Фридрих Енгелс

Два говора во Елберфелд[1]


Првпат објавено: "Rheinische Jahrbücher zur gesellschaftlichen Reform“, 1845, том I, стр. 45-62 и 71-81.
Извор: К. Маркс - Ф. Енгелс, „Дела“, „Просвета“, Београд, 1968, том 5, стр. 211-227.
Превод: Лазар Гогов (од српскохрватски)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2020.


I

Господо!

Ние живееме во светот на слободната конкуренција. Да ги разгледаме нешто подетално таа слободна конкуренција и општествен поредок којшто таа го произвела. Во нашето денешно општество, секој работи на своја рака, секој настојува сам да се збогати и најмалку му е гајле што другите прават; за некоја разумна организација, за некоја поделба на трудот не се ни зборува, туку, спротивно, секој настојува другиот да го претекне, да искористи згодна прилика за своја добивка и нема ни време ни волја да мисли за тоа дека неговиот личен интерес сепак во основа се поклопува со интересот на сите други луѓе. Секој капиталист се бори против сите други, секој работник – против сите други работници; сите капиталисти се борат против сите работници, како што и масата работници мора да се борат против масата капиталисти. Во оваа војна на сите против сите, во овој општ неред и взаемно искористување се состои суштината на граѓанското општество. Но, таквото, на подолго време нерегулирано стопанство, нужно мора да донесе најкобни резултати по општеството; нередот кој му лежи во основата, занемарување на вистинското, општо добро, порано или подоцна, на еклатантен начин ќе избие на видело. Пропаста на многубројната средна класа, сталежите кои ја чинеа основата на државата од 18-ти век, е првата последица на оваа борба. Капиталот секојдневно ја гуши оваа класа. Поради појавата на готови одела, пропаѓаат кројачите; поради готовата (индустриска) дрвенарија – пропаѓаат дрводелците и од мали капиталисти, од членови на класата сопственици, се претвораат во зависни пролетери кои работат за сметка на други, стануваат членови на несопственичката класа. Пропаста на средната класа е една од многужалените последици на нашето многу фалено претприемништво; тоа е нужна последица од предноста која крупниот капиталист ја има над конкурентот кој има помал капитал, тоа е најсилен знак на животната тенденција на капиталот, да се концентрира во мал број раце. Оваа тенденција на капиталот е признаена од многу страни; од секаде се жалат дека имотот се концентрира во рацете на мал број луѓе, а наспроти тоа, дека огромно мнозинство од народот сè повеќе осиромашува. Така настанува остра спротивност меѓу малиот број богаташи на една, и големиот број на сиромаси на друга страна. И сè додека се задржува сегашната основа на општеството, ќе биде невозможно да се запре овој пораст на богатење на мал број поединци и осиромашување на огромната маса луѓе; спротивноста сè поостро и поостро ќе се покажува, додека најпосле неволјата не го присили општеството на реорганизација според најрационални принципи.

Но, ова ни од далеку не се сите последици од слободната конкуренција. Бидејќи секој произведува и троши на своја рака, не грижејќи се за производството и потрошувачката на другите, многу бргу мора да дојде до очаен несразмер меѓу производството и потрошувачката. Бидејќи денешното општество ја доверува распределбата на произведените производи на трговците, шпекулантите и ситните трговци, од кои пак секој поединец ја има во вид само својата сопствена корист, тоа во распределбата на производите – и независно од невозможноста несопственикот за себе да прибави доволен дел – ќе настане ист несразмер. Каде му се на фабрикантот средствата со помош на кои ќе дознае колку од неговите производи се барани на овој или оној пазар, и дури ако би можел да го дознае тоа, како ќе дознае колку производи испраќаат неговите конкуренти на секој од овие пазари?... Се нема друг показател освен вечно променливата цена, која во моментот кога тој ја испраќа стоката на подалечниот пазар е сосема подруга од онаа кога е напишано писмо кое го известува за тоа, а во моментот кога стоката пристигнува пак подруга отколку во моментот кога е испратена... Поради развиената циркулација, поради постоењето на многу шпекуланти и комисионери, кои се набутале меѓу фабрикантите кои произведуваат и вистинските потрошувачи (во развиената земја) на производителот ќе му биде многу тешко да дознае за односот на залихите и производството според потрошувачката; тој, покрај тоа, има да ги снабдува скоро сите светски пазари – тој не знае скоро во ниеден случај каде оди неговата стока, така се случува при огромната производна снага на (поразвиената) индустрија сите пазари да се пренатрупани. Прометот запира, фабриките работат половина работно време или воопшто не работат, настапуваат редица банкротства; залихите мора да се продаваат за ништо и голем дел од капиталот, кој со мака е собиран, така пак пропаѓа поради таквата трговска криза...

Што е вистинската причина за овие неволји? Од каде пропаѓање на средната класа, острата спротивност меѓу сиромашните и богатите, застој во трговијата и растурање на капиталот што резултира од тоа? Од никаква причина, освен од расцепканоста на интересите. Ние сите работиме, секој за своја лична корист, не грижејќи се за состојбата на другите, а сепак, очигледната вистина, вистината која се подразбира по себе дека интересот, благосостојбата, животната среќа на секој поединец, неразделно е поврзана со интересот, благосостојбата, животната среќа на неговите најблиски. Мора да признаеме сите дека ниеден од нас не може без своите блиски, дека сите нас интересот нè поврзува еден за друг, а сепак сите ние се смееме – со своите постапки – во очи на оваа вистина, сепак, го уредуваме нашето општество на начин што нашите интереси не се исти, туку како да се еден на друг сосема спротивни. Ако сакаме да ги отстраниме овие лоши последици, тогаш мораме да ја исправиме оваа основна заблуда, а тоа е поточно цел на комунизмот.

Во комунистичкото општество, во кое интересите на поединците не се спротивставуваат, туку се единствени, конкуренцијата е укината. За некое пропаѓање на поедини класи, за класи воопшто, како што се денешните класи на богати и сиромашни, не може, како што по себе се подразбира, да стане збор. Како што при производството и распределбата на производите потребни за живот отпаѓа приватното стопанисување, целта на поединците да се збогатат на своја рака, се губат сами по себе и кризите во прометот. Во комунистичкото општество ќе биде лесно да се има увид како во производството така и во потрошувачката. Бидејќи се знае колку на поединецот во просек што му треба, лесно е да се пресмета колку што им треба на одреден број поединци, а бидејќи производството не е повеќе во раце на приватници, туку е на заедницата и нејзината управа, тогаш ќе биде ситница да се уреди производството според потребите.

Во комунистичката организација отпаѓаат главните неволји на сегашната социјална состојба ... и се отстрануваат уште многу други неволји... Сегашното уредување на општеството во економски поглед е најнеразумно и најнепрактично што може да се замисли. Спротивставените интереси доведуваат до тоа голем број работни раце да се применуваат на начин од кој општеството нема никаква корист, значаен дел од капиталот да пропаѓа и не се репродуцира. Тоа се гледа во трговските кризи; се покажува како маса производи кои луѓето со мака ги изработиле, по цени на кои продавачот губи; се гледа како поради банкротите маса капитали, кои сепак со мака биле собрани или бегаат од раце на сопствениците и трговијата покажува колку многу шпекуланти и посредници се натрупале меѓу производителот и потрошувачот! Бала памук произведена во Америка, преоѓа од раце на производителот во раце на прекупецот на било кое пристаниште на Мисисипи. Се носи до Њу Орлеанс каде се препродава на шпекулантот кој ја препродава на извозникот. Балата се носи до Ливерпул каде пак кон неа протега раце некој алчен шпекулант и кој ја приграбува. Тој ја препродава на некој комисионер, кој купува за некоја германска трговска куќа. Така балата памук патува за Ротердам по Рајна, минувајќи низ рацете на една дузина раце на шпедитери и, така, откога била истоварена и товарена десетина пати доаѓа во раце, не на потрошувачот, туку на фабрикантот кој ја потрошува за производство на преѓа, која се продава на ткајачот, овој ткаенината ја продава на бојаџијата, кој ја продава на гросистот (трговец на големо) а овој на деталистот (трговец на ситно), а сите тие посредници, шпекуланти, извозници, комисионери, шпедитери, гросисти, деталисти на самиот предмет кој се препродава не прават ништо, но сакаат да живеат и притоа да извлекуваат профит – а во просек и го извлекуваат, бидејќи инаку не би можеле да опстанат и дури сега стоката се продава на потрошувачот.

Зарем не постои некој поедноставен, поевтин пат да би се донела една бала памук од Америка во Германија, и од неа изработениот фабрикат да се испорача на вистинските потрошувачи отколку овој обемен начин на препродавање по десет пати, претоварање и транспортирање од еден магацин во друг по стопати? Нели е ова убедлив доказ за огромното растурање на работна сила, кое настанува поради различните интереси? Во разумно организирано општество не може да стане збор за таков расипнички транспорт.

Како што лесно може да се знае колку памук треба за една населба, централната управа лесно ќе дознае колкави се потребите на сите места и сите општини во земјата. Кога еднаш ќе се организира ваквата статистичка служба, а таа лесно може да се организира во текот на една или две години, тогаш просекот на годишната потрошувачка ќе се менува само во сразмер на порастот на населението; лесно е, значи, однапред да се одреди која количина од секој производ за одредено време ќе треба за потребите на народот – целата, голема количина непосредно на изворот ќе се нарача и ќе може директно да се добие, без посредници, без поголемо задржување и претоварување отколку што е навистина потребно, значи, со голема заштеда на работна рака. Нема да биде потребно да се остава добивка на шпекуланти, големи и мали трговци. Но, тоа не е уште сè – посредници на овој начин не само што ќе бидат направени безопасни за општеството, туку тие ќе бидат направени корисни. Додека сега тие на штета на целото општество вршат работа која е во најдобар случај, непотребна, дури и директно штетна, а на нив сепак ќе им донесува средства за живот, а во многу случаи – дури и големо богатство – тие во спротивниот случај ќе можат да се ангажираат за корисни дејности во кои ќе се покажат во вистинска корист за општеството, а не како сега, само привидно.

Сегашното општество, кое поединецот го доведува до непријателство со сите останати, предизвикува на тој начин социјална војна на сите против сите, која кај поединци, посебно необразованите, неопходно мора да поприми брутална, варварска, насилна форма, форма на злочин. Да би се заштитило од злочин, од отворено насилство, на општеството му треба голем, замрсен организам на управна и судска власт, кој бара неопходно голема работна сила.

Во комунистичкото општество тоа бескрајно ќе биде поедноставено и тоа токму затоа што во тоа општество управата ќе раководи не само поедини страни од општествениот живот, туку – со целокупниот, живот во сите негови страни. Ние ги укинуваме спротивностите меѓу поединецот и сите други – сите ставаме наспроти социјалната војна, социјален мир, ние удираме со секира по коренот на злочинот и со тоа ја правиме непотребна во најголем дел сегашната дејност и управната и судска власт. Веќе сега злочинот од страст сè повеќе се губи и останува злочинот од користољубие, од интерес, злочинот против личноста опаѓа, злочинот против сопственоста расте. Цивилизацијата која напредува, ги смирува насилните испади на страст во сегашните општества кои стојат спремни за борба, а колку тоа повеќе ќе се прави во комунистичкото, мирољубиво општество! Злочините против сопственоста престануваат сами од себе таму каде секој, го добива она што му е потребно за живот, каде отпаѓаат социјалните градации и разлики. Кривичното судство престанува само од себе. Граѓанското правосудство кое сепак ги расправа само сопственичките односи или барем такви односи кои имаат за претпоставка социјална воена состојба, исто така отпаѓа; споровите тогаш ќе бидат ретки исклучоци, додека денес се природна последица на општото непријателство и лесно ќе биде да се решаваат со помош на одбран судија. Управната власт сега исто така е ангажирана поради постојаната воена состојба – полицијата и целата администрација не прават ништо друго, туку се грижат војната да остане прикриена, индиректна, да не се претвори во отворено насилство, во злочин. Но, ако е бескрајно полесно да се одржува мир, отколку да се задржи во одредени рамки, тогаш исто така е бескрајно полесно да се управува со една комунистичка заедница отколку со заедница со која владеат односи на конкуренција. И ако сега веќе цивилизацијата ги научила луѓето својот интерес да го бараат во сопственото одржување на јавниот поредок, јавната безбедност, јавниот интерес, значи, да ги направат полицијата, управата и судството што понепотребни, колку повеќе ова ќе биде случај со општеството во кое единството на интересот е издигнато на ниво на основен принцип, во кое јавниот интерес повеќе не се разликува од интересот на секој поединец! Она што сега веќе се случува наспроти општествениот поредок, колку повеќе ќе се случува ако општествените установи не го спречуваат, туку го помагаат! Ние, значи, и во оваа смисла може да сметаме значителен пораст на работната сила, која на општеството сегашниот поредок му ја одзема.

Една од најскапите установи без кои сегашното општество не може, е постојаната војска, која на општеството му го одзема најјакиот, најкорисниот дел на населението и го присилува да го храни и така го прави непродуктивен. Тоа чини во Германија 24 милиони годишно и извлекување од производството двапати по 100.000 најснажни раце. Во комунистичко општество ниту еден човек не би помислувал на некаква постојана војска. Зошто е војската? За чување на внатрешниот ред и мир во земјата? На никого нема да му падне на памет да го нарушува овој внатрешен мир. Стравот од револуција е само последица од спротивставените интереси; каде што интересите на сите се поклопуваат, за таков страв не може да стане ни збор. – За агресивна војна? Како едно комунистичко општество би дошло на помисла да презема офанзивна војна, такво општество кое многу добро знае дека во војна губи луѓе и капитал, а во најдобар случај може да добие неколку никакви области, значи, области кои носат пореметување на општествениот поредок?! – За одбранбена војна? За тоа не е потребна никаква постојана војска, бидејќи секој способен член на општеството, и покрај неговите постојани обврски, ќе биде лесно обучен во вистинска, не парадна, воена вештина толку колку е потребно за одбрана на земјата. А покрај тоа, ако се размисли дека членот на едно такво комунистичко општество, во случај на војна, која би можела да избувне само против антикомунистички нации, има да ја брани вистинската татковина, вистинското огниште, дека тој ќе се бори, значи, со такво одушевување, со таква упорност, со таква храброст пред која механичката извежбаност на модерната армија мора да се развее како плева; ако се помисли само на тоа какви чуда направи ентузијазмот на револуционерните армии од 1792 до 1799 година, кои, сепак, се бореа за една илузија, за привидна татковина, тогаш ќе мора да се увиди колку може да биде силна една војска која не се бори за илузија, туку за вистинска реалност. Овие безбројни маси работници, кои сега армиите им ги одземаат на цивилизираните народи, во една комунистичка организација би биле вратени на производството; тие би произвеле не само толку колку што ќе потрошат, туку би можеле да дадат на јавните складишта уште повеќе продукти отколку што е потребно за нивното издржување.

Уште повеќе се растура работна рака во граѓанското општество со начинот на кој богаташите ја користат својата социјална положба. Не треба да се зборува за оној голем, бескорисен и поточно смешен луксуз кој има извор само во разбеснетата желба да се „покаже“ и кој наметнува повеќе работна сила. Но, ако се отиде во куќата, во најинтимниот храм на еден богаташ, и кажете дека тоа не е најлудо растурање на работна сила, бидејќи тука многу луѓе послужуваат еден единствен човек и ленствуваат или, кога ќе загусти, се бават само со такви работи кои имаат извор во изолирањето на секој човек во неговите четири ѕида? Ова мнозинство слугинки, готвачки, лакеи, кочијаши, слуги, домашари, градинари, и како сè уште не се нарекуваат, што поточно тие работат? Колку малку време дневно тие работат за да му го направат животот на својот господар навистина пријатен, да му го олеснат слободното образование и исполнувањето на неговата човечка природа и нејзините вродени дарови – а колку многу часови во текот на денот се бават со работи кои произлегуваат само од лошото уредување на нашите општествени односи: стојат позади на пајтоните, служат на бубачките на господарот, ги носат кученцата во скут зад господарите и прават други смешни работи. Во разумно организирано општество во кое секој се става во положба да може да живее, а да не аргатува на богаташките бубачки и такви бубачки да не им паѓаат на памет, во тоа општество може, се разбира, работната сила која сега се расфрла на луксузни слуги, да биде употребена, за корист на сите и за нејзина сопствена корист.

Едно друго растурање на работната сила во денешното општество се случува директно поради конкуренцијата која создава голем број невработени кои на драга волја сакаат да работат, но не можат да добијат никаква работа. Бидејќи општеството воопшто не е така уредено да би можело да води некаква евиденција за вистинската употреба на работната сила, бидејќи на секој поединец му е препуштено сам да бара извор на заработувачка, сосема е нормално при поделбата на реално или привидно корисни работи, еден број на работници да остануваат со празни раце. Ова се случува толку повеќе што конкуренцијата го тера секој поединец до крајност да ја напрегне својата сила, да ги користи предностите кои ги има, да ја заменува поскапата работна сила со поевтина, за што цивилизацијата која се развива дава секојдневно сè повеќе средства, или, кажано поинаку, секој мора да работи на тоа другиот да го остави без леб, на еден или друг начин да му ја одземе работата на другиот. Така во секое цивилизирано општество има голем број невработени луѓе, кои иако сакаат да работат – не наоѓаат работа. И тој број обично е поголем отколку што се мисли. А во такви прилики, овие луѓе секојдневно ги гледаме како се проституираат, просат, скитаат по улиците, стојат на раскрсниците, со мака и неволја со мали повремени работи ја одржуваат душата во тело, торбарат и тезгарат со секакви ситни стоки кои може да се замислат, или – како што се видоа многу пати – одат од место во место, свират и пејат за пари, присилени да поднесуваат секакви простачки постапки и навреди од луѓето, само за да заработат некој грош. Колку ги има пак оние кои паѓаат како жртви на вистинската проституција. Господо, бројот на овие потполно сиромашни, на кои не им преостанува друго туку на еден или друг начин да се проституираат, е многу голем, нашите институции за помош на сиромашните имаат за тоа што да кажат – а на зборовите дека општеството овие луѓе, иако се некорисни, на овој или оној начин, сепак, мора да ги храни. Ако, значи, општеството мора да ги сноси трошоците за нивно одржување, тогаш тоа би требало и да се грижи овие невработени луѓе чесно да си го заработуваат своето издржување. Но, секогашното конкурентско општество тоа не го може.

Ако се има сето тоа во предвид – а јас би можел да наведам уште многу други примери за тоа како сегашното општество бесмислено ја троши работната сила – ако се има во вид тоа, тогаш ќе увидите дека на општеството му стои на располагање изобилие на работна сила која чека само на разумна организација, на уредена распределба да би зачекорила во дејство за најголема корист на сите луѓе. Од ова може да се заклучи колку малку е основано стравувањето на некои луѓе дека при праведната распределба на општествените дејности врз поединци ќе падне таков товар што ќе им оневозможи да се занимаваат со било што друго. Напротив, можеме да претпоставиме дека при таква организација сегашното вообичаено работно време, со користењето на работната сила која сега никако корисно не се употребува, ќе биде сведено на половина.

Меѓутоа, предноста која ја дава комунистичкото уредување со користење на претходно расфрланата работна сила не е негова најголема предност. Најголема заштеда на работната сила лежи во обединувањето на поединечните работни сили во општествена, колективна сила и во уредувањето кое се темели на концентрацијата на силите што досега стоеја една наспроти друга. Јас тука ќе се придружам кон предлозите на англискиот социјалист Роберт Овен, бидејќи тие се најпрактични и најразработени. Овен предлага наместо сегашните градови и села со нивните одвоени куќи за живеење која една на друга си сметаат – да се подигнат големи палати кои, изградени во квадрат од отприлика 1650 стапки, должина и ширина и опкружени со големи бавчи, можат да дадат удобно сместување за две до три илјади. Јасно е како на дланка дека една таква зграда, иако на станарите ќе им пружи удобност од сега најдобрите станови, сепак, далеку е поевтино и полесно да се изгради отколку поединечните станови кои според сегашниот систем се потребни за ист број луѓе и кои во поголем број се полоши. Многу соби кои сега во секоја пристојна куќа стојат празни или се користат еднаш или двапати годишно, отпаѓаат без никаква штета. Заштедите за простор за шпајз, подруми итн. исто така е голема. Но, ако одблизу погледнеме во домаќинството, тогаш јасно ќе ја увидиме предноста на заедницата, колку труд и материјал се растура при сегашното постоење на поединечни домаќинства, на пример, во греењето на становите! Мора да имате за секоја соба посебна печка, секоја печка треба посебно да се ложи, да се одржува во неа огинот, да се надгледува, огревот мора да се донесува на сите овие различни места и од нив да се изнесува пепелта. Колку е поедноставно и поевтино наместо ова поединечно греење да се воведе едно големо заедничко греење, на пример, со парни цевки и со еден единствен заеднички центар за греење, како што сега веќе се прави во големите општествени локали, фабриките, црквите, итн.! Да го погледнеме и осветлувањето со гас. Тоа сега поскапува поради тоа што дури и потенки цевки мора да лежат под земјата, а цевките воопшто, поради големиот простор кој во нашите градови треба да се осветлува, мора да бидат премногу долги. Во предложеното уредување сè се концентрира во квадрат од 1650 стапки, а бројот на гасните светилки сепак останува ист, па тогаш, значи, и ефектот во најмала рака е ист како во еден просечен град. Потоа, подготвувањето на јадење... Какво значи трошење простор, материјал и работна сила во сегашните расцепкани фамилии, во кои секоја фамилија посебно го подготвува онаа малку свое јадење, има свои посебни садови, зема посебна своја готвачка, мора посебно да донесува намирници од пазар, од бавча, од месар и пекар! Може слободно да се претпостави дека при заедничкото подготвување храна и послужување може да се заштедат две третини од работната сила која сега е ангажирана на оваа работа, а преостанатата третина да може да ја врши подобро и повнимателно својата работа отколку што тоа сега се прави. И, на крај, самите работи околу одржувањето на зградата! Зарем една таква зграда нема да може неспоредливо полесно да се чисти и одржува во добра состојба отколку две до три стотини одвоени куќи, кои при сегашното уредување претставуваат станови за еднаков број луѓе, ако, како што е во овој случај можно, и оваа врста на работа исто така правилно се организира и подели?

Ете, господо, нешто малку од бесконечниот број предности кои мора во економски поглед да произлезат од комунистичката организација на човечкото општество. Немаме можност за неколку часа и со малку зборови да ги разјасниме нашите принципи и како што треба подетално да ви ги објасниме. Тоа во никој случај и не е наша намера. Ние не можеме и не сакаме ништо друго освен да разјасниме некои работи и кај оние луѓе на кои им сè уште туѓи да ги поттикнеме да ги проучуваат. А, се надеваме дека вечерва јасно ви покажавме дека комунизмот ниту е спротивен на човечката природа, разум и срце, ниту е теорија која, не обрнувајќи внимание на стварноста, има корен само во фантазијата.

Се поставува прашање како оваа теорија да се примени во стварноста, кои мерки ги имаме да ги предложиме за да го подготвиме нејзиното реализирање. Постојат различни начини кои водат кон оваа цел; Англичаните, веројатно, ќе почнат со тоа што ќе формираат поединечни колонии и ќе препуштат на секого да одлучи дали да им пристапи или не; Французите, напротив, сигурно ќе подготват и спроведат комунизам во национални рамки. Како тоа ќе започне кај Германците, за тоа малку може да се каже затоа што општественото движење во Германија е уште младо. Меѓу многуте можни подготвителни патишта, јас ќе споменам само еден за којшто во последно време стануваше збор на повеќе места – имено, спроведување на три мерки кои за нужна последица мора да ги има практичниот комунизам.

Прва мерка би била општото воспитување на сите деца, без исклучок, на државен трошок, воспитување кое би било еднакво за сите и ќе трае до моментот кога индивидуата ќе се оспособи за самостоен член на општеството. Оваа мерка би била само акт на праведност кон нашите сиромашни собраќа, бидејќи, очигледно, секој човек има право на потполн развој на своите способности, а општеството двоструко се огрешува кон поединецот кога незнаењето го прави како нужна последица на сиромаштвото. За да има општеството повеќе корист од школувани отколку од нешколувани, прости членови, јасно е како на дланка, а ако просветениот пролетаријат, како што треба да се очекува и не би бил спремен да остане во одредена положба во која се наоѓа нашиот денешен пролетаријат, сепак, само од школувана работничка класа може да се очекува мир и разбраност, кои се нужни за мирно преобразување на општеството. Но, нешколуваниот пролетаријат исто така не сака да остане во оваа положба, тоа на нас и за Германија ни го докажуваат шлеските и чешките немири, а за другите земји и да не зборуваме.

Втора мерка би била потполна реорганизација на службата за згрижување на сиромашните, така што сите граѓани без леб би биле згрижени во колонии, во кои би се бавеле со земјоделство и индустрија и во кои нивното работење би било организирано во корист на целата колонија. Досега, капиталните средства за згрижување на сиромашните се даваа под камата, па така богатите добиваа нови средства за експлоатација на оние кои немаа ништо. Нека еднаш дефинитивно овие капитали навистина служат во корист на сиромашните, нека се употреби за сиромашните сиот допринос од овие капитали, а не само 3% камата, нека се даде прекрасен пример за здружување на капиталот и трудот! На тој начин, работната сила на сите невработени би била употребена во корист на општеството, а тие самите од деморализирани, потиштени сиромаси би биле претворени во морално здрави, независни, работни луѓе и ставени во положба на која многу брзо би им позавиделе поединечните работници, и кои би ја подготвиле темелната реорганизација на општеството.

За овие две мерки потребни се пари. Да би се собрале тие и истовремено да би се замениле досегашните, неправилно одредени даноци, во овој план на реформи се предлага општ, прогресивен данок на капиталот, чија стапка расте со големината на капиталот. На тој начин, трошоците за јавна управа би ги сносел секој според сопствената способност, а не би повеќе, како во сите досегашни земји, воглавно паѓале на товар на оние кои се најмалку способни да плаќаат. Принципот на оданочување е сепак во основа комунистички, бидејќи правото на зголемување на данокот во сите земји се изведува од таканаречената национална сопственост. Бидејќи или приватната сопственост е света, тогаш нема национална сопственост, и државата нема право да собира даноци; или државата го има тоа право, тогаш приватната сопственост не е света, тогаш националната сопственост стои над приватната сопственост и државата е вистински сопственик. Овој последен принцип е општо признат; па, добро, господо, ние засега бараме дури само тоа овој принцип еднаш да се земе во обѕир сериозно, државата да се прогласи за општ сопственик и како таква да управува со јавната сопственост за јавна благосостојба – и таа како прв чекор кон тоа да воведе еден начин на оданочување кој се раководи само според способноста на секого да плаќа данок и според вистинската јавна благосостојба.

Вие гледате, значи, господо, дека не се имало намера заедницата на благосостојба да се воведе преку ноќ и против волјата на нацијата, туку дека непосредно се имало намера да се утврди целта, средствата и патиштата како да се приближиме кон оваа цел. Но, дека комунистичкиот принцип ќе биде принцип на иднината, за тоа зборува развојот на сите цивилизирани нации, за тоа зборува сè побрзото распаѓање на досегашните општествени институции, за тоа зборува здравиот човечки разум и пред сè, човечкото срце.

II

Господо!

На нашиот последен состанок, приговоренo ми е дека своите примери и аргументи сум ги зел скоро само од туѓи земји, посебно од Англија. Речено ми е дека Франција и Англија нас ништо не нè тангираат, и дека ние живееме во Германија и наше е да ја докажуваме нужноста и предноста на комунизмот за Германија. Истовремено префрлено ни е дека не сме ја докажале доволно историската нужност за комунизмот воопшто. Ова е сосема точно, а и не беше можно поинаку. Една историска нужност не може да се докаже за така кратко време колку е потребно за да се докаже поклопувањето на два триаголника; таа може да се докаже само со проучување и со навлегување во подалечни претпоставки. Меѓутоа, денеска, јас ќе направам сè што можам за да ги отстранам и двата приговори; ќе настојувам да докажам дека комунизмот за Германија ако не е историски, тој, сепак, е економска нужност.

Најпрво да ја разгледаме современата социјална состојба во Германија. Дека меѓу нас има многу сиромаштија, е познато. Шлезија и Чешка тоа сами го кажаа. За сиромаштијата на Мозелската и Ајфелската околија весникот „Рајнише Цајтунг“ знаеше многу нешто да каже. Во рудните планини од многу дамнешни времиња непрекидно владее голема беда. Не е подобро ни во Сена ни во вестфалските околии со платнената индустрија. Од сите краеви во Германија се слушаат жалби, а други не треба ни да се очекува. Нашиот пролетаријат е броен и мора да биде броен, како што може да се види и при најповршното разгледување на нашата современа социјална состојба. Дека во индустриските околии мора да постои броен пролетаријат, тоа е сосема природна работа. Индустријата не може да постои без многу голем број работници кои ѝ стојат на потполно располагање, кои работат само за неа и се одрекнуваат од секој друг облик на заработка; работата во индустријата при постоење на конкуренција оневозможува секое друго работење. Оттука во сите индустриски околии наоѓаме пролетаријат кој е премногу броен, премногу воочлив да би можел да се порекнува. – Во земјоделските околии просто не треба да постои пролетаријат, како што тоа се тврди од многу страни. Но, како е тоа можно? Во покраините во кои земјата е парцелизирана исто така не може да се избегне појава на една безимотна класа. Имотите се делат донекаде, а потоа престанува делењето; а бидејќи поради тоа само еден член на семејството може да го добие имотот, другите, сигурно, мора да станат пролетери, работници без имот. А при тоа делењето оди дотаму додека имотот не стане премал да би можел да прехрани една фамилија, па така се создава една класа луѓе која, како и ситната буржоазија во градовите, прави класа на премин од иматели кон непоседници, која нејзиниот имот го задржува и спречува да се бави со други работи, а сепак, не ѝ се даваат средства за да живее од нив. И во оваа класа владее голема сиромаштија.

Дека овој пролетаријат мора бројно постојано да расте тоа ни го гарантира постојаното осиромашување на средните класи, за што поопширно зборував пред осум дена, и тенденцијата на капиталот да се концентрира во мал број раце. Навистина нема потреба денес да се враќам на оваа тема. Забележувам само дека овие причини кои постојано го произведуваат пролетаријатот и бројно го зголемуваат ќе останат исти и ќе имаат исти последици сè додека постои конкуренција. На секој начин, пролетаријатот ќе мора не само да егзистира, туку и постојано да се зголемува, ќе постанува сè повеќе и повеќе заканувачка сила во нашето општество сè додека продолжуваме да произведуваме секој на своја рака и спротивно спрема сите други. Но, пролетаријатот еднаш ќе достигне таков степен на сила и свест што нема повеќе да се согласува да го сноси товарот на целата општествена зграда која постојано лежи на неговиот грб, па ќе бара порамномерна распределба на општествениот товар и права; а тогаш – ако човечката природа во меѓувреме не се измени – нема да биде можно да се избегне општествена револуција.

Ова е прашање во кое нашите економисти уште досега не продреле. Тие и не се интересираат за распределбата, туку само за производството на националното богатство. Ние, сега, меѓутоа, за момент ќе го оставиме на страна тоа дека, како што навистина докажав, општествената револуција е воопшто последица на конкуренцијата; ние сега ќе ги разгледуваме поединечните форми во кои се јавува конкуренцијата, различните економски можности за Германија и ќе видиме што мора да биде последица на секоја од нив.

Германија или, поточно кажано германскиот царински сојуз, има моментално царинска тарифа juste-milieu (златна средина). Нашите царини се премногу ниски да би биле навистина заштитни царини, а премногу високи за слободна трговија. Според тоа можни се три работи: или да поминеме на потполна слободна трговија, или да ја штитиме нашата индустрија со доволно високи царини, или да останеме при сегашниот систем. Да ја разгледаме секоја од овие можности.

Ако прокламираме слободна трговија и ги укинеме царините, тогаш ќе ја упропастиме целокупната наша индустрија со исклучок на неколку нејзини гранки. Тогаш, не би можело воопшто да стане збор за предилниците за памук, за механичкото ткаење, за повеќе гранки на индустријата за памук и волна, за позначајни гранки на свиларската индустрија и скоро за целокупната индустрија за добивање и обработка на железо. Работниците кои во сите овие гранки ќе останат без работа, масовно ќе бидат фрлени во земјоделието и на остатоците од индустријата; пауперизмот насекаде ќе расте, централизацијата на имотот во мал број раце би се забрзала со таква брзина, и судејќи по случувањата во Шлезија, последици на оваа криза нужно би биле општествена револуција.

Ако воведеме заштитни царини. Тие од неодамна станаа љубимци на поголемиот број наши индустријалци и поради тоа заслужуваат одблизу да ги разгледаме. Господинот Лист желбите на нашите капиталисти ги прикажа во вид на систем, па јас ќе се држам за овој систем, кои тие во поголем број го признаа за свое начело. Господинот Лист предлага заштитни царини кои постепено би се зголемувале и кои најпосле треба да бидат доволно високи што на фабрикантите ќе им го обезбедат внатрешниот пазар; тогаш треба за некое време да се остане на оваа висина, а потоа пак да се пристапи на смалување, така што најпосле, по низа години, се прекине со таква царинска заштита. Да земеме дека овој план се изведува, да се декретираат заштитни царини кои треба да растат. Индустријата ќе нарасне; уште невложените капитали ќе се фрлат во индустриските претпријатија, ќе порасне побарувачката за работници, а потоа и реалната наемнина, домовите за сиромашни ќе се празнат, ќе настапи, како што изгледа според сè, состојба на најголем процвет. Ова трае додека нашата индустрија не се развие толку да го подмири домашниот пазар. Понатака таа не може да се проширува, бидејќи без заштита не е во состојба да го држи домашниот пазар, уште многу помалку може нешто да направи на неутралните пазари против надворешната конкуренција. Сега, меѓутоа, мисли господинот Лист, домашната индустрија била толку јака што не ѝ треба многу заштита, па би можела да почне да ги смалува заштитните царини. Да дозволиме за момент дека е така. Царините се смалуваат. Ако не при првото, а тоа сигурно при секое второ или трето смалување ќе настапи такво смалување на заштитата што надворешната – да кажеме отворено – англиската индустрија, може на германскиот пазар да конкурира на нашата сопствена индустрија. Самиот господин Лист го сака тоа. Но, какви последици ќе има тоа? Германската индустрија мора од тој момент да ги издржи сите колебања, сите кризи заедно со англиската. Штом прекуморските пазари ќе се преполнат со англиска стока, Англичаните, како што го прават тоа сега, и како што тоа поточно го прикажува господинот Лист многу чувствително, своите целокупни залихи ќе ги фрлат на германскиот пазар, кој им е најдостапен, и така Царинскиот сојуз повторно ќе го направат своја антикварница. Тогаш англиската индустрија наскоро пак ќе се подигне, бидејќи нејзин пазар е целиот свет, бидејќи е потребна на целиот свет, додека германската индустрија не е потребна повеќе ни за сопствениот пазар, додека таа во својата сопствена куќа мора да се плаши од конкуренцијата на Англичаните и да се жали поради изобилието на англиска стока, која за време на кризата се истури врз нивните потрошувачи. Тогаш нашата индустрија ќе мора докрај да ги почувствува сите кризни периоди на англиската индустрија, додека во периодите на нејзиниот процут ќе може да земе само скромно учество; накратко, ние тогаш ќе стоиме на иста точка на која и сега стоиме. И да би го виделе веднаш конечниот резултат, тогаш ќе ни се појави иста тешка состојба во која сега се наоѓаат полузаштитените гранки, ќе се гасат едно по друго претпријатијата, а нови нема да настануваат, нашите машини ќе застаруваат, а ние нема да бидеме во состојба да ги замениме со нови, подобри, застојот ќе се претвори во назадување и, по тврдењето на самиот господин Лист, една по друга индустриските гранки ќе пропаѓаат и на крајот сосема ќе згаснат. Но, тогаш ќе имаме броен пролетаријат кој го создала индустријата, а ќе нема животни средства, ни работа; тогаш, господо, пролетаријатот ќе бара работа и леб од имотните класи.

Така работите ќе стојат ако царините се смалат. Да претпоставиме сега дека тие не се смалуваат, дека остануваат на исто ниво и дека сакаме да чекаме меѓусебната конкуренција на домашните фабриканти да ги направи непотребни, па тие да се снижат. Последица на оваа состојба ќе биде тоа што германската индустрија штом биде способна потполно да го снабди домашниот пазар, ќе стагнира. Нови претпријатија повеќе не се потребни, бидејќи постоечките можат да го подмират пазарот, а како што кажавме погоре, на нови пазари не може ни да се помисли сè додека заштитата е сè уште потребна, но индустријата која не се шири не може ниту да се усовршува. Како што е во застој кон странство, така ќе биде и во застој и кон внатрешните потреби. Во неа не може да се подобрува машинеријата. Старите машини сепак не може да се фрлат, а за нови не може да се најдат нови претпријатија во кои тие би можеле да се применуваат. Меѓутоа, другите нации чекорат напред, па застојот на нашата индустрија се претвара во назадување. Наскоро Англичаните нивното унапредување ќе ги оспособи така евтино да произведуваат, што ќе можат спротивно на заштитните царини да конкурираат на нашиот сопствен пазар на нашата индустрија во застој, а бидејќи во конкурентската борба, како и во секоја друга победува посилниот, нашиот дефинитивен пораз ќе биде сигурен. Тогаш настапува оној ист случај за којшто зборував погоре: вештачки создадениот пролетаријат ќе бара од имотните класи нешто што тие, додека сакаат да останат сопственици, не можат да го извршат и ете ти општествена револуција.

Сега е можен уште еден случај, имено, оној многу неверојатен, што на нас Германците со помош на заштитните царини ќе ни појде од рака својата индустрија да ја развиеме дотаму што таа и без заштита може да им конкурира на Англичаните. Да претпоставиме дека тој случај настапил; која ќе биде негова последица? Штом почнеме да им конкурираме на Англичаните, на надворешните неутрални пазари, ќе настане борба на живот и смрт меѓу нас и англиската индустрија. Англичаните ќе запнат со сета сила да нè отстранат од пазарот кои досега го снабдувале, тие мора да го сторат тоа, бидејќи тука ќе биде нападнат нивниот животен извор, нивното најчувствително место. А со сите средства со кои располагаат, со сите предности на една стогодишна индустрија тие ќе успеат да нè елиминираат. Тие ќе ја одржат нашата индустрија во границите на нашиот сопствен пазар и со тоа ќе ја запрат, а тогаш ќе настапи истиот случај што го прикажавме погоре: ние ќе стагнираме, Англичаните ќе одат напред, и нашата индустрија во своето неизбежно пропаѓање не е во состојба да го прехрани пролетаријатот, која самата вештачки го создала и настапува општествена револуција.

Но, да претпоставиме дека сме ги победиле Англичаните на неутралните пазари, дека сме откинале еден по еден од нивните канали за пласирање, и што ќе добиеме во овој, всушност, невозможен случај? Во најсреќен случај, уште еднаш ќе направиме индустриска кариера која Англија веќе ја поминала пред нас и, за покусо или подолго време, ќе стигнеме таму каде што Англичаните стојат сега – имено во предвечерјето на општествената револуција. Но, по сè е веројатно дека тоа никако не би можело да трае долго. Постојаните победи на германската индустрија неизбежно ќе ја разорат англиската и само ќе го забрзаат масовното востание на пролетаријатот против сопственичките класи во Англија кое секако претстои. Сиромаштијата, која набрзо би настапила, ќе ги натера англиските работници на револуција, како што работите сега стојат, една таква општествена револуција ќе изврши огромно повратно дејство на континенталните земји, посебно на Франција и Германија кои би морале да бидат толку појаки во колку форсираната индустрија во Германија би создала повеќе вештачки пролетаријат. Таков еден пресврт веднаш ќе добие европски димензии и многу жестоко ќе ги наруши соновите на нашите фабриканти за некој индустриски монопол во Германија. Но, конкуренцијата оневозможува мирно постоење на германска и англиска индустрија една покрај друга. Секоја индустрија мора, повторувам, да напреднува за да не би заостанала и пропаднала, мора да се проширува, да освојува нови пазари, постојано да го наголемува бројот на свои претпријатија. Но, бидејќи откога е отворен кинескиот пазар, не може да се освојуваат повеќе нови пазари, туку само постоечките може да бидат подобро искористени, бидејќи значи проширувањето на индустријата во иднина ќе оди побавно отколку досега, Англија ќе може конкуренцијата да ја трпи уште помалку отколку што беше случај досега. За да ја сочува својата индустрија од пропаѓање, таа мора да ги гуши индустриите на сите други земји; одржувањето на индустрискиот монопол за Англија не е повеќе прашање на повеќе или помалку добивка, тоа за неа постанува животно прашање. Конкурентската борба меѓу нациите е и онака веќе пожестока, многу поодлучна отколку меѓу поединците, бидејќи е концентрирана, бидејќи борбата на масите може да ја заврши само со одлучна победа на едната и потполн пораз на другата страна. И затоа една таква борба меѓу нас и Англичаните без оглед каков ќе биде нејзиниот резултат, не би била од корист ни за нашите ни за англиските индустријалци, туку, како што веќе докажав, само би ги повлекла по себе општествените револуции.

Според тоа, ние, господо, видовме што има Германија да очекува во сите можни случаи, како од слободната трговија така и од заштитните царини. Ќе имаме пред себе само уште една економска можност, имено, да останеме при сега постоечкиот juste-milieu (златна средина) царини. Но, ние веќе горе видовме какви би биле последиците од тоа. Нашата индустрија – гранка по гранка – би морала да пропаѓа; индустриските работници би западнале во беда, а ако таа би растела до одреден степен, работниците ќе ги напаѓаат сопственичките класи.

Вие, значи, господо, гледате дека и во поединости ви го потврдив она што на почетокот ви го реков збирно, тргнувајќи од конкуренцијата воопшто, имено, дека неизбежна последица на нашите постоечки општествени односи под сите услови и во сите случаи би била општествена револуција. Со иста сигурност со која од дадените математички принципи можеме да изведиме еден нов став, можеме и од постоечките економски односи и принципи на политичката економија да заклучиме дека постои општествена револуција. Но, да го разгледаме овој пресврт поблизу: во која форма ќе се појави, кои ќе бидат неговите резултати и во што тој пресврт ќе се разликува од досегашните насилни пресврти? Господо, општествената револуција е нешто сосема поинакво отколку досегашните политички револуции; таа не е насочена, како овие, против сопственоста на монополот, туку против монополистичката сопственост, општествена револуција – тоа е, господо, отворена војна на сиромашните против богатите. А таква една борба, во која јасно и отворено доаѓаат до израз сите оние мотиви и причини кои тлееле во основата на досегашните историски конфликти, таква една борба се заканува да биде пожестока и покрвава отколку сите досегашни кои ѝ претходиле на таа претстојна револуција. Резултат на оваа борба може да биде двостран: или партијата која се буни ја напаѓа само појавата, а не и суштината, само формата, а не и самиот предмет или продира во самиот предмет и го сече самиот корен. Во првиот случај и понатаму ќе постои приватна сопственост само поинаку би се разделила, така и понатаму би останале причините кои довеле до сегашната состојба и кои порано или подоцна мора пак да создадат слична состојба и да доведат до нова револуција. Но, господо, дали е тоа можно? Каде можеме да најдеме револуција која не би го спровела навистина она од што тргнала? Англиската револуција спроведе како религиозни така и политички принципи, чие сузбивање од страна на Карло I и ја предизвика оваа револуција; француската буржоазија во својата борба против благородништвото и старата монархија извојува сè што сакаше, ги отстрани сите злоупотреби кои ја тераа на востание. А зарем востанието на сиромашните треба да се смири пред да го укине сиромаштвото и неговите причини? Тоа, господо, не е можно; да се смета дека такво нешто е можно би значело да се откажеме од секое историско искуство. И нивото на просветеноста на работниците, посебно во Англија и Франција, не ни зборува дека ова би било можно. Преостанува, значи, само друга алтернатива, имено, идната општествена револуција да завлезе и во вистинските причини на неволјите и сиромаштвото, непросветеноста и злосторството, таа, значи, ќе спроведе вистинска општествена реформа. А оваа реформа може да се спроведе само врз основа на прокламирање на комунистичкиот принцип. Да ги разгледаме само, идеите кои ги покренуваат работниците во земјите во кои работникот мисли; погледајте ги во Франција различните фракции на работничкото движење, зарем сите тие не се комунистички; појдете во Англија и послушајте какви сè предлози даваат работниците за подобрување на нивната состојба, зарем сите тие не се темелат на принципот на заедничка сопственост; проучете ги различните системи на социјални реформи – колку меѓу нив ќе најдете кои не се комунистички? Од сите системи кои денес имаат важност, единствен некомунистички е тој на Фурие, кој своето внимание повеќе го свртел кон човечките дејности, отколку на распределбата на нивните производи. Сите овие факти го оправдуваат заклучокот дека идната општествена револуција ќе биде спроведена по комунистички принцип и едвај допуштаат некоја друга можност.

Ако, господо, овие заклучоци се точни, ако општествената револуција и практичниот комунизам се нужен резултат на нашите постоечки односи, тогаш пред сè ќе мора да се бавиме со мерките со кои може да надминеме еден насилен и крвав пресврт на општествената состојба. Но, за тоа постои едно средство, имено – мирно воведување или барем подготвување на комунизам. Ако, значи, не сакаме крваво решение на општествениот проблем, ако не сакаме да допуштиме спротивноста меѓу просветеноста и животната положба на нашиот пролетер која секојдневно постанува сè поголема да се развие до точката на која, според сите наши искуства на човечката природа, оваа противречност ќе се разреши со брутална сила, очајност и одмаздољубивост, тогаш, господо, мораме сериозно и непристрастно да се бавиме со општествените прашања, тогаш мораме да си земаме за должност да го придонесеме својот удел во очовечувањето на положбата на модерните хелоти. Но, ако на некој од вас можеби би можело да му изгледа дека досега потиснатата класа не би можела да се издигне без извесно снижување на нејзината сопствена животна положба тогаш сепак треба да помисли на тоа дека цел е создавање на таква животна положба за сите луѓе, положба во која секој слободно ќе може да ја развива својата човечка природа, ќе живее со своите блиски во еден правилен човечки однос и нема да се плаши од никакви насилни промени на својата животна положба; тогаш треба да се има во вид дека она што поединци треба да го жртвуваат не е нивното вистинско животно уживање, туку само привидот на животно уживање, кое е производ на нашите лоши прилики, нешто што оди против сопствениот ум и сопственото срце на оние кои сега уживаат во овие привидни предности. Ние не само што нема да го разориме вистинскиот човечкиот живот со сите неговите потреби и услови, туку спротивно, баш сакаме да ги воспоставиме. Па, ако вие, и независно од ова, посакате само еднаш добро да размислите какви последици мора да предизвика сегашната состојба, во каков лавиринт на спротивности и нереди нè води, тогаш господо, секако ќе најдете дека вреди труд сериозно и темелно да се проучуваат општествените прашања. И ако сум успеал на тоа да ве поттикнам, тогаш моето предавање потполно ја постигнало својата цел.


Забелешки на преведувачот

[1] „Двата говора во Елберфелд“ Енгелс ги одржал на 8 и 15 февруари 1845, на собирите на кои се дискутирало за комунизмот и со кои раководел Мозес Хес. За овие дискусии Енгелс му пишува на Маркс од писмото од 22 февруари 1845 год.: „Тука во Елберфелд се случуваат прекрасни работи. Вчера во најголемата сала, и тоа во првата гостилница во градот, го одржавме нашиот трет комунистички собир. На првиот имаше 40, на вториот 130, а на третиот, најмалку 200 луѓе.“


Маркс-Енгелсова интернет архива

марксистичка интернет архива