Карл Маркс

Победа на контрареволуцијата во Виена


Првпат објавено: Sieg der Kontrerevolution su Wien, Neue Rheinische Zeitung, бр. 136 oд 7 ноември 1848
Извор: Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Дела, том 8, Просвета, Београд, 1975.
Превод: Томислав Захов (од српско-хрватски и англиски)
Онлајн верзија: јули 2024


Келн, 6 ноември. Победи хрватскиот поредок и слобода, а победата ја славеа со палење, силување, грабежи и други ѕверства. Виена е во рацете на Виндишграц, Јелачиќ и Ауершперг. На гробот на остарениот предавник Латур се жртвуваат хекатомби со луѓе.

Сите мрачни предвидувања на нашиот виенски дописник[1] се остварија, а можеби и самиот станал жртва на касапењето.

Во еден момент се надевавме на ослободување на Виена со унгарска помош, а движењата на унгарската војска сè уште ни се мистериозни.

Предавството од секаков вид го подготви патот за падот на Виена. Целата историја на Рајхстагот и Општинскиот совет по 6 октомври не е ништо друго освен континуирана историја на предавство. Кој беше претставен во Рајхстагот и Општинскиот совет?

Буржоазијата.

Еден дел од виенската Национална гарда отворено застана на страната на тајните кабинети од самиот почеток на Октомвриската револуција. Кон крајот на Октомвриската револуција, уште еден дел од Националната гарда во таен договор со царските бандити, се бореше против пролетаријатот и Академската легија[2]. На кои слоеви припаѓаат овие фракции на Националната гарда?

Буржоазијата.

Но, во Франција, буржоазијата застана на чело на контрареволуцијата, откако ги уништи сите пречки што стоеја на патот на владеењето на својата класа. Во Германија, буржоазијата кротко се придружува на свитата на апсолутната монархија и феудализмот пред да ги обезбеди дури и најосновните услови за живот неопходни за сопствената граѓанска слобода и владеење. Во Франција, таа играше улога на тиранин и спроведе своја контрареволуција. Во Германија таа се однесува како робинка и спроведува контрареволуција против сопствениот тиранин. Буржоазијата во Франција ја извојува својата победа за да го понижи народот. Во Германија буржоазијата се понижи за да ја спречи победата на народот. Историјата не познава посрамна подлост од онаа на германската буржоазија.

Кој побегна од Виена во голем број, оставајќи го своето богатство на великодушноста на народот, народот кој, како награда за неговите чуварски должности, го омаловажуваа за време на бегството и да гледа како го масакрираат при враќањето?

Буржоазијата.

Чии најдлабоки тајни беа откриени со термометарот кој паѓаше секогаш кога виенскиот народ даваше знаци на живот и се креваше кога луѓето беа во смртна мака? Кој го зборува тајниот јазик на берзанските курсеви?

Буржоазијата.

„Германското национално собрание“ и неговата „централна власт“ ја предадоа Виена. Кого претставуваат?

Пред се` буржоазијата..

Победата на „хрватскиот поредок и слобода“ во Виена зависеше од победата на „чесната“ република во Париз. Кој победи во јунските денови?

Буржоазијата.

Со победата во Париз, европската контрареволуција ги започна своите разврати.

Во деновите на февруари и март, вооружените сили насекаде претрпеа неуспеси. Зошто? Затоа што ја претставуваа само власта и никој друг. По јунските денови, тие победија секаде затоа што буржоазијата е насекаде во таен договор со нив, додека, од друга страна, во раце го држи официјалното раководство на револуционерното движење и ги презема сите оние полумерки кои по самата природа на нештата мораа да пропаднат.

Националниот фанатизам на Чесите беше најмоќниот инструмент што го поседуваше виенската камарила. Сојузниците веќе се во жестока расправија. Нашите читатели во овој број ќе го најдат протестот на прашката делегација против навредливата безобразност со која беше пречекана во Олмуц.

Ова е првиот симптом на војната што ќе избие меѓу словенската партија и нејзиниот херој Јелачиќ од една страна, и партијата на обичната камарила, која стои над сите националности, и нејзиниот херој Виндишграц од друга страна. Згора на тоа, германските селани во Австрија сè уште не се смирени. Нивниот глас ќе одекне гласно над мачкиното ржење на австриските националности. А од третата страна се слуша гласот на патриотскиот цар се` до Пешта; неговите џелати во дунавските кнежевства го чекаат заповедниот збор.

Конечно, последната одлука на германското национално собрание во Франкфурт за инкорпорирање на германска Австрија во германскиот Рајх, сама по себе ќе треба да доведе до огромен конфликт освен ако германската централна власт и германското Национално собрание не почувствуваат дека нивниот повик се состои во излегување на сцената за да бидат исвиркани од европската публика. И покрај нивната залудна оставка, борбата во Австрија ќе заземе толку огромни димензии какви што светската историја досега не видела.

Во Виена штотуку беше изведен вториот чин од драмата чиј прв чин беше одигран во Париз под наслов „Јунски денови“. Во Париз Мобилната гарда, во Виена „Хрватите“ – и овде-онде лацарони, вооружен и купен лумпенпролетаријат – беа користени против пролетерите кои работат и мислат. Во Берлин наскоро ќе го видиме и третиот чин.

Ако претпоставиме дека оружјето ќе `и овозможи на контрареволуцијата да се етаблира во цела Европа, тогаш таа ќе умре во цела Европа со силата на парите. Судбината што може да ја поништи нејзината победа ќе биде европскиот банкрот, државниот банкрот. Кога ќе дојдат во контакт со „економските“ факти, врвовите на бајонетите изгоруваат како хартија.

Но, развојот на настаните нема да чека до датумот на достасување на тие меници што европските држави ги извлекоа од европското општество. Во Париз ќе се води разорниот контранапад на јунската револуција. Со победата на „црвената република“ во Париз, армиите ќе бидат избркани од внатрешноста на нивните земји до границите и преку нив, и јасно ќе се покаже вистинската сила на борбените страни. Потоа ќе се потсетиме на овој јуни и овој октомври, и ќе извикаме:

Vae victis![3]

Бесмислените масакри од јунските и октомвриските денови, бескрајната жртвена церемонија од февруари и март, самиот канибализам на контрареволуцијата ќе го убеди народот дека постои само еден начин да се поедностави, да се скрати страшната агонија на старото општество и крвавите породилни болки на новото општество, а тој начин е револуционерен терор.


Фусноти

[1] Müller-Tellering. Види Neue Rheinische Zeitung бр. 127, 27 октомври 1848 година.

[2] Академската легија ја сочинуваа студенти и беше најрадикален дел од граѓанската воена организација.

[3] Vae victis! (Тешко на победените!) — извик што му се припишува на Брен, поглавица на галското племе Сенони кој ги поразил Римјаните и го зазел Рим во 390 п.н.е.