В. И. Ленин

До членовите на Централниот комитет


Напишано: 24 октомври (6 ноември) 1917
Првпат објавено: 1924 година.
Извор: „Револуција: македонско списание за историја, теорија и пракса на марксизмот“, Скопје, ноември 2017, бр. 1, 20-21 стр.
Превод: Лазар Фотев
Онлајн верзија: мај 2018


Другари!

Овие редови ги пишувам вечерта на 24-ти; ситуацијата е неверојатно критична. Јасно е како ден дека секое колебање за востанието е навистина исто што и смрт.

Јас, другари, со својата сила ве уверувам вас дека сега се виси на конец, дека на дневниот ред се прашања кои не ги решаваат ниту конференции, ниту конгреси (па дури ни конгресите на советите), туку исклучиво народите, масите, борбата на вооружените маси.

Буржоаскиот напад на корниловците, отстранувањето на Верховски, покажува дека не смее да се чека. По секоја цена треба, вечерва, ноќеска да се уапси владата, разоружувајќи ги (да се убијат ако се противат) јункерите, итн.

Не смее да се чека!! Можно е да се изгуби сè!!

Да се земе власта веднаш – значи да се одбрани народот (не конгресот, туку народот, војската и селаните во прв ред) од владата на Корнилов која го отстрани Верховски и скова втора Корниловева завера.

Кој треба да ја земе власта?

Тоа сега не е важно: нека ја земе Војно-револуционерниот комитет „или некое друго тело“ кое ќе изјави дека ќе ја предаде власта само на вистинските претставници на интересите на народот, интересите на војската (предлагање на мир веднаш), интересите на селаните (земјата треба да се земе веднаш и да се укине приватната сопственост), интересите на гладните.

Сите реони, сите полкови, сите снаги треба веднаш да се мобилизираат, и веднаш да испратат делегации во Војно-револуционерниот комитет, во ЦК на болшевиците, и упорно да бараат: до 25-ти во никој случај власта да не се остави во рацете на Керенски и компанијата, никако; неминовно работите да се решаваат вечерва или ноќеска.

Историјата на револуционерите кои би можеле да победат денес (и сигурно ќе победат денес), а кои би ризикувале утре да изгубат многу, би ризикувале да изгубат се, нема да им го прости колебањето.

Земајќи ја власта денес, ние не ја земаме против советите, туку за нив.

Преземањето на власта е работа на востанието; неговата политичка цел ќе се покаже после освојувањето.

Колебливо да се чека гласањето од 25-ти октомври би било пропаст или формалност, народот има право и должен е таквите прашања да ги решава со сила, а не со гласања; народот има право и должен е во критичните моменти на револуцијата на своите претставници да им го покажува правецот, па дури и на своите најдобри претставници, а не да ги чека.

Тоа го докажа историјата на сите револуции, и злочинот на револуционерите би бил бескраен кога тие би го пропуштиле моментот знаејќи дека од нив зависи спасот на револуцијата, предлагањето на мирот, спасот на Петроград, спасот од глад, предавањето земјата на селаните.

Владата се колеба. Треба да се дотепа по секоја цена!

Колебање во акција е исто што и смрт.


Ленинова архива

Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива