Ото Бауер
Болшевизам или социјалдемократија?


14.

ДИКТАТУРАТА И ДЕМОКРАТИЈАТА

    Моќта на една класа е одредена, прво, од општествените фактори на моќта и, второ, од средствата на материјална сила со кои таа располага.

Општествените фактори на моќта кои ја одредуваат моќта на една класа во прв ред се: прво, бројот на класни приврзаници; второ, видот, силата, способноста за делување на нејзините организации; трето, нејзината положба во процесот на производство и распределба, која ги одредува економските средства на сила со кои располага; четврто, силата на нејзиниот политички интерес, нејзината подвижност, активност, пожртвуваност; петто, нивото на нејзиното образование, степенот на нејзината способност преку своите духовни средства да влијае врз своите класни приврзаници и на другите класи, привлечната сила на нејзината идеологија.

Средствата на материјална сила со кои располага една класа е количеството мускули способни за одбрана со кои таа командува, количеството и усовршеноста на оружјето со кое таа може да ги снабди овие мускули, доброто водење и добрата организација со кои е способна да ги снабди своите вооружени сили.

Демократијата е оној облик на држава во кој распределбата на силите во државата е одредена исклучиво од општествените фактори на моќ и не е нарушена од примената на материјалните средства на сила во корист на една класа.

Во демократската држава сите општествени фактори на моќта ја одредуваат распределбата на силите. Пред сé бројот: колку една класа е помногубројна толку посилно влијае на резултатот од изборите и толку повеќе е застапена во народната војска. Потоа организацијата: колку е подобра, на пример, организацијата на пролетаријатот толку тој повеќе влијае на составот и активностите на демократскиот парламент. Понатаму, положбата во процесот на производство: на буржоазијата нејзиното богатство и' дозволува преку својот печат, преку големото трошење пари при изборите да влијае врз избирачите; индустрискиот пролетаријат, збиен во фабриките може подобро да ги организира изборите отколку пролетаријатот расеан по полињата и по селските куќи; преку прекинување на работите кои се неопходни за општеството, пролетаријатот може успешно да влијае врз законодавството. Исто и политичката живост и културното ниво: интелигенцијата, независно од својот број, врши силно влијание како производител на “јавното мислење"; селаните на почетокот секогаш беа само “гласачки добиток", чии гласови другите класи ги користат за себе и дури по неколку десетлетија образование учат да го користат избирачкото право за своите сопствени класни интереси.

“Општата волја" на демократската држава е резултат само на општествените фактори на моќта. Кога, на пример, капиталистичкиот напредок го зголемува бројот на пролетери, ја зајакнува нивната организација, ја разбудува нивната класна свест, го подигнува нивното културно ниво, тогаш во иста мера расте и моќта на пролетаријатот во демократската држава.

Онаму каде што бројот на работниците е толку мал или каде што нивната класна свест е толку малку развиена што поседничките класи располагаат со мнозинството од гласовите, таму демократската држава е средство на власта на поседничките класи. Водството на поседничките класи по правило паѓа во рацете на буржоазијата: демократијата тогаш е буржоаска демократија. Но при одредени околности и погледите и интересите на селаните можат да стават свој печат врз законодавството и управувањето со демократската држава: демократската држава тогаш станува селанска република. Ако работничката класа веќе претставува преовладувачко мнозинство од избирачите и ако класната свест на работниците во градовите и селата веќе толку се зголеми што работниците повеќе не дозволуваат врз нив да влијае капиталистичкиот печат и капиталистичките изборни трикови, тогаш работничката класа ја освојува власта во демократската држава, државата станува средство на нејзината власт, демократијата станува пролетерска демократија. Демократијата е само облик; дали овој облик ќе биде исполнета со капиталистичка, селанска или пролетерска содржина зависи од општествените фактори на моќта. Демократијата е средство за класната власт, но ова средство може, според степенот на развој на општествените фактори на моќта, да падне во рацете на различни класи, во рацете на буржоазијата, селаните и пролетаријатот. Ако демократијата по правило е сé уште облик на власт на буржоазијата, таа на определен степен на развиток на општествените фактори на моќта станува облик на власт на пролетаријатот.

Се разбира, како и секоја држава, така и демократската држава почива врз силата. Но демократската држава ја употребува силата на оружјето само со цел да го обезбеди важењето на своите закони, наредби, прописи против малцинствата кои се спротивставуваат. Но содржината на овие закони, наредби, прописи не е одредена од силата на една класа, туку исклучиво од општествените фактори на моќта на класите.

Напротив, во сите други облици на држави силата има сосема друга функција. Да го видиме, на пример, Германскиот рајх пред Ноемвриската револуција. Ако Германија беше демократија пред 1918, тогаш семејството Хоенцолерни, генералите, јункерите, тешката индустрија, бирократијата, ќе имаа многу послабо влијание од она што навистина го имаа, а работничката класа би имала многу посилно влијание. Уставот што го имаше Германија, со своите институции на монархијата, со Сојузното собрание, со тро-класното избирачко право, со Горниот дом, со бирократските управни организации, со офицерските привилегии итн., им даваше поголема власт на јункерите и капиталистите, а на работниците помала власт отколку што им одговараше на општествените фактори на моќта. А овој Устав беше можен и се одржуваше поради тоа што владејачките класи располагаа со материјалната сила, со војската. Сите недемократски облици на држава почиваат на тоа дека една класа со помош на силата го создава и одржува поредокот кој нејзе и' дава повеќе власт, а на другите класи помалку власт отколку што тоа им одговара на општествените фактори на моќта. Сите недемократски устави, значи, почиваат нарушување на општествените фактори на моќта. Во секој недемократски устав постои противречност помеѓу правната распределба на силите, одржувана преку сила, и општествената распределба на силите, определена од општествените фактори на моќта - противречност која демократскиот облик на власт не ја содржи.

Но ако силата може да заснова и одржува распределба на силите кои не им одговара на општествените фактори на моќта, сепак и самата сила е зависна од општествените фактори на моќта. Таа зависи од развитокот на општествените фактори на моќта, дали една класа ќе успее да влијае, да ја придобие, одвнатре да ја распрсне војската која се користи за насилства врз неа, или да и' ги одземе средствата на нејзината материјална егзистенција, или наспроти неа да постави друга војска. Поради тоа, нарушувањето на општествените фактори на моќта секогаш може да се одржи само додека не стане премногу голема противречноста помеѓу правната и општествената распределба на силите. Кога Третиот сталеж [во Франција пред 1789] сé уште не беше ништо во правната распределба на силите, а во општествената распределба веќе беше сé, тогаш револуцијата го сруши апсолутистичкото уредување на државата.

Како и секој недемократски поредок така и диктатурата на советите почива на тоа што една класа, во овој случај пролетаријатот, преку силата на оружјето му наметна на општеството устав кој на владејачката класа и' обезбедува поголема власт отколку што би можела да ја има при демократскиот поредок, значи, при слободно делување на општествените фактори на моќта. Како и секој друг недемократски поредок, така и диктатурата на советите може да се одржи само тогаш кога противречноста, која постои и кај неа, помеѓу правната и општествената распределба на силите не е преголема.

Како и секој недемократски поредок така и диктатурата на советите може да биде воспоставена само преку насилно потчинување на класите над кои се владее, значи, преку граѓанска војна. И во Русија можеше диктатурата на советите да биде обезбедена само преку граѓанска војна против Каледин, Дутов, Колчак, Деникин, Јуденич, која траеше две и пол години. И таму граѓанската војна имаше за последица огромно економско разорување, пустошење на целиот систем на производство и транспорт, паѓање на градските пролетерски маси во беда. И покрај тоа во Русија можеше да се зацврсти диктатурата на советите. Благодарение на економската и политичката слабост на буржоазијата и на некултурноста на селаните, револуционерната авангарда на пролетаријатот може да го одржи своето самовластие. Противречноста помеѓу правната и општествената распределба на силите сé уште не е толку голема за советската диктатура да мора да се скрши; самовластието на пролетаријатот во Русија може да се одржи сé додека културното подигање на селаните суштински не ја промени општествената распределба на силите и со тоа да ја направи неодржлива сегашната правна распределба на силите.

Сосема е поинаку во Западна и Средна Европа. Овде пролетаријатот стои наспроти неспоредливо посилна буржоазија, наспроти неспоредливо понепријателска интелигенција, но пред сé наспроти поинакви селани. Поради тоа овде диктатурата на советите би можела да се извојува и да се одржи само преку уште пострашна граѓанска војна отколку во Русија. Овде социјализацијата на производството бара многу пообемна преобразба и преселба на народните маси и поради тоа треба да го совлада многу посилниот отпор на посебните интереси на поодделни слоеви работници отколку во Русија. Овде прекинот на трговските односи со странство би имал неспоредливо потешки последици. Овде самиот пролетаријат потешко би ја поднесувал семоќта на централната државна власт, многу брзо самиот би се спротивставил на диктатурата која на почетокот не би можела да му донесе ништо друго освен граѓанска војна, глад, принуда за преминување на нови струки и за преселување на нови места на живеење. Тука диктатурата многу брзо би се скршила при економски и општествен хаос.

Ако овде диктатурата на советите едвај е можна на подолго време, таа овде ниту му е потребна на пролетаријатот за освојување на власта. Додека во Русија пролетаријатот претставува само мало малцинство од населението, тој во секоја модерна индустриска држава е мнозинство од населението. Поради тоа тој овде може, за разлика од Русија, да ја освои власта во државата врз основа на демократијата и преку средствата на демократијата. Денес тој ја нема оваа власт поради тоа што сé уште духовно стои под влијание на буржоазијата, што широките слоеви работници сé уште не се ослободија од влијанието на капиталистичките изборни трикови, од капиталистичкото воспитување. Но кој себеси еднаш си ја претставил целата големина и целата огромна тешкотија на економскиот процес на социјализација во модерната индустриска држава, тој не може да верува дека оваа џиновска задача може да ја совлада пролетаријатот кој духовно не е доволно зрел ниту да се ослободи од влијанието на капиталистичките изборни трикови.

Секако, и кога ќе ја освои пролетаријатот политичката власт преку средствата на демократијата, буржоазијата ќе се спротивставува на неговата власт. Таа ќе се крене против демократската држава, ќе одбива послушност на нејзините закони, ќе го саботира нејзиното управување, штом демократијата стане пролетерска демократија. И демократскиот парламент ќе мора да се фати за диктаторските средства на сила, ќе треба да ја скрши саботажата, па можеби и активниот отпор на буржоазијата преку диктаторска, можеби и преку терористички средства, штом овој парламент стане средство на власта на работничката класа. И тоа може да се нарече диктатура на пролетаријатот, но тоа е сосема поинаква диктатура отколку диктатурата на болшевизмот. Тоа не е диктатура против демократијата, туку диктатура на демократијата. Тука силата не бара извојување на правна распределба на силите која е во противречност со општествената распределба на силите, туку само ја обезбедува распределбата на силите која веќе е определена од општествените фактори на моќта, против бунтот на малцинството. Во овој случај силата на пролетаријатот не ги потчинува општествените фактори на моќта, туку го спроведува нивното важење против насилството на малцинството кое им се спротивставува. Таквата борба може да доведе до тешки економски и општествени потреси, но онаму каде што силата само ја брани правната распределба на силите која му одговара на веќе достигнатиот степен на развиток на општествените фактори на моќта, овие потреси сепак ќе бидат помалку тешки отколку онаму каде што силата сака да извојува правна распределба на силите која е во противречност со општествената распределба на силите.

Се разбира, никако не е сигурно дека историјата ќе му дозволи на пролетаријатот да ја воспостави својата диктатура дури по освојувањето на политичката власт преку средствата на демократијата, значи, во облик на диктатура на демократскиот парламент и на локалните демократски самоуправни тела. Може многу лесно да се случи развојот на класните борби да го принуди пролетаријатот на преодна диктатура уште во фазата во која тој сé уште не може да владее преку средствата на демократијата. Во периодот на одлучувачки борби за власт помеѓу буржоазијата и пролетаријатот, класната спротивност прекумерно се заострува. Острината на класната спротивност може да ја сруши демократијата. Може да настапи состојба при која буржоазијата повеќе не е доволно силна да владее над пролетаријатот преку средствата на демократијата, а пролетаријатот сé уште не е доволно силен да владее над буржоазијата преку средствата на демократијата и при таа состојба распределбата на силите помеѓу двете класи - во облик на коалиција помеѓу буржоаските и пролетерските партии, како во Германија и Австрија, или во облик на доброволно толерирање на буржоаската власт од страна на пролетаријатот, како во Италија - пропаѓа поради заострувањето на класните спротивности. Ако демократскиот апарат повеќе не може да функционира, тогаш мора или буржоазијата или пролетаријатот да воспостави своја класна власт преку средствата на сила. Во тој случај, диктатурата на пролетаријатот станува единственото средство за спречување на бруталната, контрареволуционерна диктатура на буржоазијата.

Во тој случај, диктатурата на пролетаријатот ќе мора да земе поинакви облици од онаму каде што пролетаријатот веќе ги освои законодавните тела на демократијата. Овде диктатурата на пролетаријатот не може да го земе обликот на диктатура на демократијата, туку само обликот на диктатура на пролетерските класни организации. Овие класни организации можат да бидат работничките совети, како во Русија, можат да бидат месни самоуправни тела кои пролетаријатот веќе ги освоил, како во Париз 1871, но можат да бидат и синдикатите. Во Русија, каде што револуцијата наиде на пролетаријат кој штотуку почна да се организира, само работничките совети можеа да станат организмот на неговата власт; во Средна и Западна Европа, каде што синдикатите одамна се вистински носители на секојдневните пролетерски акции, при одредени околности можат и тие да ја преземат оваа функција, зашто имаат далеку подобро организиран апарат отколку советите и дотолку побрзо што нивната централизирана организација значително го олеснува брзото собирање на локалните власти на пролетерската диктатура во една централна власт.

Но не станува збор за обликот на пролетерска диктатура, туку за нејзината општествена содржина. Ако пролетаријатот ја прогласи диктатурата за траен облик на својата класна власт, како политичко средство за совладување на капиталистичкото општествено уредување, тогаш диктатурата го раскинува целиот континуитет на економскиот процес и на општествено управување и неизбежно настапуваат сите оние страшни општествени и економски потреси поради кои во Западна и Средна Европа диктатурата би морала да се скрши. Напротив, кога пролетаријатот ја смета диктатурата само за средство и ја прогласува само како средство за спасување на демократијата од опасноста која непосредно и' се заканува, од антидемократската контрареволуција, или за решавање на еден судир на кој демократијата наседна, но по исполнувањето на оваа задача ја доведува државата до демократски облици, тогаш при одредени околности можат да се отстранат овие опасности. Огромната задача на преобразба на производството, на рационализирање на производството и распределбата на производите, на префрлање на работните маси од една струка во друга и на други места, во Западна и Средна Европа може да биде решена само врз основа на месен и струков self-government, само преку соработка и контрола на сите слоеви од народот кои сé уште вршат важни функции во општествениот работен процес, значи, само на тлото на демократијата. Овде диктатурата може да ја обезбеди демократијата против контрареволуционерните опасности или да ја брани против отпорот на малцинството, но таа самата не може да сака да ги реши задачите кои може да ги реши само демократијата.

Уште по Брест-литовскиот мир Троцки напиша: “Кауцки докажа дека за работничката класа на крајот на краиштата секогаш и' е од корист да ги задржи основите на демократската изградба. Општо зборувајќи, тоа, се разбира, е секогаш точно. Но ако на крајот на краиштата е корисно за пролетаријатот својата класна борба, па дури и својата диктатура, да ја води во границите на демократските установи, тоа никако не значи дека историјата секогаш му овозможува на пролетаријатот таква комбинација. Од марксистичката теорија никако не произлегува дека историјата секогаш создава услови кои се 'најповолни' за пролетаријатот."[1] Овој став на Троцки сигурно е точен, но од него произлегува: 1. дека пролетаријатот нема секогаш и секаде да тежнее кон диктатура како своја цел, туку треба и мора да се одлучи за диктатура таму каде што самата историја го принудува на тоа; 2. дека пролетаријатот мора да се држи до диктатурата само додека на тоа го принудуваат историските услови, но штом “историјата му овозможи таква комбинација", мора да се стреми “својата класна борба, па дури и својата диктатура, да ја води во границите на демократските установи". Но вообичаената комунистичка доктрина не ги извлекува овие заклучоци. Таа ги смета посебните историски услови, кои го принудија рускиот пролетаријат на диктатура, за општи услови на пролетерската класна борба воопшто, таа верува дека демократијата никогаш не може да биде или да стане нешто друго освен “прикриена диктатура на буржоазијата", дека пролетаријатот не може да ја оствари својата власт поинаку освен преку советска диктатура и дека оваа диктатура на советите мора да трае додека “државата не одумре, а со неа и самите класи".[2] Од Троцкиевиот став овде повеќе ништо не останува.

Вистина е дека државата секогаш е владејачки орган на една класа. Но облиците на класна власт се менуваат во текот на развитокот. Уште во последниот човечки век пред војната власта на буржоазијата во Западна и Средна Европа повеќе не почиваше врз отворено, сурово обесправување на пролетаријатот. Буржоазијата можеше да ја врши својата класна власт само уште преку облиците на демократијата. Во едно високо-цивилизирано општество, во кое сите класи земаат учество во јавниот живот, повеќе не е можна на подолго време ниту една друга класна власт освен онаа која и на потчинетите класи им дозволува слобода на натпреварување за “јавното мислење", учество во создавањето на државната колективна волја и контрола на нејзиното делување; значи, како класна власт чиј опстанок почива на општествените фактори на моќта, а не на нејзините материјални средства на сила. Овде и класната власт на пролетаријатот на подолго време ќе биде можна само во истите облици и под истите претпоставки. Поради тоа овде диктатурата на пролетаријатот не може да биде ништо повеќе од преодно средство за освојување, обезбедување и зацврстување на демократијата. Но големата задача на преобразба на целата национална економска организација, што е задача на социјализмот, овде нема да може да биде решена преку краткорочна диктатура; тука диктатурата може само да го обезбеди и зацврсти тлото врз кое економската задача на социјализмот ќе може да биде решена преку демократско работење кое ќе трае со десетлетија.

_______________________

Фусноти

[1] Троцки “Од Октомвриската револуција до Брест-литовскиот мировен договор", Берлин, 1919, 95 стр.

[2] “Директиви на Комунистичката интернационала", усвоени во март 1919. Спореди “Основањето на Третата интернационала", Виена, 1919.