Ерих Фром

Непослушноста како психолошки и морален проблем


Напишано: 1963
Извор: Ерих Фром „За непослушноста и други есеи“, „Комунист“, Скопје, 1989, 7-13 стр.
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска
Техничка обработка: Ивица Антески
Онлајн верзија: декември 2010


Со векови кралевите, свештениците, феудалните господари, индустриските шефови и родителите тврделе дека послушноста е добродетел, а непослушноста порок. За да се соочиме и со поинакво гледиште, наспроти оваа позиција, ние ќе го поставиме следново тврдење: човечката историја започнала со чинот на непослушноста, и не е неверојатно дека ќе заврши со чинот на послушноста.

Според еврејските и грчките митови, човечката историја започна со чинот на непослушноста. Додека живееја во рајската градина, Адам и Ева беа дел од природата; живееја во хармонија со неа без да ја надминат. Тие живееја во природата како плодот на утробата на мајката. Беа луѓе, но истовремено сè уште не беа луѓе. Сето тоа се промени кога тие ја прекршија заповедта. Раскинувајќи ги врските со земјата мајка, прекинувајќи ја папочната врвка, човекот излезе од предчовечката хармонија, па можеше да го направи првиот чекор кон независноста и слободата. Чинот на непослушноста ги ослободи Адам и Ева и им ги отвори очите. Еден во друг тие видоа туѓинци, а надворешниот свет им стана чуден, дури и непријателски. Нивниот чин на непослушност ја раскина првобитната врска со природата и ги направи индивидуи. „Првобитниот грев“ не го расипа човекот, туку го ослободи; тоа беше почеток на историјата. Човекот мораше да ја напушти рајската градина за да научи да се потпира врз своите сопствени сили и да стане целосен човек.

Пророците во своето месијанско учење ја потврдија идејата дека човекот со право бил непослушен; дека неговиот „грев“ него не го расипал, туку го ослободил од оковите на пред-човечката хармонија. За пророците, историјата е местото каде што човекот станува човечен; растејќи, тој ги развива своите сили на разумот и љубовта, сè додека не создаде нова хармонија помеѓу себе, својот ближен и природата. Оваа нова хармонија, опишана како „крај на деновите“, е оној период од историјата во којшто постои мир помеѓу човек и човек, и помеѓу човекот и природата. Тоа е „нов“ рај создаден од самиот човек, рај што тој го создаде затоа што, заради својата непослушност, беше присилен да го напушти стариот.

Според еврејскиот мит за Адам и Ева, како и според грчкиот мит за Прометеј, целата човечка цивилизација е заснована врз чинот на непослушноста. Крадејќи го огнот од боговите, Прометеј ги удри темелите на човечката еволуција. Да не беше Прометеовиот „злочин“ ќе немаше никаква човечка историја. Исто како Адам и Ева и тој беше казнет за својата непослушност. Но, тој не се покаја и не побара прошка. Напротив, гордо извика: „Повеќе сакам да сум окован на оваа карпа, отколку да им бидам покорен слуга на боговите.“

Човекот продолжи да се развива преку чиновите на непослушност. Неговиот духовен развиток беше можен само затоа што постоеја луѓе кои се осмелуваа, во името на својата совест и верба, да им кажат „не“ на моќниците, а и неговиот интелектуален развиток исто така беше условен од способноста да се биде непослушен - непослушен кон авторитетите што се обидуваа да ги затајат новите мисли и кон авторитетите на старите сфаќања што промената ја прогласуваа за бесмислица.

Ако способноста за непослушност го овозможи почетокот на човечката историја, тогаш послушноста може, како што веќе реков, да го предизвика нејзиниот крај. Јас не зборувам симболично или поетски. Можно е, па дури и веројатно, дека човечкиот род ќе ја уништи цивилизацијата, а можеби и целиот живот на земјата, во следните пет до десет години. Нема никаква рационалност ниту пак смисла во сето тоа. Но, факт е дека денес, додека од технички аспект живееме во атомско доба, повеќето луѓе - вклучувајќи го најголемиот дел од оние кои се на власт - емотивно сè уште живеат во камено доба; додека нашата математика, астрономија и природните науки му припаѓаат на дваесеттиот век, повеќето од нашите идеи за политиката, државата и општеството далеку заостануваат зад векот на науката. Доколку човештвото изврши самоубиство, тоа ќе биде затоа што луѓето ќе ги послушаат оние што ќе им наредат да ги притиснат смртоносните копчиња; затоа што ќе ги послушаат архаичните страсти на стравот, омразата и алчноста; затоа што ќе ги послушаат застарените клишеа на државниот суверенитет и националната чест. Советските раководители многу зборуваат за револуции, а ние во „слободниот свет“ многу зборуваме за слободата. Сепак, и тие и ние ја обесхрабруваме непослушноста - во Советскиот сојуз отворено и со сила, а во слободниот свет прикриено и со многу посуптилни методи на убедување.

Притоа, јас не мислам дека секоја непослушност е доблест, а секоја послушност порок. Таквото гледиште би го занемарило дијалектичкиот однос помеѓу послушноста и непослушноста. Во ситуација кога принципите што се почитуваат и оние што не се почитуваат се непомирливи, чинот на послушност кон едниот принцип, нужно претставува чин на непослушност кон спротивниот и vice versa. Антигона е класичен пример на оваа дихотомија. Ако им се покори на нечовечните закони на државата таа нужно ќе ги прекрши законите на човечноста. Доколку ги послуша вторите, нужно ги прекршува првите. За да можат да ја послушаат својата сопствена совест, законите на хуманоста и разумот, сите маченици на религиозната верба, слободата и науката мораа да не ги послушаат оние што сакаа нив да ги замолчат. Доколку човек може само да послуша, а не и да не послуша, тој е роб; ако човек може само да е непослушен, а не и послушен, тој е бунтовник (не револуционер); тој истапува од гнев, разочарување и навреда, а не во името на некое убедување или принцип.

За да се избегне терминолошка збрка, треба да се направи една важна определба. Послушноста кон личност, институција или некоја моќ (хетерономна послушност) претставува потчинетост; тоа повлекува откажување од мојата автономност и прифаќање на туѓа волја или суд, наместо моите сопствени. Послушноста кон сопствениот разум или убедување (автономна послушност) не е чин на потчинетост, туку чин на афирмација. Моето убедување и мојот суд, доколку се автентично мои, претставуваат дел од мене. Доколку нив сакам да ги следам повеќе отколку судовите на другите, тогаш јас сум свој, па така зборот послушен, би се употребувал само во метафорична смисла, со значење што е фундаментално различно од она во случајот на „хетерономната послушност“.

Во оваа дистинкција потребни се уште две определби, една во однос на поимот совест, и друга во однос на поимот авторитет.

Зборот совест се употребува за да изрази две појави кои се сосема различни една од друга. Едната е „авторитарна совест“ и претставува повнатрешнет глас на авторитетот кому сакаме да му угодиме, а се плашиме да не не му угодиме. Повеќето луѓе ја искусуваат авторитарната совест кога ја слушаат својата совест. Тоа е онаа совест за која зборуваше и Фројд, нарекувајќи ја „супер-его“. Супер-егото ги претставува повнатрешнетите наредби и забрани на таткото, што синот ги прифаќа од страв. Поинаква од авторитарната совест е „хуманистичката совест“; тоа е гласот што е присутен во секое човечко суштество и што е независен од надворешните награди и казни. Хуманистичката совест почива врз фактот дека ние како човечки суштества имаме интутитивно знаење што е хумано, а што нехумано, што е продуктивно, а што е деструктивно за животот. Оваа совест е во служба на нашето функционирање како човечки суштества. Тоа е гласот кој не повикува да се свртиме кон нас самите и кон нашата човечност.

Авторитарната совест (супер-егото) сè уште е послушност кон некоја моќ што е надвор од мене самиот, иако таа моќ е повнатрешнета. Свесно, јас верувам дека ја следам мојата совест; а всушност јас сум ги проголтал принципите на моќта; токму поради илузијата дека хуманистичката совест и супер-егото се идентични, повнатрешнетиот авторитет е многу поефикасен од оној за кој сум сигурен дека не е дел од мене. Послушноста кон „авторитарната совест“, т.е. способноста да се биде свој и да се просудува самостојно.

Од друга страна, тврдењето дека послушноста кон друга личност е ipso facto потчинетост, треба да се појасни со разграничувањето помеѓу „ирационалниот“ и „рационалниот“ авторитет. Пример за рационален авторитет може да се најде помеѓу ученикот и учителот; а за ирационален во односот меѓу робот и господарот. И обата односа се засноваат врз фактот дека се прифаќа авторитетот на некоја личност која наредува. Динамички, тие сепак се од различна природа. Во идеална ситуација, интересите на ученикот и учителот се движат во иста насока. Учителот е задоволен доколку ученикот напредува; но доколку ученикот не успее во тоа, неуспехот е негов, но и на учителот. Од друга страна пак, господарот сака да го експлоатира робот колку што е можно повеќе. Колку повеќе добива од него, толку е позадоволен. Во исто време, робот се обидува, во рамките на своите можности, да ги одбрани своите потреби за минимум среќа. Интересите на робот и господарот се антагонистички, бидејќи она што е добивка за едниот, претставува штета за другиот. Супериорноста на едниот над другиот има различна функција во двата случаи; во првиот, таа е услов за напредување на личноста раководена од авторитетот, а во вториот, таа е услов за неговата експлоатација. Другата дистинкција оди паралелно со оваа: рационалниот авторитет е рационален затоа што авторитетот, било да се врзува за учителот или пак за капетан на брод кој дава наредби во случај на опасност, дејствува во името на разумот е универзален. Ирационалниот авторитет мора да применува сила или сугестија бидејќи никој не би дозволил да биде експлоатиран доколку е во можност да го спречи тоа.

Зошто човекот е склон да биде послушен и зошто му е тешко да биде непослушен? Сè додека сум послушен кон моќта на државата, црквата или јавното мислење, јас се чувствувам сигурен и заштитен. Всушност не е ни важно на која моќ и’ се покорувам. Таа е секогаш некоја институција или луѓе кои применуваат сила на овој или на оној начин и коишто прокламираат сезнаење и семоќ кои всушност се лажни. Мојата послушност ме прави дел од моќта што ја обожувам и затоа се чувствувам силен. Не можам да згрешам, бидејќи таа одлучува за мене; не можам да бидам осамен, бидејќи таа бдее над мене; не можам да направам грев, бидејќи таа не ми дозволува, а и да сторам грев, казната е само начин за враќање кон семоќната моќ.

За да биде непослушен човек мора да има храброст да биде сам, да згреши и да прави гревови. Но храброста не е доволна. Способноста за храброст зависи од тоа колку е развиена личноста. Доколку личноста успеала да се оттргне од мајчините пазуви и татковите наредби и да израсне во целосно развиена единка која може да мисли и чувствува за себе, тогаш таа ќе има храброст да и’ каже „не“ на моќта и да биде непослушна.

Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и’ се спротивстави на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Доколку се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам „не“ и не можам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината.

Постои уште една причина зошто е тешко да се биде непослушен и да и’ се каже „не“ на моќта. Во најголемиот дел од човечката историја послушноста се поистоветувала со доблест, а непослушноста со грев. Причината е едноставна: од дамнешни времиња, низ историјата малцинството владеело над мнозинството. Ваквото владеење било нужно заради фактот што средства за живот во доволна мера имало за малкумина, додека за мнозинството останувале само ронките. Ако малцинството сакало да ги ужива овие средства и згора на тоа мнозинството да го опслужува и да работи за него, тогаш бил неопходен следниов услов: мнозинството требало да се научи на послушност. Се разбира дека послушноста може да се постигне со сила. Но таквиот метод има многу недостатоци. Тој постојано носи опасност дека еден ден малцинството може да биде симнато од мнозинството со сила; натаму, постојат многу видови работа кои не можат да се извршуваат како што треба, доколку зад послушноста стои стравот. Затоа, послушноста која е вкоренета во стравот од силата мора да биде трансформирана во послушност која е вкоренета во човековото срце. Човекот треба да сака, дури и да чувствува потреба за послушност, наместо да чувствува страв од непослушноста. За да го постигне тоа, власта мора да ги преземе квалитетите на Сето Добро и Сета Мудрост; мора да стане Сезнаење. Во тој случај власта може да изјави дека непослушноста е грев, а послушноста доблест; откако ова еднаш е прокламирано, мнозинството ќе ја прифати послушноста затоа што таа е добра, а ќе ја мрази непослушноста затоа што е лоша, наместо да се презираат себе си што се кукавици. Од времето на Лутер до деветнаесеттиот век човекот се соочуваше со отворен и експлицитен авторитет. Лутер, папата и кнезовите го поддржуваа; средната класа, работниците и филозофите се обидуваа да го искоренат. Борбата против авторитетот во државата како и во семејството често беше основа за развитокот на независна и смела личност. Оваа борба против авторитетот беше неразделна од интелектуалното расположение карактеристично за филозофите на Просветителството и за научниците. Ова „критичко расположение“ се одликуваше со вербата во разумот и со сомневање во сè што беше збор или мисла доколку беше засновано врз традицијата, суеверието, обичаите или моќта. Принципите sapare aude и de omnibus est dubitandum - „да се осмелиме на мудрост“ и „во сè мора да се сомневаме“ - беа својствени за становиштето кое ја поттикнуваше и унапредуваше способноста да се каже „не“.

Случајот на Адолф Ајхман е симболичен за нашата ситуација и има значење што е далеку поголемо од она за што го обвинија тужителите во судницата во Ерусалим. Ајхман е симбол на човекот на организацијата, на отуѓен бирократ за кого мажите, жените и децата станале бројки. Тој е симбол на сите нас. Ние можеме себе си да се видиме во Ајхман. Но, најстрашната работа кај него е тоа што откако го призна сето она за што беше обвинет, тој со совршено цврста верба можеше да пледира на сопствената невиност. Јасно е дека доколку повторно би се нашол во слична ситуација, тој повторно би го сторил истото. Би го сториле и ние - а тоа и го правиме.

Човекот на организацијата ја загубил способноста за непослушност, тој дури не е ни свесен за фактот дека е послушен. Во овој момент од историјата, способноста за сомневање, критичност и непослушност можеби е единственото нешто што стои помеѓу иднината на човештвото и крајот на цивилизацијата.


Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива