Карл Кауцки

Поуките од Октомврискиот експеримент


Напишано: 1925
Извор: What Next?
Превод: Здравко Савески, од англиски и германски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2009


Деспотизмот на Болшевичката партија во Русија изгледа дека е посилен и помалку ранлив од кога и да е. А сепак покажува знаци на колапс. Тоа се покажа неодамна при случајот со Троцки. На прв поглед може да се чини дека неговото брзо и лесно решавање го зацврсти диктаторскиот режим до највисок степен и покажа дека сега не е можна никаква опозиција на овој режим. Но, токму леснотијата со која беше сузбиена опозицијата покажа колку веќе е длабоко внатрешното пропаѓање на болшевизмот. Зашто ова не беше некоја надворешна опозиција што се соочи со сегашните господари на Русија, туку опозиција од самите нивни редови, опозиција од страна на човек кој заедно со Ленин ја создаде диктатурата и ја оправдуваше како практично така и теоретски, додека мнозинството од сегашната владејачка елита на Русија на почетокот зазеде колеблив и нерешителен став кон неа - и тоа поради многу добри причини.

Оваа позиција која ја зазеде Зиновјев и компанија е јасно прикажана во неодамнешните дела на Троцки, „Ленин“ и „1917“ [„За Ленин“ и „Поуките од Октомври“], и уште појасно од фактот што тие не знаат како да одговорат на неговите критики освен преку замолчување на критичарот.

Но и нешто друго се покажува преку овие две дела, а особено од второто: како дури и најдобрите умови на болшевизмот паднале интелектуално.

Троцки зборува со презир за „парламентарниот кретенизам“ на социјалдемократијата, под што тој го подразбира секое интересирање за парламентарните процедури и секое вклучување во таквите акти. 

Енгелс, кој го воведе тој израз, под тоа подразбираше нешто друго: ограничениот менталитет на некои парламентарци кои веруваат „дека целиот свет, неговото минато и иднина, се водат и се одредени од мнозинството гласови во тоа конкретно претставничко тело што ја има честа да ги брои нив помеѓу своите членови“ ("Revolution und Konterrevolution in Deutschland", S. 107, 108. Објавено под Марксовото име, но главно напишано од Енгелс).

Но на такво преценување на нечија сфера на активност не се наидува само кај парламентарците. Во секое поле на човечка активност може да се забележи истата вообразеност помеѓу ограничените умови.

Откако Троцки се вклучи во борбата за власт, а потоа и откако дојде на власт, тој исто така потпадна под кретенизам (во значењето дефинирано тука). Но не од парламентарниот тип. Неговиот е поинаков тип: тој е милитаристички. Троцки верува дека сите проблеми на нашето време можат да се решат преку воената сила. Тој дури сакаше и да го оживее стагнирачкото производство на Советска Русија преку нејзино безобѕирно милитаризирање. А сепак тоа стагнираше токму бидејќи вишок милитаристички дух веќе преовладуваше кај државната администрација и национализираната индустрија. Троцки исто така бедно потфрли со својата милитаризација на трудот.

Тоа не го направи попаметен. Тој сè уште мисли дека човек може сè да направи преку воена сила. Во својата неодамнешна книга тој сака да ги извлече „поуките од револуцијата“, но при тоа тој не разгледува ниту еден економски или општествен фактор, туку само воените. На едно место со сета сериозност зборува за составување на „прирачник за граѓанска војна“ (68 страна од германското издание, издадено од Е. Лауб, Берлин).

На друго место тој пишува: „Нужно е сосема поинаку да му пристапиме на проблемот на граѓанската војна и особено на вооруженото востание. Заедно со Ленин, ние често ги повторувавме Марксовите зборови дека востанието е уметност. Но оваа идеја се претвора во празна фраза кога Марксовата формула не е надополнета со проучување на основните елементи на уметноста на граѓанската војна, врз основа на огромното акумулирано знаење од скорешните години.“ (75 стр.)

Точно е дека Енгелс (не Маркс, во веќе цитираната книга за револуцијата и контрареволуцијата во Германија, 117 стр.) кажува: „...востанието е исто толку уметност колку војната или другите уметности и подложно на одредени правила.“ 

Но овие правила на Енгелс му изгледаат многу едноставни. Овде тој не размислува да напише официјален прирачник за револуцијата. Овие правила, според Енгелс, се сочинети од две: „Прво, никогаш не си подигрувај со востанието, освен ако не си целосно подготвен да се соочиш со последиците од твојата игра.“[1] Овој пасус од официјалниот прирачник за револуцијата под итно треба да го научи наизуст секој член на Комунистичката Интернационала.

А потоа Енгелс кажува: „Второ, штом започне востанието, делувај со најголема решителност и преземи ја офанзивата.“ Тоа денес сè уште е неспорен принцип кој, сепак, се разбира дека е применлив само кога „востанието започнало“. Но, во својата книга Троцки воопшто не се занимава со тоа. За него „уметноста на востанието“ е всушност уметноста на остварување на едно востание. Со тоа Енгелс повторно не се занимава. Тој, во контекст на германските востанија од 1849 година, расправа околу прашањето како треба да се продолжи во востанието кое избувнало сосема спонтано, при ситуација кога реакцијата им се закануваше на императорскиот устав и Националното собрание и, поради тоа, како што би кажал Троцки, поради „парламентарен кретенизам“. Сите бранители на Националното собрание во тој момент делуваа заеднички и Енгелс му се приклучи на востанието на ситната буржоазија во Баден и на таков начин стана, да ја искористиме болшевичката фразеологија, „лакеј на буржоазијата“.

Наспроти тоа, Троцки не само што ја испитува уметноста на отпочнување востание, туку се работи за востание од доста особен тип, чија уметност тој ја развива; не за востание против контрареволуцијата, во кое сите бранители на револуцијата делуваат заеднички, туку за востание против останатите револуционери, кои мора да бидат поразени ако не прифатат да бидат командувани од Ленин и Троцки.

Енгелс со огорченост би отфрлил учество во такво востание - а Маркс не помалку од тоа. Впрочем, во „Комунистичкиот манифест“ тие кажаа: „Комунистите не претставуваат посебна партија наспроти останатите работнички партии.“[2] Тие беа најостри противници на секташтвото во рамките на големата класна партија, која беше нивна цел. Тие во секташтвото гледаа знак на незрелост на работничкото движење.

Ленин и Троцки не само што го прифатија овој знак на незрелост на движењето како свој најважен принцип и од болшевизмот направија најнетолерантна од сите секти, туку тие отидоа уште потаму дури и од она до каде стигнаа најнезрелите социјалистички секти: тие пропагираа и спроведоа вооружено востание на својата секта против другите работнички партии - како што покажува Троцки, на почетокот спротивно на противењето на значителен дел од сопствените поддржувачи, кои со право се плашеа од таков вид граѓанска војна, барем сè дотогаш додека самите не ја вкусија привлечноста на власта. Оној што ја практикува уметноста на ваквото востание, не може на ниту еден начин да се повикува на Енгелс или Маркс. Такво востание не може да настане од спонтаната акција на масите и, како што и самиот Троцки покажува, суштински услов за неговиот успех беше измамувањето на масите во врска со целта на акцијата и успивањето на другите социјалисти, со кои дел од болшевиците се вклучија во пријателски преговори, додека истовремено другиот дел донесе машински пушки против нив. Самиот Троцки презеде на себе да се подбива со меншевиците зашто веруваа во чесноста на болшевиците.

Она што се случи во октомври 1917 година во Петерсбург токму не беше спонтано востание на масите, како она во февруари истата година, туку државен удар, кој самите Ленин и Троцки го извршија, целосно на стариот руски начин. На уметност за такви државни удари мисли Троцки и нив ги разбира подобро од некој друг. Неговиот успех не докажува дека тоа е патот до социјализам кој пролетаријатот треба да го следи насекаде, туку само дека во многу работи Русија сè уште нема напредувано од времето под Катерина Втора.

Сведоштво е за Троцкиевиот воен кретенизам тоа што тој мисли дека треба да се знае само прирачникот за такви востанија за да се биде способен тие да бидат создавани по желба, насекаде и во секое време. Ако светската револуција сепак не се случила, тоа очигледно се должи на фактот дека прирачникот сè уште не е готов.

Тој не гледа дека успехот на државниот удар во 1917 година се должеше на услови од доста специфичен тип кои постоеја само во Русија во тоа време и кои не постојат денес во никоја земја во светот, а најмалку во капиталистичкиот свет. Претставува незамислива ограниченост да се мисли дека уметноста на октомврискиот пуч од 1917 година претставува каква било поука за меѓународниот пролетаријат.

До денес Троцки сè уште нема сфатено кои се вистинските поуки што треба да се извлечат од овој пуч. Тој мисли: „... за проучување на законитостите и методите на пролетерската револуција до денес не постои поважен и потемелен извор од нашето октомвриско искуство“ (14 стр.). Но, за него пролетерската револуција е идентична со „вооруженото преземање на власта“.

Преземање на власта од кого? Од пролетаријатот? Самиот Троцки смета дека рускиот пролетаријат не е способен да се стекне со државната власт. Тој зборува само за „организирање на пролетерската авангарда“ за вооружено востание. Под тоа мисли на Комунистичката партија. Но таа самата беше поделена во октомври, како што покажува Троцки. Во тоа време, настрана од Ленин и Троцки, речиси сите водачи на болшевизмот имаа сомнежи околу востанието. Така, на крајот „пролетерската револуција“ е сведена на преземање на власта од страна на командантите на авангардата: Ленин и Троцки.

Дали она за што се бореа сите мислители и борци на рускиот социјализам од Чернишевски до Плеханов и за што сите негови безбројни маченици ја пролеаја својата крв беше Ленин и Троцки да се стекнат со апсолутна власт? Не, тие сакаа да ја ослободат Русија и да воспостават услови под кои би било можно пролетаријатот да развие сила и зрелост што ќе му овозможат да се ослободи себеси.

Во октомври 1917 година мнозинството од самите болшевици сè уште знаеше дека тоа беше задачата на пролетерската револуција и поради таа причина тие беа против преземањето на власта што го планираа Ленин и Троцки; не поради тоа што во принцип беа против преземањето на власта од страна на пролетаријатот, што би било бесмислица, туку бидејќи беа против типот на преземање на власта што го планираа тие двајцата, зашто предвидоа дека само зло може да настане за Русија и за нејзиниот пролетаријат, како што е покажано од изјавите што ги цитира Троцки на Зиновјев, Лозовски и другите, „искусните револуционери, старите болшевици“ кои Троцки ги обвинува дека прифатиле во суштина социјалдемократска позиција во тој „многу клучен период“ (76 стр.).

Тоа беше позицијата што ја прифаќаше целото социјалистичко и револуционерно движење дотогаш. Дури откако ги ставија рацете врз власта, тие колебливи болшевици, како и многу други успешни револуционери пред нив што се заразиле од власта, го заборавија своето минато и сите сфаќања што ги инспирираа кога тие самите мораа да водат тешки битки против постојната власт.

За Ленин и Троцки, во текот на октомвриските денови, во суштина се работеше само за лична моќ, а не за преземање на власта од страна на пролетаријатот.

Троцки повеќепати  истакнува дека Ленин во тоа време со право велеше: сега или никогаш. И, за волја на вистината, тој имаше право околу ова ако целта беше само тоа Ленин да ја преземе целата власт. За тоа услови можеби постоеја само во хаосот на октомври 1917-та. Штом овој критичен момент поминеше, можеби за Ленин повеќе нема да беше можно да ја присвои апсолутната власт за себе. Но, од гледна точка на преземањето на власта од страна на пролетаријатот, во октомври би било смешно да се каже: „Сега или никогаш“! Во сите индустриски земји пролетаријатот незадржливо мора, со развојот на самата индустрија, да стекне сила и зрелост и неговата победа е осигурана. И оваа победа, што ќе се појави од борбите на безбројните милиони, не може да зависи од тоа дали некој поединец го погодил вистинскиот момент или не.

Патем кажано, каква противречност е тоа, од една страна да се каже дека во Русија имаше само една единствена посебна ситуација, еден единствен момент, кој никогаш нема да се повтори, за востание преку кое комунистите ќе ја преземат власта, а од друга страна дека вистинскиот момент за светската револуција постојано се повторува!

Во 1917 година, врз основа на својот утопизам, кој сега испадна онолку примитивен колку и екстремен, Ленин сè уште можеше да мисли дека само штом ја освои власта, сè ќе биде освоено за пролетаријатот. Тој ќе го искова новото општество преку неколку тешки удари со чеканот.

Но, денес уште да се верува, по искуството од последните седум години, дека централниот проблем на социјализмот се состои само во прашањето како да се освои власта, без какво било разгледување на средствата, целите и условите за тоа освојување - да се зборува денес за поуките од „октомврискиот експеримент“ и да се дискутира само околу прашањето на воената победа на сопствената секта, или уште повеќе, нејзината врховна команда, без ниту најмало посочување на економските и општествените услови на тоа време, значи да се покаже речиси застрашувачки воен кретенизам. Војската се занимава само со поразувањето на непријателот, уништување на неговите ресурси и наметнување во сопствените редови слепа послушност на сите потчинети. Таа не се интересира за ништо друго.

А тоа е токму она што го мисли Троцки денес. Нему не му паѓа на ум дека е неопходно да испита дали оние во неговите сопствени редови кои тој ги обвинува дека се „социјалдемократи“, „меншевици“ и „помагачи на буржоазијата“ можеби биле во основа во право кога во државниот удар против братските социјалистички партии видоа опасност за напредокот на Русија и на нејзиниот пролетаријат, дури и ако тие денес се срамат од својата тогашна разумност. Можеби денес фактите зборуваат на јазик кој не може да биде разбран и кој јасно покажува во каква „слепа уличка“, да ги употребам зборовите на Вересаев,[3] Русија и нејзината работничка класа беа доведени преку „октомврискиот експеримент“. Денешните властодршци таму сè уште не разбираат ништо од ова. И како посегаат по противречни средства, трудејќи се да ја стекнат довербата на капиталистите и владите во странство за да добијат заеми, истовремено пропагирајќи соборување на овие влади и капиталисти преку светска револуција, тие сè подлабоко заглибуваат во мочуриштето.

Оној што на работите гледа од економска гледна точка ќе забележи дека „октомврискиот експеримент“ во никој случај не е успех. Сепак, воено тој успеа. Сите противници во Русија се победени и е воведена слепа послушност на потчинетите, не само помеѓу населението, туку и во Црвената Армија и во самата Комунистичка партија.

А денес Троцки сепак нема да мисли толку позитивно за „октомврискиот експеримент“ како што мислеше пред неколку месеци, кога ги напиша своите последни трудови. А можеби и научи некои лекции од овој експеримент кој досега го залажуваше.

За него, централниот проблем во текот на октомвриските денови беше освојувањето на власта, на личната власт. Тоа изгледаше како целосен успех: Ленин и Троцки станаа автократи на кои сите им се потчинуваа. Самиот Троцки го даде најголемиот придонес за изградбата на тој ужасен апарат на господарење, чија машина меле сè што е подготвено да им пркоси на властодршците. Но, видете! Како што се чини, поради чисто лични разлики поклоненикот на власта доаѓа во судир со неговите соработници кои, по повлекувањето на Ленин од управувањето, се одомаќинија на врвот од државата, а тој самиот е смачкан од оваа безмилосна машина. До толкава беспрекорна функционалност ја доведе! Каков успех! Она што за него беше средство за целосна власт го осуди на целосна обезвластеност! Така, неговата „умешност“ им даде власт на оние што тој самиот ги критикува како „меншевици“ и „опортунисти“. А поради тоа и како пљачкаши и убијци!

Можеби сега Троцки ќе почне да има нешто помалку презриво мислење за демократијата.

Дека човек како Троцки можеше да биде симнат толку брзо и лесно, кога тој, и покрај сите свои слабости, сепак стои една глава повисоко од своите болшевички противници и кога тој направи толку многу за нивниот државен апарат, е многу изненадувачки. Додуша, во историјата доста често се случувало Патрокло, па дури и самиот Ахил да паднат, а Терзит да се врати;[4] и неретко се случувало во дуелот помеѓу Терзит и Ахил првиот да победи преку некој валкан трик. Но дека Ахил го предизвикува Терзит на дуел и при првиот знак на отпор го положува оружјето без борба - тоа во историјата речиси и да не се има случено. А исто толку ретко се има случено целата војска од негови другари, која се борела покрај него, да застане зад Терзит и ентузијастички да одобрува кога Ахил ќе биде протеран. Таа појава е сериозен симптом на внатрешната слабост на болшевизмот. Таа изгледа доста сериозна, бидејќи можеби е најупадлива, но таа во никој случај не е единствената од својот вид. При една така декадентна општествена структура како Советска Русија, судирите помеѓу членовите на владејачката каста се неизбежни. Но, досега секој обид на некој дотогашен поборник на Комунистичката партија да искаже критика на владата завршуваше со преместување на критичарот во некоја синекура и негова осуда на молчење. И секој од нив тоа тивко го прифаќаше.

Тоа покажува не само дека Медузината глава на теророт и на Чека ја скамени масата од населението, туку изгледа дека го уби целиот независен живот помеѓу оние што неа ја држат во своите раце. Таа ги преобразува самите поборници на владејачката партија во робови и субмисивни креатури.

Тоа е многу прикладно за постојните властодршци, сè додека сè си тече глатко. Но, толку полошо за режимот ако влезе во криза што ќе го загрози неговото постоење. Тогаш залудно ќе бара бранители. Дали некој мисли дека оние што без збор против дозволија да падне еден Троцки, ќе ги ризикуваат своите животи за да спасат еден Зиновјев?

Леснотијата со која беше совладан Троцки покажува дека региментата на болшевизмот има многу малку луѓе со кичма во своите редови. Таа е колос со глинени стапала, кој повеќе не може да преживее ниту една сериозна криза и кој дури не е способен за никаква обнова одвнатре.

Првата длабока криза со која ќе се соочи мора да заврши со негова катастрофа.


Забелешки на преведувачот

[1] Подвлекол Кауцки.

[2] Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Манифест на Комунистичката партија“, глава 2.

[3] Кауцки го цитира рускиот прогресивен писател Викентиј Вересаев (1867-1945).

[4] Патрокло, Ахил и Терзит се ликови од старогрчкиот еп „Илијада“. Според „Илијадата“ Ахил го убива Терзит, бидејќи тој го исмева во врска со смртта на Амазонката Пентесилеа.


Архива на Карл Кауцки

Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива