[3] Доктор Антон Менгер, Des Recht auf den vollen Arbeitsertrag in geschichtlicher Darstellung, Stuttgart, Cotta, 1886, X, стр. 171.
[4] Нека биде правда, па и да пропадне светот.
[5] Карл Маркс, „Класни борби во Франција 1848 – 1850“.
[6] »Drei Worte nenn’s ich Euch inhaltsschwer, und wenn sie auch nicht gehen von Mund zu Munde«, Schiller, »Die Worte des Glaubens« (Зборови на верата).
[7] Под овој наслов излезе на 7 март 1831 година во весникот »Le Globe« една од оние статии на Barthélemy-Prosper Enfantin, кои во тој весник биле печатени во време од 28 ноември 1830 до 18 јуни 1831 и кои во 1831 се објавени во Париз како книга под насловот Ėconomie politique et politique. »Le Globe« – дневен весник, кој излегувал во Париз од 1824 до 1832. Од 18 јануари 1831 тој бил орган на сенсимонистичката школа.
[8] Proudhon, »Système des contradictions économiques, ou philosophie de la misère«, дел 1 – 2, Париз 1846.
[9] Карл Маркс, Беда на филозофијата. Одговор на „Филозофија на бедата“ на господин Прудон. Во почетокот на 1849 година Прудон во париското предградие Сен Дени отворил една таканаречена Народна банка. Таа требало, во склад со неговите утопистички принципи, да одобрува бескаматни кредити и да го припомогне остварувањето соработка меѓу работниците и капиталистите, која тој ја заговарал. Веќе после два месеци банката банкротирала.
[10] David Ricardo, On the principles of political economy, and taxation, London 1817, стр. 90 – 115.
[11] Во седумдесеттите години на 19 век капиталистичкиот економист Лујо Брентано започнал анонимна клеветничка кампања против Маркс, обвинувајќи го за свесно фалсификување на еден цитат од Гледстоновиот говор од 16 април 1863. Соодветната реченица од Гледстоновиот говор можела да се прочита на 17 април 1863 во извештаите на скоро сите лондонски весници (»The Times«, »The Morning Star«, »Daily Telegraph« и др.) за оваа седница на собранието, но била изоставена во Хансардовото полуслужбено издание на парламентарните дебати, чиј текст бил подложен на цензурата на самите говорници. Во својата полемика, Брентано го обвинувал на Маркс, кој цитирал според извештаите во весниците, за фалсификување и научна необјективност. Маркс на оваа клевета одговорил во две писма до редакцијата на весникот »Volksstaat« на 23 мај и 28 јули 1872.
По Марксовата смрт, истата клевета во ноември 1883 ја повторил англискиот капиталистички економист Тејлор. Оваа верзија за наводно фалсификување на цитат ја побила Елеонора Маркс во февруари и март 1884, во две писма до дневниот весник »To-day«, а подоцна Енгелс, во јуни 1890, во својот предговор за четвртото германско издание на Капиталот, како и во 1891 во својата брошура „Во предметот Брентано контра Маркс...“.
[12] Во второто германско издание на Беда на филозофијата излезено во 1892 Енгелс името Hopkins, кое во 1847 го наведе Маркс, го заменил со името Hodgskin и во белешките за ова издание укажал на коректурата, која ја извршил. Во 1822 година објавен е во Лондон трудот на Томас Хопкинс Economical enquiries relative to the laws which regulate rent, wages, and the value of money. Во 1827 година излегло делото на Томас Хоџскин под насловот Popular political economy... Во горенаведеното издание Енгелс ја поправил и годината на публикувањето на Томпсоновото дело, која во првото издание од 1847 била погрешно наведена.